„Странство“ ни е синонимот за надеж. Место каде сè е полесно, подобро, поубаво.

Нема сомнеж дека многу нешта во Македонија не чинат. Меѓу другото, и тоа што поради визи, економска состојба и традиционална инерција ретко патуваме. Како резултат, немаме реална слика за тоа како е да се живее во странство, па или идеализираме или оцрнуваме.

Но, нештата никогаш не се црно-бели. Малку веројатно дека во странство тече мед и млеко или пак, дека сè е најлошо во „туѓина – јабана“. А затоа што избегнуваме да шпекулираме – прашавме четири „дијаспорци“ да ни кажат што им се допаѓа, а што не од животот надвор од Македонија.

Станува збор за млади луѓе кои повеќе години учат и работат во Швајцарија, Шведска, Италија и Германија. Се надеваме дека нивните лични искуства од прва рака ќе ви дадат подобра перспектива на тоа што значи вистински да живееш во друга земја. Без идеализирања и залажувања.

 

Наташа Тагасовска

Се иселив од Македонија пред точно 4 години. Прво живеев во Брисел околу 6 месеци, а сега сум во Лозана (Швајцарија) повеќе од три години.

Бидејќи сум тука на студии, би почнала со образование-кариера. Искрено сметам дека нашето образование, особено студиите на техничките факултети се доста солидни и опширни, особено за условите кои ги имаме. Сепак, образованието кај нас нема услови за истражувачка работа, што допринесува да ни е уште потешко да ги следиме светските трендови на другите универзитети или индустриски компании. Затоа доколку некој е заинтересиран за истражување, дефинитивно треба да оди надвор од Македонија.

Социјален живот – дефинитивно многу разлики. Надвор да, запознавам луѓе, со некои и сум поблиска, ама пак најдобро ми оди некако со луѓе од Македонија што сум ги запознала тука. Се осеќа културна разлика и морам да признаам дека за овие четири години станав доста „полиберална“ и поотворена. Најмногу ми се допаѓа што луѓето многу помалку осудуваат, без разлика за што и да се работи. Едноставно секој си тера своја работа, па дали некој е геј, дали оставил сè за да се шета по светот или дијаметрално сменил кариера, на никој ништо не му значи.

Општество – Уште повеќе разлики. Ќе ги прескокнам сите комерцијални споредби, колку е поскапо сите знаеме. Прво, една од најголемите промени (за мене) беше да станам физички поактивна. Тука тоа е толку секојдневно, се фрустрирав кога гледав како баби трчаат или планинарат, а јас си одам со јавен превоз. Друго, рециклирам – сѐ! И генерално, загадувањето не е проблем. Сето ова влијае на квалитетот на живот.

 

Стефан Алексиќ

Изминативе две години ги поминав на кампусот на Универзитетот Линеаус во Вехше, Шведска (Linnaeus University, Växjö Sweden), студирајќи на програмата за Социјални медиуми и веб технологии. Таму како стипендист на Шведскиот институт имав прилично добри услови за живот. Во ниту еден момент не се почувствував економски загрозен. Добивав онолку колку што му треба на еден студент. Овој аспект е многу важен бидејќи Шведска е прилично скапа земја.

Од аспект на учење би рекол дека средината во која бев ми овозможи да го искористам целосно мојот академски потенцијал. Начинот на кој се работи таму е многу поинаков од тука. Комуникацијата помеѓу студентите и професорите е многу непосредна. Сите формалности на кои сме навикнати од нашите универзитети се сметаат за чудни и непотребни. Мене тоа многу ми се допадна.

Во Шведска за прв пат почнав да живеам сам. Не би рекол дека е најпријатното искуство, но сметам дека е нешто што сум требал да го направам многу порано. Дополнително почнав да забележувам дека работи кои сум ги земал здраво за готово во Македонија всушност многу значат во странство. Пример не бев свесен колку многу сакам сирење. Доматите таму немаат душа. Можноста да се забавуваш надвор со пријателите всушност е луксуз.

Приликата да живеам во нова средина ме направи многу поотворен за нови култури и искуства. Токму поради тоа стекнав нови пријателства кои верувам дека ќе опстанат. Научив дека швеѓаните преферираат да има организирана активност (пр. играње карти, beer pong и слично) за да почнат интеракција со нови луѓе. Романците и грците имаат исти културни навики како нас. Французите знаат како е да си боем. Сметам дека целото искуство силно и позитивно влијаеше на мојот развој како личност.

 

Иван Ивановиќ

Низ последни 5 години, колку што живеам во Милано, имав многу „лоши“ (или наречи ги – искуства од кои многу се учи), но исто така, за среќа, имав многу повеќе добри искуства.

За добро да функционираш и живееш во Европа неопходно е да го зборуваш локалниот јазик, што не е секогаш случај и дефинитивно знае да биде отежнителна околност. Еднаш така морав во 2 часот наутро да се јавам во брза помош, но прво имав голем проблем да се разберам со комшиите и да им објаснам зошто ги вознемирувам после полноќ, а потоа истото морав да го повторам и со брзата помош.

Друга работа со која мора да научиш да живееш, кога живееш надвор од својата земја, е тоа дека секогаш си далеку од пријателите. Константно некој ти фали. Но, како и со сè друго, се постигнува некаков баланс. Тука имам шанса да запознаам луѓе од целиот свет, со различни позадини, култури и непредвидливи приказни.

Кога живееш во странство си оставен сам на себе. Ја немаш фамилијата покрај тебе за да те поддржи во тешки ситуации. Но сепак верувам дека живеењето во една развиена европска држава е скапоцено, затоа што ти нуди многу можности за да се развиеш професионално и лично. Навистина е тешко да се напредува во компетитивна средина во која се цени професионалноста, но дефинитивно вреди и е незаменливо животно искуство.

 

Марија Каева

Работите што ми се допаѓаат и работите што не ми се допаѓаат се всушност испреплетени и не би можела студено и радикално да ги поделам на „Да“ и „Не“. Освен тоа живеам во Баварија, па тешко е да зборувам во име на цела Германија, заедничките проблеми и тенденции на бундес републиките на крајот од денот се сведуваат на кризата на модерниот човек – оттуѓеноста, која ги покажува своите симптоми и пошироко од ЕУ.

За жал, вистинските проблеми се вешто прикриени со тоа што миграцијата, која е најприродниот прадвигател на човекот, е претставена како мајка на сите проблеми во која најопасните протагонисти се бегалците и кризата која наводно ја донеле. Она за што многу помалку се зборува е дека во Германија постојат и други мигранти во завиден број, оние кои се дојдени со цел и оние кои се дојдени со причина (неправедно предрасудените).

Една голема и важна група на мигранти во Германија се и студентите, а целта е бесплатно образование достапно за сите кои исполнуваат одредени образовни критериуми. Единствената инвестиција која ја прави мигрантот-студент е учењето на германскиот јазик.

За останатите групи, особено економските мигранти, ситуацијата е навистина напрегната. Тие доаѓаат со цел да пронајдат подобро работно место и животен стандард. Лошата вест е, но не и нова, дека капиталистот не дискриминира кога е во прашање неговата глад за приход која е невозможна без работникот и цели на најранливите категории кои доаѓаат од земји во демократски развој и високо ниво на корупција во државните институции. Добрата вест е тоа што правната држава функционира, па егзистенцијата на работникот зависи од тоа колку работникот ги познава своите права и колку е способен на бирократски начин да дојде до нив и какви квалификации поседува. А тоа ги прави информациите и знаењето клучни за да се преживее во оваа средина. Кога не постои правна држава, капиталистичкото и робовладетелското општество не се многу различни.

Митот за ветената земја е често погрешно идеализиран од желбата преку ноќ да стигнеме до среќниот крај.

 

Comments

comments