Измешани пораки од сите страни. Треба тој, треба таа, работа на заеднички договор е, биолошки условено е, културолошки условено е, веќе воопшто не е важно.

Кога се работи за улогите на „женско/ машко“ и нивните релации, како луѓе од 21. век имаме и премногу модели за тоа „како треба да биде“. Традицијата, роднините, другарите, филмовите, списанијата, психолозите… Сите нудат често спротивни, готови одговори. А како жители на Македонија, стоиме на тромеѓе од патријархалност, сексуалната револуција и конзумеристичката отуѓеност, па дилемите се уште поголеми.

Бракот, како заедница, веќе со децении минува низ постојано редефинирање. А моите пријатели и јас сме во фазата од животот кога истиот станува сѐ почеста тема и опиплива реалност. Па, ако до пред извесно време се мислевме кој кого треба да покани на дејт, сега се наметнува и прашањето кој би требало да предложи брак.

Неодамна, локално посведочивме серија на јавни запросувања. И секогаш, без исклучок, машкото беше она кое нудеше брак. Тогаш сфатив дека и приватно знам само за такви примери, а далеку од тоа дека се движам во патријархални или традиционални кругови. Затоа со Reborn решивме да прашаме личности кои отворено се обидуваат да ги надминат ригидните „машко/женски“ улоги, дали тие би делувале надвор од нормата по оваа тема.

Зборевме со четири силни и инспиративни млади жени кои не се плашат себе си да се опишат и како феминистки. Ги прашавме дали би предложиле брак на своите партнери, а прозборевме и за тоа дали канат симпатии на дејт, дали сметаат дека постои „билошка“ предодреденост и генерално за феминизмот како лично уверување, но и како пракса.

Па, да не оддолжувам со воведот, прочитајте ги одговорите. Можеби ќе ве охрабрат и мотивираат да делувате помалку по инерција, а повеќе според своите искрени чувства и потреби.

 

Милена Атанасова

Мислам дека бракот треба да е договор, свесна заедничка одлука на парот. Не е важно кој ќе ја отвори темата. Никогаш не сум била фан на оние јавните запросувачки спектакли, некако нема ништо лично во тоа. По посебно е секако интимен сетинг за затварање на договорот.

Што се однесува пак до покана за дејт, спонтаноста секогаш носи поени. Не е важно кој ќе ја однесе приказната на друго ниво. Преферирам воспитани, културни особи, кои знаат што сакаат и не се плашат да го комуницираат тоа, без страв дека можеби ќе им падне круната од глава, напротив, тоа само ги прави помажествени/поженствени, попривлечни.

Мажите одамна не се ловци, а се ложат на приказната сѐ уште. Бараат да бидат третирани како такви, а немаат „ни лак, ни стрела“. Всушност, некако сѐ повеќе сретнувам жени кои јасно комуницираат што сакаат, без разлика дали ќе бидат сфатени или одбиени, отколку мажи.

Сите влечeме животен куфер другари, важното е со кој ќе се распакуваш и истиот да знае да го почитува тој момент, без суд.

 

Калиа Димитрова

Кога бев втора/трета средно почнав наивно да ја истражувам феминистичката идеја и историја, да преиспитувам што всушност значи да се биде „женско“, а што „машко“ и колку мојот идентитет, однесување и избори се родово наметнати.

Тогаш бев на некој натпревар за ораторски вештини и настапив со тема „Бракот како архаична институција“. Што толку против бракот имала 16 годишната Калиа еве не знам, но знам дека главниот аргумент ми беше ако двајца луѓе се сакаат, имаат доверба еден во друг и заедно си го планираат животот, зошто би им бил потребен документ (издаден од државата?!) да ја „официјализира“ таа љубов?

Моите чувства кон бракот се тотално амбивалентни. Реално, единственото нешто што ме привлекува во однос на бракот е можноста за јака журка, со сите блиски (дури и тие отселените од земјава), супер музика, пиење и играње до сабајле (but then again, дали сериозно морам да се мажам за јака журка?!).

Сепак, веројатно одговорот на вашето прашање е Да. Хипотетички, секако дека би му предложила брак на мојот партнер, ако тоа е тоа што и двајцата го сакаме. Проблемот во мојот случај е што не ми е баш јасна потребата од брак, особено кога сум многу заљубена, како сега.

А во однос на поканување на дејт, прво пристапување и слично, воопшто не му ја мислам. Се сеќавам на секакви муабети и правила од минатото, кои дел ни ги дозираа нашите блиски, а дел лошите тинејџ филмови. На пример дека девојката треба да чека, да игра топло-ладно, да трепка, да не се јавува прва, и не знам… Ме заболе глава од листава. Накратко, и женските и машките се и срамежливи и храбри, и сакаат да ловат и да бидат „уловени“, зависно од денот, периодот, расположението… Игрите се важни во дејтинг светот, но според мене не треба да бидат родово предодредени бидејќи тоа освен што е архаично, исто така е и проклето досадно.

 

Ана Ежова

Да почнам од почетокот: Феминистка не е исфруструирана мажо-мразачка, грда, со кратка коса и долга сукња, лезбејка, к****та што ќе ти го украде мажот и сите останати етикети кои често и самите си ги лепиме меѓу себе како жени. Феминистка е назив за жена која ја знае својата вредност, сама ги прави своите избори и стои зад нив.

Во однос на тоа „кој-на-кого-прв“ сум неутрална и индиферентна и сметам дека истото би требало да биде надмината категорија. Во секој случај, не гледам проблем жената да му предложи брак на мажот. Сметам дека во реалноста, бракот е повеќе работа на меѓусебен договор отколку на некое спектакуларно запросување од едната или другата страна. Исто како што и не е страшно девојка прва да му пријде на дечко и да го викне на дејт. Да, мажите можеби традиционално се перципирани како „ловци“ но, сметам дека правилата на однесување и колективната свест се подложни на промени во чекор со времињата во кои живееме. Или во превод – ако нешто ете толку влегло во DNK со малку заеднички труд може и да излезе 🙂

Не е страшно понекогаш да бидеме похрабри и да го направиме првиот чекор. Не е погрешно и не си „очајна”. Ако некој мисли така, тогаш сигурно и ти не сакаш да бидеш со него, нели? Корисен филтер во најмала рака.

Јас на сето ова гледам низ призма на практичност и немам ни време ни желба за бескрајни лајкови на Инстаграм и муабети по пораки, па затоа не ми е важно кој прв ќе пристапи туку како.

Инаку, неодамна гледав еден пресмешен стендап на Iliza Shlesingerна Netflix, се вика Elder Millenial и обработува вакви слични теми, па топло го препорачувам.

 

Сара Миленковска

Ретко зборуваме за суптилните форми низ кои машко-женските односи треба да се редефинираат во интимните релации, или можеби зборуваме ама не доволно јавно. За притисокот врз мажите кој налага да им се даде улога на оние кои обезбедуваат сигурност, цврстина и ги прави да се осеќаат како да се недоволни, бидејќи општеството така им наредува. Или пак за жените кои не се извинуваат во градењето на својата кариера и ставови, па ги доживуваат како закана.. сметам дека во секој однос има некој не толку пријатен момент, кој може да се разреши доколку не се плашиме од феминизмот како од добиено.

Во однос на конкретното прашање, како сведок на еден распаднат брак, си имав ветено како помала дека јас кога ќе пораснам ќе имам совршен брак со сите бериќети. Како што ја осознаваш сложеноста на човечките релации сѐ повеќе мислам дека можеби нема да имам потреба државата да ми потврди дека некого сакам најмногу.. Инаку би предложила прва, чисто да го извадам од памет, не знам што ќе правам само ако се согласи.

Кога се работи за дејт пак, тотално би поканила некого прва, сосем дискретно и женствено без да примети. Иако сум била во ситуации кај што баш ради таков пристап, не сум ни знаела дека сум на дејт. Не сметам дека е важно, ама има интересна смотаност на секој почеток за тоа што е дејт, што е дружење, кој колку внимание посветува и таа убава игра околу тоа. Се уште не можам да одлучам дали е потребно да си подиректен или пак сето тоа се случува спонтано. На пр. Мојот партнер кога ме викаше на дејт јас го викав на филм у Дуња со мои другарки, така да некогаш е убаво да се постават рамки хаха.

А, за тоа дали мажите се ловци и мора да бидат првите што ќе „уловат“ во врска или брак…Јас би рекла дека луѓето имаат предиспозиција да наоѓаат начин да бидат доминантни, моќта е слатка работа кога си даваме илузија дека ја држиме по контрола. Според моите амазонски принципи, верувам дека сите сакаме да ловиме. Подеднакво ко што сакаме да бидеме уловени од некој, знам дека звучи како маркетинг слоган ама мислам дека тоа е она што сите длабоко го чувствуваме и нема зошто да се залажуваме.

 

Comments

comments