Откако постоиме зборуваме дека треба да започнеме серијал на текстови во кој ќе прашуваме психолози и доктори за работи кои отсекогаш не интересирале. Со овој текст од Иво Куновски го одбележуваме почетокот на овој серијал.

Иво Куновски е психолог, системски и семеен советник. Во моментов тој специјализира медицинска психологија на клиниката за психијатрија на медицинскиот факултет во Скопје и работи на истражувачки проект за семејства со деца со проблематично однесување и на проект за хуманитарни работници со трауматски искуства.

На тема „Фетиши и причините за нивното постоење“, Иво ни кажа:

Покрај лесната достапност до информации и филмови како „50 нијанси сиво” или „Нимфоманијак”, кога зборуваме за фетиши сепак отвораме табу тема за поголемиот дел од луѓето. Најчесто тие се сметаат за негативни екстремни однесувања, но спротивно на популарното мислење, фетиши немаат само мал број на луѓе.

За почеток, што е „фетиш“? Во превод од португалски, зборот значи опсесивна фасцинација кон нешто. Во стручната литература се користи зборот „фетишизам”, но постои разлика помеѓу тоа да се има психијатриската состојба наречена фетишизам и да се има фетиш во секојдневната смисла на зборот. Луѓето со фетиш, општо кажано, имаат потреба од специфичен предмет, дел од тело или материјал, за постигнување на сексуална возбуда и задоволство.

Бидејќи не ми е познато некое македонско истражување на оваа тема, истражувањата од светот тврдат дека една третина од луѓето во САД имаат некој сексуален фетиш. Познато е и дека најчестиот фетиш кој е изјавен од луѓе се негениталните делови од телото (пр. стапала) и материјали (пр. кожа, подвезици…).

 

 

Разликата во појавите е што фетишизмот се вбројува како едно од нарушувањата на сексуалната склоност (меѓу кои се и егзибиционизмот, воајеризмот, садомазохизмот…), каде човекот со фетишизам може да доживее оргазам само со својот фетиш, но не без него.

Од друга страна, постојат парови кои повремено во нивниот сексуален живот вклучуваат одредена активност, предмет, облека, игра или друг момент од сексуалните фантазии и тоа не мора да значи дека имаат фетишизам, туку повеќе како нешто што на англиски е познато како „кинк”. Друг термин, кој исто така од неодамна станува популарен, е „BDSM”, што е кратенка од англиски за „врзување, доминација, субмисија и садомазохизам” и ги групира луѓето со овие сексуални интереси.

Во современата пракса, повеќето професионалци од областа на менталното здравје ги гледаат фетишите (кинкот) како дел од нормалното сексуално однесување кога се одвиваат помеѓу согласни возрасни партнери. Причината за ова е што истражувањата покажуваат дека не постои значајна поврзаност помеѓу имањето фетиш и нарушено ментално здравје. Најчесто, општествената стигма е всушност главниот извор на проблеми поврзани со имањето фетиши. Добра метафора што ја имам прочитано на оваа тема е дека постојат сексуални фантазии и фетиши, како што постојат и различни вкусови за храна.

Едно од потешките прашања на темата би било: Зошто луѓето имаат фетиши воопшто и како ги развиваат?

Постои теорија која го гледа фетишот како резултат на некое поекстремно сексуално искуство од животот. Друга теорија, која често може да се сретне во литературата, тврди дека фетишот се развива по пат на условување, т.е. учење преку асоцирање. Според ова, некој што често доживува сексуално задоволство на пример во придружба на партнер во униформа, може понатаму да биде возбуден од униформи. Други пак истражувачи и практичари тврдат дека фетишите може да се развијат од љубопитност и испробување нови работи со партнерот, кои ќе им се допаднат и за понатаму.

Кој и да е фетишот, за негово вклучување во сексуалниот живот, особено важен дел е комуникацијата со партнерот. Со поотворено зборување за сексуалното однесување воопшто и правилно информирање на луѓето за овие теми, различните сексуални преференци би се нормализирале.

 

Comments

comments