Фотографии: Марко Марјановиќ

 

На 18 март, во Кинотека на Македонија, се одржа настанот „Преку кул ми е!“ на тема вклученост на младите во медиумите.

Младинскиот совет на Американската амбасада заедно со здружението Рацио, во склоп на серијата настани „Let’s talk about“, решија да позборуваат за исклученоста на младите од медиумите, медиумската писменост и за тоа како да ги надминеме овие проблеми, за што беше понудено решение преку новата „платформа за млади“, односно емисијата Крик, која треба да почне да се емитува на 28 март (среда) на Телевизија 24.

На настанот се зборуваше за севкупните општествени проблеми и како тие делуваат врз младите и нивните можности за изразување. Деница Чадиковска и Давид Илиевски, креаторите на КРИК, заедно со Сара Миленковска како модераторка, во првиот панел зборуваа за медиумското портретирање на младите и за темите кои ги таргетираат, а за кои не се зборува во медиумите и за предизвиците со кои соочуваат младите кога немаат простор каде да го канализираат својот глас. Како заклучоци од првата дебата произлезе идејата за мотивирање на самоиницијативноста на младите, односно тие да се постават како креатори на својот глас, дури и кога навидум немаат можности.

 

Во вториот дел од дискусијата разговараа Сашка Цветановска (новинар), Огнен Јанески (новинар и активист), Александра Теменугова (истражувач, Висока школа за новинарство). Тие на публиката им ја доловија состојбата на медиумите, слободата на изразување и системските проблеми со кои се соочува Македонија. Медиумската писменост се гледа како еден од клучните фактори преку кои треба да се делува за креирање критичко општество.

Наративот на настанот беше во насока на изнаоѓање решенија после детектирање на проблемите. Преку дискусијата и со публиката се произнесе ставот, дека во недостиг на објективни медиуми, граѓаните можат и самите да станат медиум, но секогаш да ја знаат одговорноста која тоа ја носи. Деница и Давид, при самиот крај на настанот имаа инспиративни искази во однос на тоа како најдобро да се искористи енергијата на младите кои се желни за промена. Кратко видео за најава на емисијата Крик беше емитувано на самиот крај.

Позитивно беше да се види дека луѓето се заинтересирани за вакви настани дури и во недела кога е ден за одмор.

 

Галерија // Фотографии: Марко Марјановиќ

 

Comments

comments