Изјавата дека бизнис и пријателство не се комбинира ја сместуваме под таг: „Клише”, втор таг: „Досадно”.

Ако си од оние кои преферираат чист и професионален работен однос и секогаш сакаш да знаеш дали си на состанок или на искачање — тогаш да, најверојатно треба да почнеш да ги класифицираш луѓето на колеги или пријатели. А ако си од оние кои уживаат во секоја карање-гушкање-вадење очи-гушкате ситуација, обожаваш искреност и се одлучи дека никогаш повеќе нема да присуствуваш на непријатна тишина, тогаш си Reborn тип на човек.

За да (си) потврдиме дека тимската работа кај успешните изгледа идентично како нашата — префрливме неколку прашања и одговори со нашите нови другарки од Преплет, кои пред само неколку дена ја промовираа прекрасната колекција наречена „Одбери ја твојата идеална комбинација”.

Искрено, пред да ги „распрашаме”, не ги познававме воопшто. Токму затоа го смисливме совршениот план за инстант-другарство — ги поканивме да поминат една целодневна со нас и да готвиме #заедно (за да го истестираме нивниот пакет идеална комбинација за готвачи). Делот со „готвиме #заедно” набрзина прерасна во „тие готвеа – ние јадевме”, но убедени сме дека нашата искрена мрза го зајакна ова свежо пријателство повеќе од што му наштети.

Уште поважно, теоријата за пријателството и успешните соработки ни се потврди. Девојките од Преплет се неверојатни. Затоа од сега, не само што ги препорачуваме нивните прекрасни производи, но ги препорачуваме и Викторија, Магдалена и нивните одлични палачинки.

 

 

Преплет е преплет од што?

Преплет од идеи, дизајни, креации, техники, производи, подароци, настани, случувања, преплет од среќа, од позитива, љубов, возбуда, дружба и оптимизам. Преплет се сите убави моменти кои ни се преплетуваат во секојдневието.

 

Раскажете ни ги почетоците на вашата соработка. Како настана Преплет и кога? Од кога се познавате, а од кога работите #заедно?

Официјално Преплет настана пред нешто повеќе од 3 години, со создавањето на нашето креативно студио, а неофицијално уште од пред 6 години откако се запознавме и здруживме на факултет за време на студиите. Тогаш одлучивме да правме рачни ракотворби: накит, честитки и брошеви кои ги продававме на актуелните базари. Ги имавме и своите први визит карти, а сонувавме дека еден ден ќе го имаме тоа што го имаме денес.

 

IMG_0537IMG_0499 copy

IMG_0542

Комплет за зависник од кафе /// За сите кои не можат да си го замислат денот без кафе, без друштво и без време за себе.

 

Кажете ни нешто повеќе за најновата колекција наречена „Одбери ја твојата идеална комбинација”?

Секој од нас има свои карактеристики, навики и обичаи, сите посакуваме да си го најдеме своето удобно катче во кое ќе може да уживаме што подолго. Оваа колекција ја посветивме токму на тој момент на уживање, направивме неколку различни сетови од производи наменети за одреден момент или ситуација во која се пронаоѓа секој од нас.

Така на пример, развивме неколку комбинации од производи наменети за љубителите на книгите, за зависниците од кафе, ги искомбиниравме производите кои им се потребни на сите супер-готвачи

Веројатно кога би морале да избереме, трите компоненти на идеалната комбинација би биле: визија, упорност и тимска работа. Тоа е идеалната комбинација за остварување на еден сон, себеисполнување и уживање во својата работа.

 

IMG_0463 copy2

 

Како би ја раскажале својата приказна и производи на некој кој не ве познава?

Место кое го презентира духот на Скопје, фрази карактеристични за нашето секојдневние, автентични дизајни и пораки испишани на нашата омилена азбука — кирилицата. Место во кое се отсликува одреден период од нашите животи, место во кое секој може да се пронајде во одредена ситуација или порака. Производ кој сакаш да го чуваш за спомен, бидејќи отсликува посебен момент од твоето живеење, посебен момент за себе.

 

Кои се позитивните и негативните страни на македонскиот јазик при неговото користење во дизајни?

Позитивните страни се тоа што можеме да се изразиме на нашиот мајчин јазик, да употребиме толку автентични пораки кои се многу тешко преведливи на било кој друг јазик, бидејќи се карактеристични само за нашето поднебје, а со тоа создаваме една многу посебна врска на производите со луѓето кои живеат тука.

Додека негативните страни се тоа што употребата на македонскиот јазик го ограничува производот да биде разбирлив само за македонски потрошувачи. Од аспект на графичкиот дизајн е тоа што имаме многу мал избор на фонтови со македонска поддршка што можеме да ги користиме во нашите дизајни, па затоа се почесто се осврнуваме кон нашите рачно испишани пораки.

 

IMG_04421 copy2

 

Кој ви е омилен фонт?

Имаме неколку омилени фонтови кои ги користиме во различни прилики, зависно од контекстот на пораката и самата ситуација. Но како најупотребуван фонт од страна на Преплет може да го издвоиме фонтот „Банана” дизајниран од Вања Штркова. Неговата разиграност и ведрина со леснотија се соединија со дел од нашите позитивните пораки.

 

Кои ви се омилени материјали за работа?

Досега испробувавме со печатење на повеќе различни материјали, од хартија до керамика, текстил, дрво, плута, форекс и др. Но за жал, на голем дел од нив не можеме да се потпреме во однос на тоа дека не може константно да ни бидат достапни на нашиот пазар во добар квалитет, па одиме на попроверени варијанти. Како константни материјали употребуваме хартија, керамика и форекс, иако секоја колкеција се обидуваме да воведуваме по некој експериментален дизајн изработен на специфичен материјал.

 

IMG_0463 copy

Комплет за супер-готвач /// За сите оптимисти и неумори готвачи, комплет за олеснето и инспиративно готвење.

 

Како вообичаено започнува вашиот креативен процес? Дали имате поделени улоги или и двете #заедно решавате за сите работи?

Многу тешко можеме да ги категоризираме обврските во нашето студио затоа што од почеток #заедно решаваме за сè, #заедно работиме во или надвор од Преплет. Ако веќе пробуваме да наведеме што досега се покажало како некој вид на поделена обврска е тоа дека Викторија повеќе ги работи цртежите/илустрациите, сценографиите на фотосесиите, настаните и нашиот продажен простор, а Магдалена е повеќе вклучена во графичкиот дел, финалните доработки, постерите, фонтовите и организацијата на настаните. Секако многу си се мешаме во категориите и воопшто нема строга граница. Оној досадниот административен дел, за жал, го водиме и двете.

 

Опишете го вашето заедничко работење во 3 реченици.

Можеме и со три збора: уживање, искреност, доверба.

 

IMG_0873

 

Вие сте доказ дека тимската работа е решението за успех. Дали мислите дека овој проект немаше да биде тоа што е денес да не бевте двете инволвирани како тим?

Дефинитивно да. Преплет немаше воопшто да биде ако не беше нашето пријателство и нашата отвореност за предлози и идеи. Како дизајнер на ентериери и графички дизајнер сметаме дека не само што си одговараме како тим, туку и целосно се надополнуваме.

 

На кој начин можеме да ја препознаеме Викторија, а на кој начин Магдалена во вашите производи?

Иако најверојатно во 90% од производите умешала прсти и едната и другата, еве да речеме дека во производите кои се со повинтиџ дизајн и повеќе илустрации, поголема вклученост има Викторија, додека пак во производите со поживописни бои и повеќе текст поголема вклученост има Магдалена.

 

Фотографии: Мартин Пацов Саровски

 

Заедно сме повеќе, заедно – сите сме Vip! Содржините #Заедно се поддржани од Vip.

 

Comments

comments