Поради задржување на автентичноста, текстот не е лекториран

 

Најтешко е да бидеш пророк во своето село.

Плитко едуцираните оваа реченица му ја припишуваат на Исус, превидувајќи стотици илјади години историја, која редовно ја истакнува оваа тенденција.

„Мештаните” лабаво влегуваат во заклучоци од типот: „шобе овој го знам од копиљ мие сумљив, по вода сме го праќале не се враќал, јадел боксови у маало, он ли ќе кажуе сеа бе шо како?” и слични достигнувања на анонимниот провинцијален ум… Ниту популарната култура и музика се имуни на оваа тенденција. Успешните музичари се мошне редовно презрени, омразени и дискредитирани од премудрите локални „експерти”. Дали некој „се продал”, или само „врска нема од музика”, најдобро знаат соселаните. Истата приказна и во Скопје. „Го срка” буквално секој што се фатил за музика, а највеќе оние кои нешто успеале да направат.

Е има еден наш, македонски бенд, кој е толку многу успешен, што ги надминува локалните капацитети за сфаќање на поимот успех, и одамна не подлежи на брилијантните судови од овој тип. Не случаjно, за почеток на оваa нова, се надевам успешна рубрика во Reborn, ги одбравме Леб и Сол.

Најуспешниот македонски бенд по сите параметри, повеќедецениска инспирација за анонимниот експертски тим, но и генерациите наши музичари, растени на волшебната комбинација од презир и воодушевување кон овие автентични македонски музички легенди. Нема кој не слушнал за ова име, но времето немилосрдно врви, а достигнувањата од минатото несомнено бледнеат. Прероден Хит сериозно ќе се обиде на новите генерации да им принесе некои вредности во чиста форма од непосредното минато, насушно потребни за пофаќање на конците и продолжување на континуитетот на една долговечна и силно возбудлива музичка култура. Нашата.

Леб и Сол постојат од средината на 70ти, а кон крајот на таа декада се веќе мега успешни и мега популарни во тогашна Југославија. Единствен македонски бенд кој уживал и сè уште ужива така висок статус и тоа сосем заслужено. Оригиналноста во изразот, волшепството од синтетизирање на современите рок и џез светски тенденции со македонскиот звук и вонсерискиот свирачки перформанс, им овозможија да остават неизбришлив белег во современото поимање на животот во модерна Македонија. И пред да зајдам во длабок философско-историски занес, да го слушнеме хитот – повторно роден!

 

 

„Контакт је Скуп“ е вистинска лаконска химна на скопската градска dolce vita од средината на 80ти. Време во кое Македонците уживаат и поентираат под финансиската и културна закрила на СФРЈ. Песна за ситните нешта кои го прават возбудлив градскиот крвоток, со очигледно високо ниво на урбана и емоционална свест. Вистинки поп дијамант, кој суптилно ја истакнува убавата страна на животот. Од оние песни во кои Влатко Стефановски не солира, ами гитарата е во функција на песната, истовремено филигрански манипулирајќи ги токму жицита на растреперената скопска душа. Кротка, хистерична убавина.

На долното видео погледнете со каква шеретска насмевка на лицето Влатко ја исполнува оваа композиција во живо во Сараево 1985 година. Инаку, Мноооогу добар концерт.

 

 

Comments

comments