Во случај да не знаеше што ќе правиш месецов во Скопје, а не „скоцка“ план за на море, верувај дека тимот на Skopje Pride Weekend мисли на тебе. Ако за момент изгуби надеж дека сме назад од светските случувања имаме добра вест: овој месец сме три чекори напред!

Она кое досега беше чудно или сместено во категоријата настрано, изопачено или патолошко, овојпат ќе имаме можност да го декатегоризираме, да го извадиме од нормативноста и неговите ограничувачки рамки. Наместо луѓето упорно да се мачат да го најдат соодветниот термин и етикета за некој и нешто, сега имаат можност да се ослободат и енергијата да ја насочат кон поважни теми.

А се разбира дека тоа најлесно се прави преку постојаното учење, уметноста и слободната мисла. Затоа Skopje Pride Weekend од 22ри до 25ти Јуни 2017 година ни овозможува преку музика, фотографија, работилници, дискусии и изложби да излеземе од кафезот на здодевноста и предрасудите и наместо тоа повеќе да се сакаме и забавуваме.

Главната идеја на овогодинешната недела на гордоста се ТРАНСФОРМАЦИИТЕ.

Како прв кој ќе ја отвори неделата на гордоста во Скопје, на наше големо задоволство ви го најавуваме уметникот Cassils. На 22ри јуни (четврток, 20:30ч) во Мала станица – Национална галерија на Македонија, тој ќе се претстави со изложбата EXPEAUSITION, на која ќе бидат претставени 3 видеa и 1 звучна инсталација.

 

 

Според „Huffington Post“, Cassils e „еден од десетте трансродови уметници што влијаат на промената на пејзажот во современата уметност“. Cassils е уметник и личен тренер, односно неговата огромна дисциплина во исхраната и вежбањето ја комбинира со уметноста и перформансот.

Cassils претпочита да го викаат тој, но нема никаков проблем да биде таа. Многу поважно е да му посветиш внимание на тоа што тој сака да каже, па така и да допреш до неговата личност и кој всушност е. А според мене тоа не е воопшто лош рецепт за комуникација и со сите останати луѓе во светов. Кога веќе сме на темата за родовите бинарности, важно е да се каже дека Cassils не ја доживува трансродовоста како пресек и преминување на машко кон женско и обратно, туку како непрекинат процес на отелотворување, спознавање и оформување. Како транс човек наместо да направи операција за промена на полот, тој решава преку режим на искрана и вежбање да види што може самиот да направи со сопственото тело. Всушност, тој е сосема бестрашен кога се работи за своето тело и личност.

Овој уметник одбира телото да е неговиот медиум преку кој визуелно споделува и гласно критикува. Неговото тело како форма на социјална скулптура ја критикува агресивноста и теророт кон LGBT заедницата, но и кон сите останати луѓе. Прави историски осврт на насиството и грешните идеологии, зборува за правата, за бруталноста, хуманоста и себеспознавањето.

Преку неговите изведби и уметност, Cassils те повикува да сведочиш без да ги затвориш очите. Да сведочиш на насилството, пламенот, болката и трансформацијата. Да посведочиш на моќта на едно тело, на кршливоста и непобедливоста на истото. Да се соочиш со неговата минливост и смртност без да замижиш. Затоа што според него мижењто е и замижување пред фактите. Cassils е уметник кој не те поштедува од реалноста и одбива да ти ја направи полесна за гледање. Сè со цел останатото време да си повеќе свесен, помалку шокиран и конечно – слободен.

 

Галерија

Comments

comments