Музејот на современа уметност е еден од најубавите архитектонски објекти во Македонија, со скапоцена панорама на Скопје, магични зајдисонца и многу нераскажани приказни.

Изграден во 1963 година по разорниот зејмотрес, Музејот на современа уметност претставува симбол на обновата и културната надградба на Скопје. Лоциран на тврдината Кале тој е вистинска уметничка тврдина која го носи светот поблиску до нас и нас до светот.

Неговите депоа кријат вредни дела од локални и светски големи уметници. Всушност, МСУ ги поседува едни од најразновидните колекции во Европа, факт што го потврди и познатиот францускиот критичар Силвен Лекомбр по неговото истражување на историјата на Музејот.

Па затоа ние решивме да поразговаравме со тимот на МСУ и сега со вас споделуваме неколку од најинтересните, а непознати приказни за Музејот и неговото славно минато.

 

Тито доаѓа во МСУ

Музејот на современа уметност уште од самите почетоци е меѓународен, но и југословенски. Помош за настраданото Скопје доаѓала од сите поранешни југословенски Републики (простори), а тоа се одразило и во донациите за Музејот. Тито несомнено го поддржувал Музејот уште од периодот на неговото создавање, односно од 1968 година. Тој дури и самиот бил донатор и на МСУ му подарил дело од хрватскиот сликар Крсто Хегедушиќ.

Во ноември 1972 година, Тито лично дошол во посета на Музејот. Со оглед дека тоа било времето на „црниот бран“ во Југославија, тимот на МСУ бил на штрек и со трема ја очекувал оваа средба. Но, се покажало дека стравовите се неоправдани.

Тито дошол опуштено, под рака со Јованка, се запишал во книгата за посетители и видно бил заинтересиран за тогашната современа уметност, а особено внимание му посветил на дело од Бриџит Рајли. Атмосферата од момент во момент станувала сѐ порелаксирана и порелаксирана.

На Тито му биле претставени и водечките визуелни уметници од тоа време. Најпрво подредени во колона за да малку подоцна амбиентот стане толку опуштен што еден од уметниците се одлучил да го штипне Тито за образ и да му рече „Ти, мангупе.“

 

 

Пикасо, подарен, па украден, па најден

Речиси никој во историјата на уметноста, за време на животниот век, не бил толку вреднуван и славен како Пабло Руиз Пикасо. Неговото исклучително долго и плодно творештво го направило актуелен и во времето на основањето на МСУ – Скопје.

„Главата на жена“ е сликата која Пикасо ја донирал на Музејот. Создадена во 1963 година, кога уметникот имал 82 години, ова масло на платно е дел од неговата последна творечка декада која се одликува со бледи црни, бели, сиви и синкасти тоновии. Конкретното дело е инспирирано од Пикасовата придружничка Жаклин Рок.

Борис Петковски, тогашниот директор на Музејот, донацијата ја обезбедил кога бил на посета во Париз и делото го чувал во својата париска хотелска соба, сѐ додека не му нашле безбеден превоз преку Амбасадата.

По пристигнувањето во Музејот во 1970 година, ова дело очекувано станало главниот експонат и пробудило огромен интерес и публицитет кај македонската креативна заедница. А, една година подоцна, во ноември 1971 година станало и дел од, за Скопје, необично криминално дело – кражба на уметнички предмет. Оваа вест одекнала насекаде и во пролетта 1972 година платното веќе било најдено. Германскиот Интерпол во Франкфурт оддржал спектакуларна конференција на која ги открил идентитетите на крадците: двајца млади луѓе, едниот студент на Филозофскиот факултет во Скопје, испорачан и осуден (крајно строго – 6 години затвор), другиот од Либан.

Делото на Пикасо по кражбата било видно оштетено но, по внимателната и успешна реставрација станало дел од редовната поставка.

 

 

Интимната врска на Хокни и Скопје

Дејвид Хокни, еден од најважните уметници на 20-от век чии слики го достигнаа рекордот на најскапо проценети дела од жив автор, има своја интимна врска со Скопје.

Имено, минатата година, при одбележувањето на 80-от роденден на Хокни, кога најголемите музеи ги отстапија своите простори за голема ретроспектива, циркулираше и неговата професионална биографија. За многумина тогаш беше изненадување дека втората меѓународна групна изложба на која учествувал Хокни е токму во Работничкиот дом Скопје, во септември 1964-та година.

Запознаените со биографијата на овој авангарден автор, знаат дека Хокни е роден во Брадфорд, град збратимен со Скопје, еден од првите градови кои реагирале со помош. Дел од помошта била и изложба на уметници од Брадфорд, па така во Скопје се нашол и Хокни. Тогаш изложеното дело „Doll boy“ било негов студентски труд во кој за прв пат јавно зборува за својата хомосексуалност, овде конкретно врзана за сексапилот на поп пејачот Клиф Ричард.

Но, ова не било крај за неговите контакти со овие простори, туку Хокни на МСУ му подарува неколку свои дела.

Прво, тој на Скопје му отстапува еден од неговите портрети на долгогодишниот партнер, Питер, од 1967 година. Циклусот на цртежи портрети на Питер беа препознатлив дел и од ретроспективнита изложба на музејот Tate во 2017 година. Второто дело во колекцијата на МСУ потпишано од Хокни е „Пејзаж“ од 1966 година, од неговиот холивудски, калифорниски период. Неговиот интерес за литература ќе го мотивира во овој период да ја отслика поезијата на Кавафи каде Медитеранот е илустриран со слични по форми палми на оние кои ги гледаме на пејзажот во Скопје.

 

Comments

comments