Вистинскиот Реборнаш е мошне суптилно суштество. Духовно издигнат и образуван во повеќе правци, пошто џабе магистратурата, ако си улично неписмен, така?

А правиот Реборнаш е писмен мои дами и господо. Кирилица, латиница, смути, селфи… писмен е, верувајте му на Стариот Добар. Но како и кај секое софистицирано суштество, така и на нашиот Реборнаш, од време на време му е потребна мала асистенција. Затоа се одлучив да напишам КРАТОК ПРИРАЧНИК ЗА РЕБОРНАШ НА ОХРИДСКО-СТРУШКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ ОВА ЛЕТО, со цел да го охрабрам нашиот автентичен Реборнаш да остане верен на себе, сопствениот имиџ и секако, сопствените убедувања.

 

Краток прирачник за однесување на плажа
(и тука околу плажа)

Прав Реборнаш презира плажа. Реборнаш на плажа оди исклучиво со долги ракави и никако со папучи и speedo! Прав Реборнаш на плажа, фура emo-darky понашање и гради појавност дека не се забавува баш. Прав Реборнаш главно не се бања. Ако се бања, е како на сила. Прав Реборнаш плива кратко и женски, а главата му е цело време над вода. Прав Реборнаш никогаш не се гушка со женската или дечкото во вода и никогаш не се прска. Мрзи пецароши. Му е жал кога татковци убиваат медуза. Се гади од сончање. Прав Реборнаш цело лето седи во Скопје, зошто така е најбоље.

Е сеа ако сте веќе отидени Охрид, али Струга, нема враќање. Ќе мора да ги истрчате сите бази. Првата база е Струга, главно поради тоа што струшката пастрамка е послатка од охридската (и ова да ми верувате). Струга има еден куп шминкерски плажи вредни за комплетно избегнување, но ако сте веќе затечени и немате избор, најтопло ќе ви го препорачам Дримон Фестивалот. Еден куп содржини од 25 до 29 јули, од кои ќе издвојам Shifted, Горан Трајкоски, I Tpame I Tvrame. Инаку кога сте во Струга, пиете и бранчате во Мезе Бар Кингстон, од десната страна на кејот каде што фабулозниот Дрим се излева од Охридското езеро. Go for it!

Дека на Струга и текнува малку повеќе, доказ е фактот што ова лето, на Охрид му го превзема Green Beach Festival. Упс! Каква утка, Охрид човече! И тоа токму во годината кога гостува можеби нај-исхајпаната диџејка на овие простори, госпоѓицата Nina Kraviz. Многумина од сцената ова го доживуваат како клубски настан на годината. Дали ќе биде така не можам да гарантирам, но со сигурност можам да кажам дека на 27 јули, плажата на Еуротел ќе биде the place to be.

 

 

Малку „потаму“ од Струга, сè уште се наоѓа Охрид. За прав Реборнаш, ова лето, градот има еден тоатлен must: концертот на легендарниот техно композитор Juan Atkins со Македонскиот филхармониски оркестар во Античкиот театар на 2 август. Организаторот Izlet Music, најавува продолжување на вечерта со жур, на плажата на хотелот Парк сo волшебниот Jeff Mills. Се работи за двете најсериозни имиња на детроитската и светска техно сцена. Јакичко.

На само 15 километри јужно од Охрид, ќе наидете на единствената плажа со став и релевантна музичка програма во текот на летото, дење или ноќе. Оревче. Оние кои биле – знаат. Секој ден, цел ден, специјален диџеј се грижи за музиката. Богата програма со интересни андерграунд имиња, од кои за оваа година ќе ги издвојам Eddie Richards и Anja Schneider на 1 август, Nick Warren и Hernan Cattaneo B2B на 13 август.

Ако сакате да се дружите со Стариот Добар Мирко Попов, ќе ве поканам на 2 август, прекрасно матине на пладне, со најубавиот залез на сонце покрај брегот на езерото и најомилениот диџеј на македонската клубска публика, Марко Настиќ. Оревче ова лето имаат и филмски фестивал, дури и Пич Прич (11 август), па ако веќе се мора на плажа, ете.

 

Кратки совети и трикови за по пат

На денот на тргање, станете, измијте лице, нутри булет и кафе. Дајте си време да влезете смирено, позитивно и фокусирано во акцијата. Тргнете порано сабајле за да ја избегнете гужвата. Секакви идиоти возат по нашите патишта. Понесете со вас само добри другари.

Купете си уште едно кафе пред Гостивар. Ќе ви треба музика за по пат. Пуштете си го овој микс и уживајте во глетката. Тоа ќе биде можеби последното парче спокојство во следните неколку денови.

 

Comments

comments