Фотографии: Александра Костадиновска

 

Позади симпатичните книги кои ги гледаш на нашите поп-ап шопови стојат Илија Прокопиев и Марија Христова, односно „PrivatePrint“.

Накратко, PrivatePrint е издавачка куќа од Скопје, посветена на уредување, создавање и поддршка на уметнички книги, уметнички и кураторски истражувачки проекти и останати слични публикации. Засега, тимот на PrivatePrint го сочинуваат само Илија и Марија, кои се јавуваат како основачи и главни уредници.

Уметничката книга, иако на нашата културно-уметничка сцена е присутна во одредени форми и некои од македонските уметници работеле на книгата како уметнички израз, сепак, за првпат се поставува како главен фокус на активностите на еден издавач. Па така, според Илија и Марија, задачата на нивните уметнички книги е да направат од овој медиум можност за визуелни истражувачки проекти на нашите уметници, како и да се наметнат и да ѝ покажат на македонската уметничка публика, еден помалку познат уметнички медиум кај нас.

Интервјуто со основачите на оваа издавачка куќа е дел од нашиот серијал на текстови со инспиративни бизнис приказни, кој е поддржан од програмата за млади – „Старт-ап бизниси за млади“. Во рамки на оваа програма, лица на возраст до 29 години може да добијат неповратна финансиска помош дури и до 10.000,00 евра за да основаат свој бизнис. Повеќе информации за програмата има тука.  

 

 

Основачи на PrivatePrint сте вие двајца, Илија и Марија. Како ви се поделени одговорностите во раководењето? Кажете ни нешто за почетоците на PrivatePrint. Дали покрај вас има и други членови во тимот?

Сè уште PrivatePrint сме само ние двајца, со капацитет за тим кој брои 20 членови. Веројатно тоа се должи на блиските работни сензибилитети кои ги поседуваме. Не губиме време на организација, затоа што меѓусебно многу добро си ги познаваме капацитетите, а обврските се делат природно според нашите афинитети и квалификации. Тоа не значи дека други луѓе не ни се потребни, но оставаме самиот обем на работа да ни ги покаже границите до каде ние двајцата ќе успеваме да ги водиме работите сами. Сепак, сѐ уште сме на почеток.

Идејата за основање на PrivatePrint има подолг развоен процес, кој трае многу пред да се официјализира во оваа форма. Тој процес подразбираше истражувања, патувања, непосредно комуницирање со слични примери во европски и светски рамки, сѐ до моментот кога дојдовме до метеријалот за едно наше заедничко истражување. Одделно и интуитивно, на забава кај еден наш многу драг пријател, во допир со делата на Јелена Ристеска, препознавме потенцијал за наш заеднички проект – уметничка книга. Тоа стана нашето прво официјално издание „Незавршена монографија: Јелена Ристеска“, кое ги постави рамките на работата на PrivatePrint и кое го отелотворува нашиот став за тоа што е PrivatePrint и кон што сакаме да се развива.

 

 

Колку книги има PrivatePrint издадено досега? Може ли да ни кажете по збор-два за секоја од нив. Каде може да се купат и која од нив (ако не е тајна) е најуспешна и најпродавана?

Нашата петта и последна книга е „На Скопје, со љубов! – Архитектонската мисла на Живко Поповски“ приредена од Анета Христова Поповска и Мери Батакоја. Книгата беше веднаш препознаена како исклучително вредна, особено во моменталниот социо-културен контекст во кој живееме. Не е потребно да го објаснуваме значењето на овие авторски текстови на еден од нашите најзначајни архитекти Живко Поповски, од прва е јасно до колку широка публика може да досегнат овие вредни и инспиративни текстови.

Што се однесува до нашите претходни публикации, тие остваруваат исклучителни достигнувања помеѓу публиката кон која целат. На пример, нашите уметнички книги Growing“ на Дарко Алексовски и Art is not what you want“ на Доротеј Нешовски, покрај освоената македонска уметничка публика, беа огромна сензација и меѓу јапонската публика на саемот за уметнички книги во Токио.

Нашите досегашни изданија, уметничките книги и последната книга, која ја започнува едицијата на текстови на уметници, сите имаат една заедничка компонента: процесот на работа подразбира фокусирање на секоја книга поединечно, со независен пристап, според идејата на уметниците и барањата на самата природа на проектот. А пристапот е инклузивен во сите етапи, па вклучените соработници се вклопуваат и учествуваат во соодветните аспекти од процесот на работа. За тоа, работата околу секоја книга се конципира од нула. Па ги гледаме книгите како се создаваат од белата страница, до крајните продукциски процеси и обликувањето на промотивните активности.

Различни наши изданија можат да се најдат во различни книжари, а сите книги и печатени материјали се достапни во нашето студио. Нашите книги ги има во: книжарница Или Или, книжарница Антолог, стрип-книжарницата Бункер, концепт продавницата Ап(о)тека во МКЦ-Скопје, како и онлајн на www.kupikniga.mk.

 

 

Доколку треба да изберете само еден совет што би го споделиле со нас и со следната генерација стартапи, кој би бил?

Потребна е јасно определена и детално разработена структура на работење на долгорочен временски план. Времето кое му е потребно на процесот на работа на еден проект или на процесот на создавање на еден бизнис, е особено битно и мора да биде предвидено, така секоја етапа ќе може да се гледа како мала победа и да се оди напред.

 

Во октомври бевте на Tokyo Art Book Fair, саем фокусиран на уметничките книги во поширок контекст. Дали бевте единствената издавачка куќа од Македонија? Кажете ни нешто повеќе за самиот настан? Што најмногу ве изненади и импресионира?

PrivatePrint своето прво интернационално претставување го имаше на најголемиот азиски саем за уметнички книги – Tokyo Art Book Fair 2017, како единствена издавачка куќа од Македонија и од Балканот.

Саемот го имаше своето 9 издание оваа година и на него учествуваа околу 350 издавачи, уметнички галерии со својата публицистичка дејност, самостојни уметници и печатари од целиот свет. Овој настан од година во година станува се поинтернационален и се шири помеѓу јапонската и интернационалната публика.

Она што е особено значајно и што го носиме како силен впечаток од овој саем е самиот однос што јапонската култура го има кон книгата, хартијата и печатениот медиум, како и длабоката поврзаност на книгата со јапонската уметничка традиција. Совршеноста кон која Јапонците се стремат, со својата прецизност, фокусирана посветеност и особено со посветувањето внимание на детали, се гледа и во нивната традиција во печатењето и создавањето на книги.

 

 

Еден од најголемите проблеми со кои секој млад претприемач се соочува е наоѓањето на средства потребни за започнување на бизнис. Како вие се соочивте со ова? Дали има нешто со ова поврзано што би ги советувале идните претприемачи?

Велат времето е пари, но во оваа ситуација парите се први – на тој начин што тие ќе купат време, за овие две категории да се обединат и да почнат да соработуваат. Така што најголемиот проблем не се средствата, тие денес се наоѓаат дали преку лични заштеди, грантови итн., туку времето кое ви е потребно тоа што сте го наумиле да профункционира. Веројатно, доколку не се направи добра временска рамка ускладена со почетните средства, тогаш времето никогаш нема да биде на ваша страна.

 

Кога може да очекуваме нова книга од PrivatePrint?

Секако, наредната година. Во моментов сме во преговори со наши млади уметници за уметнички книги, како и за проширување на едицијата „Текстови на уметници“. Се надеваме дека сѐ ќе оди според планираното и дека наредната година ќе биде полна со книги, учества на саеми и иновативни настани во нашето студио.  

 

Comments

comments