Пишува: Дона Џамбаска
Фотографира: Александра Костадиновска

 

Ок, не е само затоа што изгледаат добро.

Но тоа е затоа што имаме среќа сите од листата да се одлични производи, а не затоа што не би ги купиле и кога би имале вкус на расипано козјо млеко. Слободно наречи нè дизајн-снобови после изјавава, нема да се лутиме, напротив, сè што доаѓа со префикс „дизајн“ автоматски го регистрираме како комплимент.

Во продолжение се производите за кои храбро и полно со самодоверба ќе пишувам во мое име (Дона) и во име на Диме. Ќе зборувам за него подобро од тој што би зборувал за себе – затоа што го познавам подобро од задниот дел на десната дланка, од полицата за чаши за вино во кујна и/или од преградата за лаптоп во ранецот.

 

 

Тоблероне

Почнуваме со чоколадото кое би го кажале ако некој ни стави истовремено пиштол на слепоочница за да избереме едно нешто што ќе го јадеме до крајот на животот. Тоблероне во нашите речници е познато и како „Единствениот добар поклон кој може некој да ти го донесе од аеродром“, „Највкусното чоколадо што некогаш сме го пробале“, „Единственото чоколадо што Диме го јаде без да се мрази себеси“ и „Причината зашто триаголник ни е омилена геометриска форма“.

Плус, има некое je ne sais quoi во кршењето на триаголниците, веруваме дека додава на добриот вкус.

 

 

 

Јана вода

Многу би сакале Jana да беше македонски производ. Но искрено, Jana е водата која ја купуваме кога идеме на вежбање или кога ни треба мотивација за да отидеме на вежбање, и шишињата кои откако ќе се вратиме од пазарење ги чуваме во кујна некое време, надвор од фрижидер, чисто за да плакнеме очи (pun intended).

Ако треба да избереме Evian или Jana, викаме Jana.

 

 

 

Супата со петелот (од Подравка)

Исто позната како омилената супа на 3 генерации на жени во мојата фамилија. На првите две генерации затоа што веруваат дека со доволно порции „кокошија“ можеш да излечиш сè (од пневмонија, па сè до скршени срца), а на третата генерација (јас!) затоа што изгледа неверојатно добро.

 

 

 

Red Bull

Ако некогаш (не)културно му ѕирнеш на Диме во фрижидер внатре ќе видиш: телешко месо, кефир, њоки, Јана вода (види погоре) и 4 лименки Red Bull sugarfree.

Јас никогаш не му поверував, а се прашувам и дали тој себеси некогаш си поверувал, дека пие Red Bull само затоа што изгледа добро. Особено sugarfree верзијата, затоа што му се допаѓаат светлите сини бои, повеќе од оригиналните темни. Но ако го прашаш, ова ќе ти го каже како причина:

Red Bull секогаш ги дефинирал границите на добриот дизајн на продукти. Се издвојуваат од другите слични пијалоци со самата форма на лименката (која дури и брендови како Coca Cola денес ја користат).

Дополнително, производот има многу интересна историја, што мислиме дека ова е одличен момент за да ја споделиме:

Во 70-тите Red Bull го маркетирале на фармери, градежни работници и возачи на трактори во Тајланд. Оригиналниот производ, познат како Krating Daeng (што значи „Red Bull“ на тајландски) бил популарен пијалок кај работниците зашто им овозможувал да работат две смени и да возат по цели ноќи.

Сè започнало со бизнис патувањето во Тајланд на австриецот Dietrich Mateschitz (сопственик на компанијата и најбогатиот човек во Австрија), кој налетал на пијалокот за кој тврдел дека го излечил неговиот џет-лег. Во партнерство со изумителот Chaleo Yoovidhya лансирале приспособена верзија на пијалокот на европскиот пазар, при што го промениле пакувањето, но го задржиле името и оригиналното лого (кое е останато непроменето сè до денес). Останатото е, како што викаат, историја.

 

 

 

Caffetin

Едно долго и тивко неделно утро, Диме, испружен на црвена софа во дневната, ми се отвори и ми рече: „Дона, мислам дека Кафетин е најдобриот македонски производ некогаш направен. Американците треба да се љубоморни што немаат Кафетин.“

Така, не само што Диме верува во неверојатните кафетин-моќи во лечење на сомнителни викенди, и не само затоа што е еден од ретките аналгетици кои јас можам да ги пијам без да добијам алергиска реакција, туку и сложно веруваме дека изгледа неверојатно добро. Слично како со тоблероне-то погоре, веруваме дека моментот на откинување на еден кафетин од лентата веќе помага во лечењето на главоболки.

 

 

 

Nivea Крема

Им љубомориме на оние тврдокожците (во буквална смисла) што можат да користат Nivea на лице, без следното утро да изгледаат како во сон да ги искасале 40 нервозни пчели. Но затоа ја користиме како крема за раце, па ја имаме на секоја полица во купатило и секоја ташна која некогаш сме ја носеле.

Силно веруваме во брендови кои успеале пред повеќе од 100 години да го „погодат“ толку добро дизајнот, да не само што нема потреба да го променат, туку ретко кој хипстер-дизајнер во 2018 може да го надмине.

 

 

 

Fisherman’s Friend

Сите имаме омилени пар фармерки во кои мислиме дека изгледаме најдобро и омилени патики чии бои мислиме дека најдобро го рефлектираат нашиот вибрантен карактер. Епа ние иамеме и омилени бомбони кои се надеваме дека ќе ни „ѕирнат“ од џеб и ќе покажат дека сме храбри личности со тврд карактер, кој ни Балтичко море во Декември не би можел да го скрши.

Исповед: Најмногу го сакаме вкусот на оние со јаболко, но ги купуваме овие од сликата. Особено кога ни треба нешто да ни подигне самодоверба откако сме ја покажале лигавата страна во SMS на дечкото/девојката со кои имаме излезено само 2 пати.

 

 

 

Curaprox четки за заби

Не знаев дека четка за заби може да изгледа добро, сè додека не ја запознав Curaprox. И не само што изгледа добро, туку и неверојатно е пријатна. Кога и да ја заборавам кога патувам (што се случува многу често), па треба да купам нова, се осеќам како да водам борба со нехаризматичен Lucha Libre кој е сериозно фокусиран на повредување на мојата вилица.

Верувај, доста се поскапи од другите четки за заби, ама Once you go Curaprox никогаш повеќе нема да можеш да погледнеш друга четка.

 

 

 

Barilla тестенини

Најдобриот изговор во изложувањето на Barilla кутии на видливи места во кујна е тоа што не ги собира во ниту една фиока. Да, поскапи се од сите други макарони што може да ги најдеш во супермаркет, свесни сме, но мислиме дека тотално вреди. Некој дава пари на дизајнерски ташни, ние на дизајнерски макарони.

Не знаеме како им се исплати на Barilla дебелата кутија во кои ја пакуваат пастата и целиот дополнителен магацински простор што го рентаат (најверојатно затоа и високата цена), но мислиме дека е тотално италијански тоа што одбиваат да намалат на дизајн, само за да додадат на практичност. А ние во тоа целосно и без воздржување ги поддржуваме.

 

Comments

comments