Трап. Trap. Trap Music. EDM Trap. Trap Music (Hip Hop).

На 1ви мај (вторник) со почеток во 12.00 часот, во Градскиот Парк Скопје ќе се случи првиот Трап Пикник за 1-ви Мај.

Буквален македонски превод на зборот trap би било замка. Трап е инаку ужасно популарен музички стил, кој е вистинска замка за новите генерации рејвери, а повеќе од половина деценија е присутен и силно влијателен и по скопските клубови.

 

 

Мојата прва посета на трап забава ме научи дека мешањето на техно рејв бука, хардкор-панк енергија и хип хоп вајб, можат да бидат волшебна комбинација и сосем сфатив зошто токму младите луѓе се најбројни на овие журки. Експлозивно ослободување на автентична младинска енергија, преку најсовршената од сите телесни активности – танцот. Вистинско место каде што може да се биде сведок на целата прекрасна енергија на новата генерација.

Постарите градски фаци, неретко доцнат со прифаќањето на новите урбани тенденции и стилови, небаре отсекогаш биле конзерви од типот: „младиве се тапа”, „шоиме на децава со музикиве”, „па техно за ова е класика бе брат” итн… но секоја младост со своето техно, или својот рокенрол. Децава денес имаат Трап. Ма сите ние имаме Трап :).

 

 

Ете, здружената скопска Трап нација, од неодамна интелигентно наречена Трапславија, донесе генијална одлука, работно да го прослави празникот на трудот, 1 мај.

Своевремено еден од најпочитуваните празници во социјалистичка Југославија од мојата младост, значењето на овој празник полека но сигурно се изгуби низ идиотските лавиринти на македонската верзија на либералниот капитализам, зачинета со верски простотилак и сеопшт примитивизам.

Македонскиот празнувач се задоволи со две до три 12 инчни плескавици (раткапни) на скара и по некое топло пиво, потполно губејќи го ентузијазмот за марш, бунт, танц, или не дај боже некаква борба. Сепак, новата, прогресивна македонска младина, нема шанси да се задоволи само со скара за празникот.

 

 

Во вторник на 1 мај, во централниот дел на скопскиот парк кај езерцето, освен скара, ќе има и аркадни игрици, beer понг, шах, табла, мини баскет, фризби, душечиња за чилање. Е сеа ова можеби зазвуче малку социјалистички, како некој југословенски излет од средината на 80тите. Ама не берете гајле, бидејќи музиката ќе звучи комплетно 21ви век.

Трап драги мои, зборувавме токму за тој феномен. Со почеток во 12:00 (токму на пладне), па се до полноќ, ќе ве забавува врвна екипа на домашни трап артисти: Irie Scratch, Druggy, Dj Fitty Flow, Sexy Marsa & Kico Praskata, Inomatik, Cryssis, Bad Propaganda, R.A.D. & Dazzly, Ogi & Petr, Gloomie, Neox.

 

 

Овој диџејски распоред гарантира континуирана акција за вашите патики и усвитеност на ушите до степен да засветат наоколу како фарови од џип. Климатските околности засега делуваат пријателски настроени кон граѓаните на Трапславија и сите оние добронамерни господа кои би сакале да им се придружат во овој прекрасно замислен ден во скопскиот парк. За оние кои се прашуваат, влезница не постои, пристапот е бесплатен и сите се добредојдени.

Велосипед? Имам.
Корпа со сендвичи и освежителни напитоци? Имам.
Црно-бело ќебенце во коцки за постилање на трева? Имам.
Сет бадмингтон за разонода на тревна површина? Имам.
Џоинт можеби? Имам.
Dancing shoes? Имам.
Добро расположение, насмевка на лицето, леснотија во срцето…Имам
Подготвен сум за првиот ТРАП ПИКНИК.
Вие?

 

Comments

comments