Сеп-тем-ври
Вид збор: именка, машки род
Деветиот месец од календарската година.
Слично со: меланхолија (ж.) , нерасположеност (ж.)

Да, крајот на летото боли повеќе од било која изгореница од сонце. Тоа е само затоа што целата анксиозност во текот на јули и август се губи во просторот помеѓу жешкиот песок и мразот на ладното нескафе, а во септември се враќа на површината пред да стигнеш да си ги поставиш егзистенцијалните прашања: Што е песок? Што е море?

Почнуваш полека да го листаш сопствениот инстаграм во тажен обид да ги преживееш тие оддамна завршени денови. Но исто како прегледувањето на слики од бивши дечковци после свежо раскинување, ни ова не успева, напротив, само ги прави работите полоши.

Те издепримиравме само за да ти кажеме дека тимот на Reborn го најде лекот. Доаѓа во 3 различни големини и 2 основни вкуса – чоколадо и ванила. Според остроумната равенка која вклучува и неколку варијабли од полето на квантната механика, чоколадото го зголемува ефектот на летото за 1,4 дена, додека ванилата за 1,8 дена. Според истата, со секоја додадена гумена бомбона и/или парче манго ефектот се продолжува за по точно 1 час.

Втората половина од јуни 2015 година, на поубавиот дел од улицата Максим Горки, се појави „Радост”. „Идејата да го отвориме „Радост“ беше на Драган, а тој е и кум на самото име. Сладоледот е т.н. софт сладолед направен по италијански рецепт, но на вкус и начин на приготовка многу различен од италијанскиот џелато,“ зборуваше Оливер, „а концептот на продавницата е минималистички и скандинавски, мислевме дека тоа најмногу ќе одговара на големината на просторот и атмосферата која сакаме да ја постигнеме.“

„Радост”, покрај сладолед, засега нуди и кафе за носење, а од оваа зима во план е проширување на менито со зимско-божиќни производи од типот на топло чоколадо, чај и колачиња. „Многу често не прашуваат и одговорот е дека нема да престанеме да продаваме сладолед за време на зимата, иако сме свесни дека луѓето сладоледот претежно го поврзуваат со летните денови, би сакале да пробаме да предизвикаме еден нов тренд на уживање во текот на целата година“, додаде Огнен. Спасени сме! И во зима ќе има Радост!

Додатоците за сладолед во „Радост” константно се менуваат, а секогаш има по еден хит кој се троши екстремно брзо. Прв од тој тип беше преливот со парчиња манго. „Купувачите го обожаваа мангото, веднаш го нарачуваа, пред воопшто и да погледнат што друго нудиме. Сфативме дека тоа можеби звучи возбудливо, но не е баш кул. Кога го јадеш истото постојатно, еден ден со сигурност ќе ти се здосади. Сакаме купувачите да експериментираат и да уживаат во сите вкусови, а не да играат безбедно, затоа одлучивме да ги тргнеме парчињата манго одреден период.“

Додека јадевме сладолед (и се расправавме кој направил подобра комбинација – се разбира дека јас), Драган тајно фрлаше погледи накај таблетот. Ни раскажа за следната идеја и чекор, а и истовремено ни објасни зашто разгледува фотографии од комбиња. Замислата е „Радост” да стане мобилно, односно да се засили со комбе (на сличен начин како A-Team). Така, доколку „Радост” не ти е доволно близу за пауза од работа, „Радост” ќе може да дојде накај тебе.

Оливер и Драган ги препорачуваат различните преливи, а ние уживавме и во парчињата вишна, плазма бисквитите и црно-белиот постер на левиот ѕид што вика – „Скопје“.

 

Галерија

 

Comments

comments