Традиционално во Англија победникот на X-Factor го заземал #1 место на поп-листите секој Божиќ. Се додека два изреволтирани RATM-фанови (презаситени од доминантноста на ова шоу) не одлучија да покренат кампања која ги растресе британските поп-листи.

Мојот омилен бенд, „Rage Against The Machine” (скратено и во понатамошниот текст само RATM). Почнав да ги слушам „сезоната” 2004/05. Седмо-осмо одделение. Широки панталони, дискмен и RATM. За мене тоа беше една субкултура креирана од RATM која ме воодушевуваше (сеуште сметам дека нивната кауза е правилна), и ме тераше за прв пат да размислувам за тогашното и денешното „уредување” на нашите животи од некој друг. Нивните пораки беа јасни и прилично гласни. И после 10 години, еве седнав да напишам една статија за тоа како и при крајот на нивното постоење, во време каде голем дел од музиката е креирана без никаква порака и идеја, гласот на RATM се уште одекнува.

Недела, 20.12.09. Ден кој ќе се памети во британската, па и светската музичка историја. Тогаш 17 години старата песна на RATM, „Killing In The Name”, се искачи на #1 место на Британската поп-листа.

 

 

Се започнало со една навидум обична онлајн кампања која имала за цел да го спречи монополот на познатото ТВ шоу X-Factor. Ова прераснало во една епска (Давид против Голијат) музичка, историска битка. Во последните 5 години царувало шоуто на Simon Cowell (X-Factor), каде неговиот победник континуирано го заземал првото место (за време на Божиќ) на Британската поп-листа. Jon и Tracy Morter, секојдневен брачен пар кој сакал да стави крај на оваа „диктатура”, решиле да ја променат таа ситуација.

Jon и Tracy Morter стартувале фејсбук кампања насловена како „Rage Against the Machine for Christmas #1”. Идејата била најпознатиот хит на RATM („Killing In The Name”) да го освои првото место на поп-листите ширум Британија. Нивната кампања експлодирала, резултирала со 1.1 милион фејсбук фанови за една недела. Тука веќе можеме да збориме за легитимна и фер борба.

Овој подвиг не останал незабележан надвор од Британија. Се активирал и Лос Анџелес, каде огромната база на RATM фанови ја поддржувале оваа акција. Вирусот наречен RATM почнал да се шири во сите правци. На тоа се приклучил и самиот бенд, кој ветил дека ако го освојат првото место, сите парични средства собрани од синглот „Killing In The Name” ќе бидат донирани за хуманитарни цели. Плус, дале збор дека ако го освојат првото место ќе одржат бесплатен концерт во Лондон. Се случило тотално лудило кај фановите на RATM. Започнало масовно купување на копиите од нивните омилени хитови.

 

 

На крајот, „Killing In The Name” станал најсимнуваниот сингл за една недела во Британската историја. X-Factor бил разнишан од темел. Милиони фанови се спротиставиле и се соочиле со човекот чија изрека беше „НЕ”. Целта беше постигната. Оваа кампања на крајот докажа дека кога огромна маса на народ ќе реши нешто да преземе, не постојат препреки и невозможни работи. Тогаш се станува возможно и изводливо.

Борбата завршува со среќен крај (иронично, како во Холивудски филм), каде на 06.06.10, RATM го исполниле своето ветување. Бесплатен концерт пред 80.000 публика во Лондон, Finsbury парк. Прослава за историскиот подвиг. Да живее RATM!

 

Comments

comments