Може слободно да кажеме дека достигнавме одредена возраст кога повеќе не веруваме во случајност. А ни во хороскоп.

Но веруваме во тоа дека пијачката што најчесто ја нарачуваш кажува многу за тебе, слично како што веруваме во харизмата на Benedict Cumberbatch и убавината на свежа Ресана, но повеќе за овие во некоја наредна прилика.

За разлика од прстени што ја менуваат бојата во зависност од расположението (здраво, Биле), изборот на пијачка целосно можеш да го контролираш. Затоа, пред да ја затвориме годинава, те покануваме да фрлиш поглед наназад, и да ги изанализираш твоите одлуки низ призмата на добриот џин тоник, виски или вино. Без предрасуди.

 

 

Пиво

Прво нешто што кажува е дека сигурно не си на безглутенска диета. Браво за тебе и твојот цврст карактер одбивен на (лоши) трендови!

Второ, најверојатно имаш брада (или ти се свиѓаат дечки со брада), се фалиш за твојот пивски стомак (кој повеќе е од очигледно дека редовно го вежбаш во теретана) што ги фрустрира сите околу тебе, особено оние кои еден месец пред Нова Година пијат само чај, за да ги собере новиот фустан. Дома имаш најмалку три кригли украдени од Дебармаалски кафич што никогаш не ги користиш, ама секоја прилика ја користиш да се пофалиш од каде ги имаш „позајмено“.  

 

 

 

 

 

Црвено вино

Иако цела вечер ја поминуваш во проверување дали се имаш исфлекано, целосно вреди, зашто се чувствуваш како во француски nouvelle vague филм. Пред другарите глумиш дека ти пречат исфарбаната уста и заби, а всушност на некој чуден начин ти се допаѓа како изгледа. Омилен тип на дружба ти е покрај тивка музика, возрасна дискусија и многу флаши вино.

 

 

 

 

 

 

 

 

Шотови

Најверојатно значи дека се дружиш со Алек. А ако тоа не е случајот, и шотови пиеш целосно доброволно, тогаш значи дека себеси се доживуваш како искусен конзумирач на кој единствен начин да се опие (а да не потроши цело богатство вечерта) се шотови. Пола од времето ова го доживуваш како комплимент, зашто убаво е да си искусен, а другата половина од времето те фаќа паника за оној момент кога и шотови ќе прекинат да ти влијаат.

 

 

 

 

 

 

 

Водка-џус

Не уживаш во вкусот на алкохол и никогаш нема да ги разбереш луѓето што пијат чисто виски. Не пиеш баш често, па откако знаеш за себе, водка-џус ти е омилена пијачка. Најверојатно кога пиеш тоа го правиш затоа што сите околу тебе го прават тоа и затоа што во диско е убер-досадно да пиеш Кока кола, а тотално невозможно да нарачаш кафе.

 

 

 

 

 

 

 

 

Коктели

Слично на другарка ти што нарачува водка-џус, твоето мото е: колку поблаго – толку подобро. Пијачката ја бираш по доброто име или по филмот во кој ја пијат (сите потајно сакаме Sex and the City). Секогаш забораваш на фактот, или одбираш да го игнорираш, дека најлесно се опива од коктели, па следното утро посакуваш да нарачаше Cinderella, од менито со коктели за деца.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Џин тоник

И покрај тоа што те осудуваат дека е женска пијачка, ти цврсто стоиш на своите одлуки и веќе се откажа од тоа да им докажуваш дека џин тоник е всушност многу возрасен пијалок. Што можеш да направиш, очигледно не ги гледале рекламите на Швепс. Веруваш дека твојата пијачка ја одразува твојата сериозност и љубов кон добар, чист дизајн, а уште повеќе веруваш дека од џин не ти мириса лошо здивот и дека мамурлакот е најнеболен од сите.

 

 

 

 

 

 

 

Виски без мраз

Иако никогаш не го направи тоа, отсекогаш сонуваш да излезеш сам/а во бар, да се потпреш на долг шанк, и додека разговараш со барменот за животот, пополека да пиеш виски. Не веруваш во сечени пијачки, па додека пиеш виски се чувствуваш како сериозна личност, која може да го издржи „вистинскиот“ вкус на алкохолот. Има причина зашто во филмовите вискито е омилена пијачка на политичарите и докторите, нели?

 

 

 

 

 

 

Виски со мраз

Еден чекор (неколку години) пред да почнеш да пиеш виски без мраз. Веруваш дека е супер моден додаток на твојата бела кошула и темни фармерки. Амбициозен си, принципиелен, ама сè уште не се доживуваш себеси како доволно возрасен. Имаш омилено виски, го пиеш само тоа, и тешко ги осудуваш оние што сечат (квалитетно) виски со Кока кола.

 

 

 

 

 

 

Comments

comments