Фотографии: Елена Фиданска
Готви (и пишува): Петар Шокаровски

 

Се замуабетивме пред некое време со Дона, Диме и Фиданска на тема брзи и едноставни рецепти.

Дона искоментира дека веќе некое време планира да направи гвакамоле. Затоа што Дона секогаш ми помага и ми ги лекторира текстовите (што значи половина зборови во текстов се на Дона), се решив да и го направам меракот и да и ја исполнам желбата.

Гвакамолето е инаку јужно-американско јадење кое потекнува од Ацтеките. Најпрвин го приготвувале само со сол, но со текот на времето, како и сè друго и тоа еволуирало во малку позабавната форма која ја конзумираме денес.

Главната состојка во гвакамолето е авокадото, пa токму затоа те советувам многу внимателно да го избереш, зашто од него ќе зависи целиот вкус на јадењето. Барај авокадо што ќе биде меко, но не премногу. Како да провериш дали авокадото е ОК?  Нежно притисни го со прст и ако прстот минимално пропадне, тогаш тоа е правото авокадо за тебе. Ако земеш тврдо авокадо нема да можеш да го измелиш убаво и наместо кремаста смеса ќе добиеш нешто налик ситни, зелени, тврди парченца.   

 

 

Од состојки земавме:
  •  1 големо и зрело авокадо
  • 1/4 главица кромид
  • 4-5 шери домати
  • 10 ливчиња коријандер
  • 1 лимета (зелен лимон)  
  • 1 мало чили пиперче (по вкус)

 

Приготвување:

Гвакамолето е лесно за правење, колку што е вкусно. Сè на сè ќе ти бидат потребни 10 минути.

 

1. „Излупи“ го авокадото

Најпрвин, пресечи го авокадото на половина, заокружувајќи ја семката. Двете половини заврти ги во обратна насока за да се одвојат од семката. Нема потреба да го лупиш авокадото, туку можеш да го вадиш, парче по парче со лажица и да го префрлаш директно во зделата во која ќе го послужиш.

 

 

2. Згмечи го авокадото за да добие изглед на каша

Со вилушка или со толчник згмечи го авокадото. Не мора да внимаваш да биде многу течно и совршено згмечено/истолчено, слободно остави и поголеми парчиња. Јас некогаш наместо вилушка или толчник, најпрвин го сецкам авокадото на даска, го гмечам со ножот и го префрлам во длабока чинија.

 

 

3. Исецкај ги кромидот и доматите на многу ситни коцки

Коцките е најдобро да не бидат поголеми од половина сантиметар. Префрли ги парчињата домат и кромид во садот со авокадото. Додади исецкан коријандер и сок од половина лимета. На крај посоли го гвакамолето по вкус. Доколку на вкус гвакамолето не е доволно кисело, додади сок од лимета. Доколку пак не е солено, логично, додади сол.

Кромидот не мора да се осеќа многу на почеток, имај на ум дека што повеќе стои кромидот толку повеќе ќе се осеќа неговиот вкус. Исто внимавај да не претераш со коријандерот, бидејќи може да преовладува неговиот вкус и да не се чувствува вкусот на гвакамолето. Доколку не си сигурен колку да ставиш коријандер и дали воопшто, слободно прескокни го.

Одозгора може да додадеш малку ситно исецкана чили пиперка. Јас обично не ја мешам со гвакамолето дека така станува премногу луто. Одозгора фрлена ќе даде само мал kick.

 

 

4. Послужи го гвакамолето

Послужи го гвакамолето со начос чипс (или како намаз за брускети или сендвич) и по можност во комбинација со ладно пиво.

 

Comments

comments