Фотографии: Елена Фиданска
Готви: Петар Шокаровски

 

Касадиљи, Касадији, Кесадиљи, како правилно се викаат?

Седевме со Фиданска во супермаркет пред некој ден. Да, редовно седиме во супермаркет со Елена. Па додека ги проучувавме рафтовите на маркетот, паралелно ги разгледувавме и рафтовите во нашите глави во потрага по добар Reborn-рецепт.

Признавам, ни требаше малку повеќе време од што сакаме да признаеме и делот кај фрижидерите не е многу пријатен за долги размислувања, но конечно на крајот се одлучивме за кесадиљи. Набрзина ги собравме потребните состојки и се упативме накај дома.

 

 

Од состојки земавме:
  • Едно пакетче тортиљи (од помалите)
  • 100 грама едамер кашкавал
  • 100 грама чедар кашкавал (или слободно замени со било кој кашкавал што лесно се топи)
  • 1-2 пиперки во различна боја
  • 10-тина зелени маслинки со пиперче
  • 2 млади кромидчиња
  • 200 грама конзервирани исечкани домати
  • 1 чили пиперка (по желба)

 

1. Започни со припремање на состојките

Припремата е многу лесна. Исечкај ги пиперките на тенки ленти, исечкај ги маслинките и кромидот на ситни тркалца и изрендај го кашкавалот. Толку, ова ќе ти одземе максимум 5 минути.

 

 

2. Нареди ги состојките врз заруменетите тортиљи

Во меѓувреме додека ги припремаш состојките, стави две тавчиња на рингла, на средна температура. Кога ќе завршите со припремата, „фрли“ во секое од тавчињата по една тортиља и на секои десетина секунди превртувај ги од другата страна.

Кога ќе почнат да руменеат тортиљите, додека сè уште се наоѓаат во тавчето, од едната страна нареди кашкавал, а врз него пиперки, врз пиперките малку кромид и маслинки. На крајот, по избор, можеш да додадеш и малку чили. Кога ќе завршиш со редење на состојките, поклопи ги со другата тортиља.  

 

 

3. Превртувај ја кесадиљата додека не се растопи кашкавалот

Повторно, превртувај ги тортиљите на секои 10-15 минути. Продолжи да ги превртуваш додека целосно не се растопи кашкавалот.

 

 

4. Припреми го сосот

За припрема на сосот измешај малку чили паста, паста од домати, оригано и малку сушен лук.

 

 

5. Сервирај ја кесадиљата

Искрено, никогаш некако не сум бил фан на кесадиљи. Но откако ги пробав овие, останав без зборови. Мислам дека ми станаа омилен рецепт, па следните дена јадев само тоа.  

 

Чисто како идеја: Следниот ден употребив мелено месо кое го испржив заедно со многу мексикански зачини, на што додадов и малку чили. Овој пат кесадиљите беа уште поубави. Мислам дека сум навлечен на експериментирање со кесадиљи. Дали имаш можеби ти некоја идеја да ми предложиш?

 

Comments

comments