После скоро една година пауза се враќаме со нова сезона на Reborn ликови.

Во тоа што го нарековме прва сезона, објавивме вкупно 10 епизоди. Некои од нив беа посветени на музичари, некои на фотографи, трети пак на актери, но сите имаат едно нешто заедничко – тоа што се профили на локални личности кои силно веруваме дека сите вреди да ги знаеме.

Приказната ја продолжуваме во 2018, каде втората сезона ја отвораме со диџејките и диџеите од локалната скопска сцена, чии сетови се трудиме никогаш да не ги пропуштиме.

Во продолжение се приказните на Соња Исмаил Огненоска, Нино Делиниколов (Flooder), Еми Ермилова и Андреј Мицајков, раскажани преку кратки интервјуа. А покрај неколкуте прашања, ги замоливме секој од нив да одвои за читателите на Reborn дел од својата омилена музика, со што „собравме“ повеќе од 10 часа!

 

Соња Исмаил Огненоска

Искрено, кога ќе помислиме на тебе, веднаш ни се враќаат добри сеќавања од прекрасниот Дамар. Што најмногу ти фали од Дамар-времето?

Од Дамар ми фали вистинскиот дамар на чаршијата, ми фали глетката на едно поинакво Скопје, на едни луѓе кои искрено се забавуваа, без да зјапаат во нивните мобилни, ми фали калдрмата… Од Дамар ми фали Дамар.

 

Колку се разликува изборот на музика што го правиш кога пушташ музика за себе, од оној за пред публика. Со други зборови – каква музика слуша Соња моментално? Што е нешто што во последно време ти има оставено добар впечаток?

Дефинитивно има разлика помеѓу онаа музика која ја слушам за мој ќејф, дома, и музиката која ја пуштам во клуб или кафич. Иако дома најчесто свират бебешки музики, знам да уловам некое време за себе и да се вратам на моите омилени Dead Can Dance, David Bowie, Hauschka, Erik Satie, Nina Simone, Chilly Gonzales…

Секако, наоѓам време за внимателно да ги преслушам новите изданија од современите артисти чија што музика е застапена во моите сетови. Guy Gerber е еден од продуцентите и диџеи кои што можам да ги слушам постојано, веројатно од причина што ми се допаѓа неговото вешто играње со стиловите и храброста да се спои дури и со Puff Daddy.

Последниве неколку години тотално сум воодушевена од Culoe De Song и масивниот, полн звук кој што го има во неговите изданија и диџеј сетови. Тука би ги додала младите и епски талентирани James Blake и Nicolas Jaar, за кои понекогаш мислам дека ја создаваат музиката која ми свири во главата.

 

GUESS фустан // DESIGUAL ташна

 

Mожеш ли да опишеш како твојот вкус за музика се развиваше низ времето, од каде започна и до каде е дојден денес?

Музичкиот вкус и сензибилитет се нешта кои се градат, развиваат, воспитуваат. Речиси исто како одгледување на растение, или дете. За градењето на мојот музички сензибилитет силно влијание имаа и партизанските песни кои што ми ги пееше баба ми Леман и плочите на татко ми од Бјело Дугме, Корни Група, но и Рахмањинов, Едвард Григ и Густав Малер, омилениот Леонард Коен на мајка ми, и „тортурата“ со Мизар и Лајбах која што ја добивав од мојата постара сестра Љупка, како и Хаустор, ЕКВ, Идоли…

Упорно не можам да ги сфатам жестоките клабери кои ги прескокнале лекциите со Depeche Mode, New Order, Kraftwerk, па и Pink Floyd. Музиката сепак не почна со техно журките.

 

Кога за прв пат се почувствува како диџеј? Кога за прв пат пушташе музика и каде?

Прв пат пуштав музика на 1 април 2007 година, по повод маскенбалот кој се организираше во Лудница, најдобриот кафич кој некогаш му се случил на Дебар маало. Тоа се случи не по моја желба, туку по инсистирање на сопственикот на Лудница, Срѓан Јаникијевиќ, кој ме имаше замислено ете баш мене во улога на диџејка за токму таа ноќ.

Вечерта помина маестрално и уште се раскажува. Веројатно тоа беше и причината на крајот на забавата Срѓан да ми каже: „Планирај си го следниот петок!”. Инаку, да се вратам на првиот дел од прашањето – никогаш не се чувствувам како диџејка. Секогаш во исто време ја чувствувам и динамиката на сите мои идентитети: мајка, сопруга, координаторка во граѓанска организација, некакво малцинство…

 

GUESS фустан // DESIGUAL ташна

 

Веќе подолго време си активна на македонската диџејска сцена. Дали би можела да издвоиш 3 млади перспективни македонски диџеи кои би требало да ги знаеме?

Dijana Di или Diah е дефинитивно мојата омилена млада македонска диџејка! Под кој и алијас да настапува, знам дека ќе ме однесе на фантастично музичко патување.

 

Сподели една добра трака од твоите плејлисти периодов – специјално за нашите читатели. Ако си расположена, може и цел микс.

Ова е мојот последен снимен микс, од почетокот на февруари. Пуштав музика за триесетина прекрасни луѓе, во едно од најандерграунд местата во Скопје.

 

 

///

 

 

 

Нино Делиниколов (Flooder)

Имаш настапувано на истата бина со многу светски имиња. На пример, викендов настапуваше со The Hacker, а пред неколку месеци со Pan-Pot. Дали можеш да издвоиш еден настан како посебен, или настап на кој си најмногу горд?

Во скоро време, можам да кажам дека најголемо задоволство и впечаток ми има оставено настапот со Miss Kittin за Win Music Freedom. Таа настапуваше како гостин со свој сет, по што ме покани да го споделиме диџеј пултот, односно да пуштаме back2back. Незаборавен момент беше бидејќи воопшто не го очекував тоа, а и реакцијата на публиката беше феноменална.

 

Во основно бев: (а) металец, (б) панкер, (в) кремец, (г) _________ (друго?).

Металец, гранџер, блејдер, технаш.

 

Во каков тип на облека се чувствуваш најудобно кога си „на сцена“?

Сакам комотна облека – широки панталони и маици, и најбитно од сè – удобни патики што ми овозможуваат да стојам долго време позади пултот, без да се уморам.

 

REPLAY фармерки и јакна

 

Дали додека студираше во Солун беше активен на солунската електронска сцена? Имаш ли искуство со Reworks? Ние никогаш не сме биле. Кажи ни нешто повеќе за фестивалот.

Моето искуство со солунската електронска сцена започна со скромни забави во 2004, а продолжи во 2006 со победата на диџеј натпревар во Солун, со кој ми се отворија вратите за соработка со многу артисти и колективи (меѓу кои и Non Collective, организаторите на Reworks Festival).

Според мене, ова е еден од најдобрите фестивали за електронска музика во регионот, кој се фокусира само на електронска музика без комерцијални моменти, а најважно од сè е тоа што програмата на фестивалот не е составена само од еден жанр во електронската музика. Доколку не сте биле, ви го препорачувам како следна дестинација, се одржува секоја година во септември.

 

REPLAY фармерки и јакна

 

Разбравме дека имаш голема колекција на плочи. Слушањето музика на плочи е специфично доживување самото по себе, дали го комбинираш со некаков ритуал? Од што се состои твојата колекција на музика?

Јас би ја нарекол „скромна колекција која се зголемува од ден на ден“, хаха. Инаку, мојот ритуал се состои од бирање на плочи кои сакам да ги слушам, нивно барање низ полиците и чистење на винилот пред да го пуштам.

Доколку ве понесе атмосферата – од слушател преминувате во диџеј и почнувате да си миксате за свој ќеиф по дома. Сигурен сум дека и на други мои колеги често знае ова да им се случи. После некое време кога ќе погледнете во часовникот и не ви е јасно како толку бргу поминале 3-4 часа од денот. Имам разновидна музика, од која голем дел е електронска, но сепак се обидувам дел по дел да ја збогатувам и да ја надградувам со други жанрови.

 

Сподели една добра трака од твоите плејлисти периодов – специјално за нашите читатели. Ако си расположен, може да споделиш и цел микс.

Би споделил еден микс, кој би рекол дека сум го „утепал“ од слушање и кој ми е сè уште еден од најдрагите. Станува збор за X-Mix 2, кој е снимен/измиксан од Laurent Garnier, кој го сметам за еден од татковците на електронската сцена, а овој негов микс за задолжителна лектира за секој што сака електронска музика.

 

 

///

 

 

 

Еми Ермилова

Еми, раскажи ни нешто повеќе за твоите почетоци во светот на диџејувањето. Кој те зарази со оваа професија? Паметиме дека пушташе музика во кафе барот Алка, кој за жал веќе не постои. Дали тоа можеби беа твоите почетоци?

Пред точно 10 години, Шале ми ја исполни најголемата желба и ми даде шанса првпат да пуштам музика во Бастион, каде што скоро година дена бев резидент. Да, паралелно бев резидент и во кафе бар Алка, па година подоцна во Кала. Собирав музика од DJ Маци и се инспирирав од Зоки Бејбе, Нино Flooder и многу други наши и странски диџеи кои имав можност да ги слушнам.

 

LEVI’S фармерки // DESIGUAL ранец

 

Кој е последниот музички настан кој ги оставил силен впечаток?

Последен настан кој ми остави добар впечаток беше во De School (Amsterdam) на Vic Crezee. Холандски диџеј кој има различен, несекојдневен избор на музика и перфектна изведба. Атмосферата беше прекрасна.

 

Како еден од сопствениците на брендот Cactus, кажи ни, од кои личности моментално црпиш инспирација за начинот на кој се облакаш и дизајнираш?

http://fuckingyoung.es/

 

LEVI’S фармерки // DESIGUAL ранец

 

Што те возбудува деновиве? Со што си опседната?

Секое патување ми носи возбуда, исполнето со вкусна храна, нова музика, чист воздух и културно-позитивни луѓе.

 

Сподели една добра трака од твоите плејлисти периодов – специјално за нашите читатели.

Audio Werner – Rocket

 

А еден цел микс?

 

 

///

 

 

 

Андреј Мицајков

Колку се разликува изборот на музика што го правиш кога пушташ музика за себе, од оној за пред публика. Со други зборови – каква музика слуша Андреј моментално?

Искрено, воопшто не се разликува. Сѐ што слушам за себе сакам да го слушам заедно со публиката.

 

Во основно бев: (а) металец, (б) панкер, (в) кремец, (г) рапер, (д) _______ (друго?).

Друго. 🙂

 

REPLAY јакна

 

Mожеш ли да опишеш како твојот вкус за музика се развиваше низ времето, од каде започна и до каде е дојден денес?

Може, зошто да не. Започна дома, доле, во подрумот. Прилично андерграунд, со плоча од Roy Orbison – Only The Lonely. Останатото е историја.

 

Веќе подолго време си активен на македонската диџејска сцена. Дали би можел да издвоиш 3 млади перспективни македонски диџеи кои би требало да ги знаеме?

Во моментот од младите диџеи и продуценти би го издвоил Михаил Петровски, а се надевам дека во иднина ќе има многу повеќе за издвојување од уште двајца.

 

REPLAY јакна

 

Во каков тип на облека се чувствуваш најудобно кога си „на сцена“?

Се разбира, во Replay јакната со крзно. 🙂

 

Сподели една добра трака од твоите плејлисти периодов – специјално за нашите читатели. Ако си расположен, може да споделиш и цел микс.

 

 

Comments

comments