Фотографии: Александра Костадиновска

 

Како и сите други, тринаесеттата епизода на Reborn ликови има тема.

Минатата епизода ја посветивме на локални тату-артисти, а овој пат се одлучивме да се свртиме малку кон светот на модата и да ја искористиме приликата за да се запознаеме подобро со неколку модели.

Некои од овие Reborn ликови веќе имаат долгогодишни кариери зад себе, други се наоѓаат на самите почетоци од своите моделски-приказни, некои отсекогаш сонувале да бидат модели, а за други пак моделството доаѓа како спонтан резултат на неколку интересни животни пресврти.

Подолу се нашите мини-разговори со Елена Гугоска, Горјана Кулишевска, Димитар Амски и Викторија Ристовска, во кои ни раскажаа за како изгледа секојдневието на еден модел, за кои од стереотипите се вистина, кои заблуда, за следните модни трендови и во кои споделија по некој совет за оние кои допрва планираат да запливаат во овие води.

 

Елена Гугоска

Елена, кога за првпат започна да се занимаваш со моделство? Дали има некој кој би го нарекла свој ментор, кој ти помогна низ кариерата?

Мојата приказна со манекенството започнува на 15 години, возраст во која почнав појасно да размислувам за своите интереси и желби и имав среќа да наидам на агенција која ги препозна моите квалитети и ми помогна да ги направам првите чекори кон оваа професија. Како свој ментор, со особено задоволство ќе го посочам Алек Наумовски, агент во Моделс ин, кој никогаш не застранил во својата професионалност и покрај добар менаџер, не заборавил да биде и пријател, кој постојано се труди правилно да нè насочува мене и сите мои колеги.

 

Од едно твое интервју дознавме дека скоро 10 години се занимаваш со моделство. Како изгледаше македонската модна сцена когa започна и сега? Што ти недостасува, а што мислиш дека е позитивна промена?

Дизајнерската креативност на македонците била секогаш силно присутна и јас нема да престанам да верувам во неа. Имаме и повеќе од само потенцијал, но она кое недостасува е поголемо разбирање и координираност, кое е неопходно за да се одржи ентузијазмот на нашите креативци. Во отсуство на тоа, нив им се заканува лошото чувство дека овде работите тешко се помрднуваат. Не е доволно само да зборуваме дека сме добри и можеме, потребно е да се прави нешто со вистинска постојаност која ќе им ја храни довербата и желбата на дизајнерите да ја прават поубава и нашата сцена.

 

 

Покрај по твојата моделска кариера, те знаеме и по твојот прв арт проект #ProjectDrawEurope за кој имаше изложба на Паратисима 2016. Раскажи ни нешто повеќе за ова.

Кога споменав погоре дека на 15 години сум почнала да остварувам подобар контакт со она кое ме интересира и предизвикува, не мислев само на манекенството, туку и на мојата голема желба за цртање. Всушност, тој дел од мене и многу повистински ме дефинира.

#ProjectDrawEurope е проект кој своевремено беше замислен да постои само за мене. На крајот од студиите, заминав на апсолвентската екскурзија и ми беше потребно на тоа патување за кое ќе раскажувам цел живот, да му дадам уште поубава димензија. Сакам да фотографирам и затоа сакав овие спомени да не ги фрагментирам само во дигитална форма, па така се роди целата идеја. Непосредно пред секое влегување во нов град, ја создавав во глава првата слика што би сакала да ја видам таму и ја пренесував во тетратка. Сосема спонтано, сите слики од мене и од апаратот, го изведоа овој проект, кој сведочи за едни убави, млади и креативни времиња.

 

Дали мислиш дека светската модна индустрија има експлоaтаторски став спрема моделите? Колку е тешко да се биде модел во денешно време?

Како и секоја профитабилна индустрија, така и модната, не е исклучок кога станува збор за голема конкуренција што секако води и до експлоатирање. Ќе кажам дека за да се биде модел не е лесно, во било кое време. Позади слатките пози, беспрекорната облека и шминка, на крајот од денот стои уморен човек кој поминал 15 саати пробувајќи да го создаде прототипот на следниот инстаграмски тренд. Она кое ми е потребно да го објаснам е дека манекеството е работа, која како и било која друга, покрај забавен аспект, има макотрпни периоди и бара истрајност на изборот. А јас како најважно би издвоила и голема зрелост на личноста.

 

 

Дали досега си учествувала во ревија надвор од Македонија? Доколку би можела да избереш, на ревија од чиј светски моден дизајнер би учествувала?

Да, неретко сум имала професионални ангажмани надвор од Македонија, кои би ги коментирала само како убаво искуство.

Дизајнерите од чија ревија би сакала да бидам дел се Ralph & Russo, како и Zuhair Murad. Зборувам за дизајнери кои и покрај својата различност во стиловите, поставуваат креации во несекојдневен стил кои примарно се во знакот на женственоста, раскошни и силни во визуелното доживување.

 

Дали би прифатила да бидеш дел од проект со акт-фотографии?

Да, би прифатила да бидам дел од проектот, но не и моделот.

 

///

 

 

 

 

Горјана Кулишевска

Горјана дали моделството е одамна твој сон? Дали уште како дете сонуваше со ова да се занимаваш?

Искрено, не размислував во таа насока, со моделството почнав да се занимавам сосема случајно. Како и секое дете желбите ги менував често, бидејќи секоја нова игра кај мене создаваше желба за нова професија.

 

Бидејќи сè уште си во средно училиште, како успеваш да ги искомбинираш и реализираш обврските кои ти ги налага училиштето и моделството? Дали тоа значи жртвување на социјалниот живот?

Приоритет секако ми се училишните обврски, а моделството е нешто што ме релаксира, кое сакам да го работам и кое ме исполнува. Социјалниот живот се разбира дека не е запоставен. Наоѓам време да испијам кафе со другарките и да видам што се случува на социјалните мрежи.

 

 

Ти си носител на титулата „Лице на годината“ за Македонија за 2017 година. Што претставува ова признание за тебе?

Титулата „Лице на годината“ е огромно признание за мене и мојот труд, а оттаму и можност да ја оправдам довербата која ми беше дадена. Учеството на еден ваков интернационален настан беше уште едно искуство и еден мотив да се почувствувам посигурно во модниот свет.

 

Дали можеш да ни раскажеш како изгледаше твојот прв ден во моделската кариера? Како беше примена од страна на другите модели во модната агенција?

Како и секој друг почеток, почетокот на мојата модна кариера беше проследен со позитивна трема која постои и до ден денес. Имав среќа да започнам со поискусни модели, кои беа отворени и спремни да ги споделат своите искуства, што ми помогна лесно да се вклопам во таа средина од која произлегоа и многу нови пријателства.

 

 

Која е најкомплицираната ревија од која си била дел?

Нема комплицирана ревија, доколку секој професионално го одработува својот дел од работата. Секоја ревија за мене е нов предизвик од кој со задоволство учам.

 

Во каква облека се чувствуваш најудобно и нај „ти“?

Секогаш имам патики на нозе. Тоа значи дека „casual“ е оној стил кој ме опишува, иако се разбира, зависно од приликата ја менувам и облеката.

 

///

 

 

 

 

Димитар Амски

Кога и како влезе во светот на модата? Дали моделството беше твоја долгогодишна пасија или ненадејно се случи?

Уф, Ана Марија е крива за сè. Мојата кариера како модел се случи сосем ненадејно, една есен пред 5 години, кога прв проект на кој работев беше реклама за ЏаБест. Ме имаше на билборди и по автобуси едно година-две сигурно.

 

Што би сакал да знаеш кога започна да се занимаваш со моделство? Што би ги советувал оние кои допрва планираат да запливаат во овие води?

Tips and tricks for how to keep the body in shape and live a hectic lifestyle: Да си ја набилдаат самодовербата пред да се впуштат во овие води, да не се срамат, да бидат спремни на сè пред камера, ако планираат професионално да го работат ова во друга земја, каде што има огромна конкуренција, да научат да позираат и одат, да си направат што поголемо портфолио и да не се тетовираат.

 

 

Како би го дефинирал твојот стил на облекување во неколку реченици? Дали во приватен живот носиш парчиња од македонски брендови?

Сакам да се дотерам за посебни прилики, но претежно стилот ми е лежерен/casual/спортски. Обожавам уникатни парчиња облека. Искрено носам сè што ми се допаѓа без разлика на брендот.

 

Кој ти е најдраг проект од оние на кои досега имаш работено?

Сакам проекти кои траат повеќе денови и има супер дружба и позитивна атмосфера во цела екипа.

 

TIMBERLAND кошула

 

Кои би рекол дека се позитивните, а кои негативните страни на моделството (општо, но и во Македонија)?

Секој би се сложил дека позитивните страни се тоа што имаш многу прилики за шетање, дружење и запознавање на нови луѓе. Од друга страна, секако дека има и лоши работи, пример фактoт дека не е се така совршено како што изгледа кога ќе ја погледнете рекламата, крајниот резултат. Некои сликања се напорни и траат многу долго, се сликаш во 20 комбинации, доаѓа до степен да на крајот повеќе немаш експресии на лицето.

 

///

 

 

 

 

Викторија Ристовска

Викторија, раскажи ни нешто повеќе за твоите почетоци и како тоа се реши да станеш модел?

Уште како мала сакав да се занимавам со оваа професија, но приказната започна кога мојата професорка по македонски јазик, чија ќерка е фотографка, ми предложи да одам на кастинг за модели. Наеднаш се запознав со многу нови личности, кои веќе подолго време се занимаваат со тоа и стекнав многу нови пријатели кои ми помогнаа подобро и полесно да се снајдам во новата средина.

 

Некогаш моделите се подложни на стриктни диети кои со себе носат многу жртви и откажувања од одредени задоволства. Дали ова важи и за тебе?

Можам да кажам дека ова правило не важи за сите. Секој човек има различна градба и метаболизам. Сега за сега не планирам да се откажам од добрите крофни во Хром, палачинките од Fitness House, кафињата со шеќер кои редовно ги пијам, геврекот од Силбо што го јадам многу често и мрсните банички од Ла Делишес. Сè уште нема потреба да се откажам од убавите јадења што ми ги нуди ова наше мало Скопје.

 

SCOTCH & SODA фустан

 

Како дел од светот на модата, кажи ни – кои модни трендови ќе доминираат летово?

Ова лето се гледам во долгите цветни фустани, шарените чорапи, новите патики што ќе си ги купам каде и да одам на одмор, долгите марами со јаки бои и жолтата боја што ќе ми одговара на сè. Да не ја заборавиме и мојата долга бушава коса, на која ќе ставам многу шешири во сите бои, очила за сонце од времето на Audrey Hepburn и засекогаш безвременските старки и мартинки.

 

Дали имаш трема пред ревија? Дали имаш некој посебен ритуал кој го практикуваш пред секое чекорење на писта? Како се припремаш за ревии?

Ова прашање многу често ми го поставуваат. Да, имам понекогаш трема особено, а 10-те секунди пред да излезам на писта. Имам мал „ритуал“ кој го практикувам пред секоја модна ревија – ред бул и трчање со штикли низ целата просторија. Некогаш знам и да си пуштам добра музика за да ме релаксира.

 

SCOTCH & SODA фустан

 

Comments

comments