Фотографии: Александра Костадиновска

 

Ликовите што ги избравме за месецов нè инспирираа Јули да го наречеме месец на храна на Reborn.

Можеби зборувам само за себе (Дона куца, здраво), но верувам дека важи за целиот тим – стануваме сè по опседнати со квалитетна, внимателно приготвена храна. Очигледно, до тој степен, што решивме да и посветиме еден месец од годината. А би одела и толку далеку, што би рекла дека доколку заедно не започнавме списание, најверојатно досега ќе отворевме мал ресторан.

Четирите „ликови“ во продолжение добро нè разбираат и ја делат оваа пасија со нас. Сите од нив се готвачи, секој од нив носи свој посебен фокус и специфичност, но секој подеднакво ужива во приготвувањето на вкусно јадење кое ќе ги направи луѓето околу нив среќни.

Запознајте ги Аида и Елена од Missy Onion, Никола Исаиловски – Цаци и Антонио Паневски, школски примери за луѓе кои отсекогаш знаеле што им го прави животот целосен.

 

Аида и Елена (Missy Onion)

Нашите читатели за прв пат ве запознаа пред 3 години, кога го направивме првото интервју со вас. Што се има променето оттогаш? Кои ви се плановите за блиска иднина?

Продолживме по истиот терк по кој движевме кога ве запознавме, со Missy Onion Pop Up вечерите, во кои приготвуваме храна за група луѓе. Но веројатно во меѓувреме пораснавме како готвачи и го инстенчивме вкусот и перцепцијата за добра храна и продукти. Основата остана иста – нашето длабоко убедување дека добро кулинарско искуство се базира пред сè на исклучително квалитетни и свежи состојки, едноставност во менито и готвење со љубов.

Убавината и она што нè исполнува за време на овие настани е тоа што секоја од вечерите има свој темперамент и оригиналност, се одржува во интимна атмосфера, а најмногу од сè е што може да ја споделиме таа чинија љубов со луѓе кои вистински знаат како да ја возвратат. Во блиска иднина се стремиме да учиме и да истражуваме колку што можеме повеќе.

 

REPLAY фустан // REPLAY ремен

 

Додека растевте, која беше таа една личност во вашиот живот, која готвеше одлично? Дали мислите дека денес готвите подобро од нив?

За начинот на кој пораснавме со гастрономијата, имаат влијанија членовите од нашите семејства. Она што го научивме е дека не е само начинот на кој бабите, мајките, татковците, тетките готвеле, туку е и впечатокот кој го имаме од нив дека топлината и споделувањето за време на заедничкото готвење и јадење е ритуал. Тоа за нас е духовно богатство. Немаме амбиција да готвиме подобро од нив, но ја имаме нивната желба и љубов.

 

Кои ви се омилени локали во Скопје/Македонија за јадење?

Сакаме места кои што имаат својата душа, го отсликуваат карактерот на сопственикот, градот и своите клиенти. Локали кои работат со посветеност и љубов, фокусирајќи се на квалитетот, а не на квантитетот. Тоа никогаш не застарува.

 

 

Знаеме дека покрај пасијата за храна која ја делите, двете обожавате и да патувате. Кое е местото што сте го посетиле ја има најдобрата храна која некогаш сте ја јаделе?

Едногласно – Франција.

 

Кога би морале да изберете едно од јадењата кои ги приготвувате самите, што ќе мора да го јадете само тоа до крајот на животот, што ќе изберете?

Аида: Домашен леб и путер. Засекогаш.
Елена: Шпагети aglio olio. Засекогаш.

 

DIESEL фустан (лево) // REPLAY фустан (десно)

 

Кој ви е омилен познат готвач?

Би сакале да бидеме Anthony Bourdain’s young padawan. Не можеме да издвоиме еден, секој/a има свој/а визија: Eugénie Brazier позната како “la mère Brazier”, Michel Troisgros, Alain Passard, Massimo Bottura…

 

///

 

 

 

Никола Исаиловски – Цаци

Со готвење се занимаваш веќе подолго време, колку точно? Кога за прв пат сфати дека сакаш да бидеш готвач?

Беше една зимска долга студена ноќ, далечната 1999, бев 6-то одделение. Бевме сами дома со брат ми. Во тоа време, за да се преживее, сите работеа по две работи во денот. (Не дека сега е поразлично).

Во фрижидерот имаше едно кесе со свинско месо, поделено за еден ручек. Му реков на брат ми: „Дебел, дај да направиме нешто за јадење за кога ќе се врати мама да ја чека вечера“. За чудо, брат ми се сложи, и сум му вечно благодарен! Го извадив месото од фрижидер и почнав да го пржам. Не се ни сеќавам дали ставив сол. Го пржев месото добри 20 минути, го пресушив, ама сигурен бев дека нема да е живо. Го ставивме на маса, извадивме леб и толку, вечерата беше спремна.

Половина час подоцна мајка ми се врати од работа. Го најде станот умирисан, на деца не им текнува дека треба да излуфтираат. Прво што направи – праша која баба останала да нè чува до толку доцна што спремила вечера. Ние стоиме како „покиснати“, не знаеме кој да одговори. Брат ми собра сили, одговори, исплашен дека ќе бидеме казнети поради хаосот кој сме го направиле.

Кога слушна, мајка ми почна да плаче, дојде, нè гушна и седна да јаде. Којзнае каков вкус имаше „вечерата“, но јадеше. Тоа беше моментот кога Фет Цацко се пронајде себеси. Сè останато е историја.

 

TIMBERLAND кошула

 

Сите имаме едно јадење што ни е омилен и безбеден избор за готвење кога немаме идеи. Кое е твоето?

Паста! Паста е нешто што можеш да го јадеш во секое време, со било каков сос, а дури и без сос. Се приготвува најбрзо и само треба да бидеш внимателен да не ја превариш.

 

Кои се трите работи кои мислиш дека секој треба да знае да ги приготви сам?

Да испржиш сам јајца, во било каква форма, да свариш паста, што е прелесно и да испечеш пица. Ако е смрзната, следете ги инструкциите на пакувањето, ве молам. А ако сами ја правите, загрејте ја рерната 20 минути порано на најсилно и ставете ја пицата да се пече точно 10 минути. Перфектно!

 

TIMBERLAND кошула

 

Дали имаш некое „хорор“ искуство со готвење кое би сакал да го споделиш?

Их! Кој немал. Последното беше сега во Германија. Имаше настан на кој требаше да спремам храна за 30 луѓе. Планот беше да направам ориз со пржен зеленчук и тофу и салата. Го ставив оризот да се вари и почнав да го пржам зеленчукот и тофуто. Заврши, го тргнав на страна, но не и оризот.

Се фатив на муабет со еден од изведувачите надвор. Оризот го заборавив. По 30 минути муабет еден пријател дојде и праша што ќе има за јадење. Тогаш сфатив – отиде оризот. Но, да е жив и здрав кус кусот, кој се прави за 5 минути. Среќа имав залиха и наместо оризот, спремив на брзина кус кус, го помешав со пржениот зеленчук и тофуто, исцедив малку лимета, ставив ситно сецкан коријандер и младо кромидче, пропржен сусам, соја сос… (оп, ете ви еден рецепт гратис :D) И така се спасив.

 

Кој мислиш дека е најдобриот начин за човек да научи да готви? Дали преку готвење на различни рецепти? Или има подобар начин според тебе?

Мораш да пробаш. Ако не пробаш никогаш нема да знаеш дали те бива или не. Често луѓе викаат дека не знаат да готват, а никогаш не ни пробале. И да згрешиш првиот пат, супер, одлично, следниот пат ќе знаеш како не треба. Треба да си речеш дека „Сега влегувам во кујна и праам парче!”, да имаш самодоверба, но и да бидеш психички спремен дека после ќе треба да си ги измиеш садовите.

 

 

Неодамна го започна твојот прв видео проект за готвење „Fat Kitchen“. Кажи ни, за готвење пред камера, колку внимаваш на облеката и стилот?

Нема многу разлика помеѓу готвење сам дома и готвење пред камера. Само замислуваш дека му објаснуваш на некој пред тебе што правиш. Што се однесува до облеката и стилот, нема многу разлика од тоа што го носам пред камера и тоа како се облекувам приватно. Но сметам дека и облеката е доста важна во емисијата, затоа што го претставува ликот пред камерата.

 

///

 

 

 

Антонио Паневски

Антонио, ти си pastry chef. Знаеме многу луѓе кои уживаат во готвење, но многу мал број од нив се одлучуваат на печење и припремање десерти. Како се одлучи да се фокусираш на десерти?

Причината зошто се фокусирав на правење слатки е затоа што едноставно отсекогаш повеќе ме привлекувале и затоа што бараат повеќе внимание и концентрација. Едноставно чувствувам повеќе задоволство кога ги приготвувам.

 

Кои типови на десерти најчесто ги приготвуваш? Која земја мислиш дека има најдобри благи?

Преферирам десерти каде најмногу доминира црната чоколада, мусеви и десерти кои содржат повеќе типови на вкусови. За мене, Франција е земјата каде се наоѓаат најдобрите благи.

 

 

Кој е најтешкиот десерт што некогаш си го направил? Дали готвиш тешки рецепти затоа што се предизвик?

Со досегашното мое искуство не сум имал тежок десерт, се надевам во иднина ќе имам потешки предизвици со кои ќе се соочам и ќе можам да кажам кој е најтешкиот десерт што сум го приготвил. Би сакал, и искрено се надевам, дека ќе се сретнам со поискусни шефови кои би ми помогнале во такви поголеми предизвици.

 

Приготвувањето на десерти за жал бара многу „алатки“. Без кои 3 работи во кујната не можеш да функционираш?

Миксер, шприц и шпатула.

 

Дали можеш да се сетиш на најдобриот десерт кој некогаш си го јадел во животот?

Минатата година, во Барселона, во специјализирана продавница за благи, јадев одличен спој на чоколаден мус, крем од лешник и пикантен вкус, кој тешко се заборава.

 

 

Моментално работиш во Distrikt. Како професионален готвач, кој за работа носи униформа. Дали ти фали моментот да се „изразиш“ преку облека?

Да, ми недостига опцијата да изберам облека која ќе зборува за мене. Многу недостига.

 

Comments

comments