Фотографии: Елена Фиданска

 

Овој месец, неслучајно пред почетокот на летната фестивалска сезона, се одлучивме за ликови-музичари.

Ако требаше да го започнеме текстов со клише-изјава, ќе се одлучивме за тоа дека: „Во лето животот ни е песна“. Па и немаше да те излажеме. Затоа, откако во минатата епизода со тебе ги споделивме приказните на неколку локални актери, овој пат ти „фрламе“ по некоја добра информација за пар наши музичари.

Во продолжение се мини-интервјуата со Дина Јовановска, Марко Џамбазоски, Леана Таќи – Леа и Лука Горгиевски.

 

 

Дина Јовановска

Енергична девојка која не ја фаќа место, секогаш расположена за муабети до сабајле. Огромен фан на Формула 1, ракомет и „Homeland“. Ако на инстаграм напишеш #инстакучкарки, веднаш ќе добиеш слики токму од Дина.

 

 

Како започна приказната со „The Ringtones“, бендот во кој пееш? Кои се вашите идните планови? Дали некогаш си размислувала за соло кариера или можеби твој авторски бенд?

Приказната со „The Ringtones“ започна минатото лето, јули 2016-та, кога влегов како нов член во бендот, односно како главен вокал. Веќе имав претходно искуство, така што преминот од еден во друг бенд беше прилично едноставен и брз. Првата работа што „кликна” со момците од „The Ringtones“ беше сличниот вкус на музика, но исто така и дружбата и енергијата што заедно ја имаме и ја делиме на сцена.

Почнавме да градиме репертоар кој првично нас ќе ни се допадне и ќе ни биде интересен за свирење и слушање, а сепак да се разликува од сите други репертоари. Во идни планови, или планови кои полека се реализираат, е вклучувањето на нов инструмент кој за момент ќе ги оттргне луѓето од идејата дека сме класичен рок бенд. Ние сме дефинитивно „open minded“ бенд, секогаш подготвен за експерименти.

Кога станува збор за соло кариера, отсекогаш сум сакала да бидам дел од нешто, можеби и тоа е причината што повеќе сакам да сум во бенд отколку да имам соло кариера. Никогаш не ја исклучувам можноста за формирање авторски бенд, тоа всушност би било многу фино, да имаш нешто свое со луѓе што се на иста страница со тебе, кога станува збор за музика.

 

Раскажи ни нешто повеќе за твоите почетоци и настапи на „Идол“ 2011 година? Што сè се промени во овие 6 години? Какво искуство е за тебе учеството на „Идол“?

„Идол“. Не можам да не се изнасмеам сега кога ќе се навратам 6 години наназад, колку сум била млада и неискусна. „Идол“ беше супер искуство, одлична дружба, смеење и пеење колку сакаш. Навистина мислев дека можам далеку да стигнам, но да не ме пукнеше трема до степен да заборавам како се викам, можеби и ќе успеев во мојата намера. Но сега кога размислувам за тоа, учеството на „Идол“ ме натера да заборавам како е да имаш трема пред настап. Можеби не направив некаков значаен успех, но „Идол“ дефинитивно ми помогна во мојата музичка кариера.

 

SUPERDRY ранец

 

Да можеш да бираш, со кој изведувач (мртов или жив, светски или наш) би снимила дует?

Да можам да бирам со кого би направила дует од тие што не се повеќе меѓу нас би рекла Michael Jackson, затоа што до ден денес, не постои некој што наликува на неговиот стил и музика. Од денешните пак, живи изведувачи, би се одлучила за Hayley Williams од „Paramore“, затоа што е интересна, забавна и одличен женски вокал на бенд.

 

Ако би требало да напишеш и испееш песна за Скопје, како би се викала песната?

Ако би требала да напишам или испеам песна за Скопје сигурно ќе ми падне на памет стихот на Bob Sinclar, што вика: „World, hold on, instead of messing with our future, open up inside“ па би ја крстила Skopje, Hold On. Бидејќи надежта последна умира, нели?

 

SCOTCH & SODA блузон

 

Дали мислиш дека стилот на облекување е „огледало“ за карактерот и вкусот на една личност, а особено музичар? Дали музиката која ја слушаш влијае врз твојот стил на облекување?

Стилот на облекување e индивидуална работа и не постои парче облека што некого ќе го направи да изгледа успешен. Облеката не го дефинира човекот, начинот на однесување го прави тоа. Но секој од нас има право да си го истакне карактерот или да остави свој печат преку својот стил на облекување. Како музичар, немам посебно дефиниран стил и музиката што ја слушам нема некое особено влијание на врз мојата облека. Почитувам некои нови трендови, често менувам и сакам да експериментирам од време на време, но најчесто сакам да се чувствувам удобно во тоа што го носам.

 

 

 

//

 

Марко Џамбазоски

Марко Џамбазоски од „Визија“ дава големо ДА за рок ен рол, филм, спорт и фотографија. А уште поголемо НЕ за меинстрим и кич. Ужива во топол бурек после полноќ, природа и добра дружба, a не сака монотонија и неправда. Понекогаш, ни тој самиот не знае што сака.

 

 

Избран беше за најдобар рок гитарист на Рок Фест 2014. Што значи за тебе оваа титула? Дали и на кој начин таа влијаеше врз бендот „Визија”?

Секако, многу ми значи признанието и мислам дека токму тој настан имаше позитивно влијание врз мотивацијата на сите членови на бендот за да опстоиме на нашиот музички израз, што подразбира сериозен пристап врз техниката на свирењето и аранжманите на песните. Сепак, јас не бев инструменталист кој што се натпреварува во брзината на солирање, ниту пак во каква било друга форма на техничка атракција па и оваа награда не ме скршна од тој пристап. Инаку за мене гитарата претставува средство за изразување, инструмент за внес на слушателот во суштината на пораките на нашите песни. Верувам дека токму тоа беше препознаено на Рок Фест 2014.

 

Раскажи ни нешто повеќе за твојот документарен филм за бендот „Мизар“? Како дојде до оваа идеја и како изгледаше целокупниот процес? Што за тебе претставува овој проект?

Уште кога бев мал, татко ми ми раскажуваше разни случки од периодот кога свирел во „Мизар“, за нивните концерти, турнеи, прогресивност, за пречките на кои наидувале при развојот на бендот, итн. Секогаш со интерес го слушав, ги замислував и визуелизирам како би изгледале на бината бидејќи дома немавме ниту една видео – снимка од тој период.

Сето тоа што го замислував се градеше како еден филм во мојата глава. Оној ден кога се запишав на Факултетот за драмски уметности знаев дека тој филм, што со години го мислев, ќе го реализирам и претставам пред публиката. Првичната цел беше да дојдам до квалитетен видео-материјал, и успеав во тоа. Најдов видео снимки од архивата на МРТВ, кои биле пуштени само два пати на ТВ екраните, а потоа лентата била оставена да фаќа прашина на некоја полица во мрачниот лавиринт на МРТВ. Тогаш за прв пат имав прилика да видам како звучеле и изгледале „Мизар“ во времето на нивните почетоци. Филмот го работев неколку месеци, премиерата ја доживеа на Скопскиот филмски фестивал во 2014, а потоа беше дел од многу интернационални фестивали речиси низ целиот Балкан, па дури и надвор од овој регион.

Покрај сите позитивни признанија и искуства кои ги добив со овој филм, најдраго ми е што го снимив првиот документарец за „Мизар“ и го документирав периодот кој што за јавноста е најмалку познат, а бил од пресудно значење за нив.

 

LEVI’S маица

 

Кој е најдобриот совет што си го добил од твојот татко Панта Џамбазоски, еден од основачите на „Мизар“ и првиот тапанар во „Архангел“? Што реагираше татко ти кога се реши да снимаш документарец за „Мизар“?

Кога му соопштив дека сакам да снимам документарец за „Мизар“ татко ми беше возбуден, но истовремено и по малку скептичен. Не беше сигурен дали ќе може да ги соберам сите членови, затоа што со годините и различните животни патишта нивните средби беа многу проретчени… Беше скептичен дали ќе се согласат. Но јас бев решен да снимам филм и ја презедов иницијативата – ги собрав на купче! Драго ми е што и покрај годините не ја загубиле младоста, ниту пак вербата во младите. Имав одлична соработка со нив. Знаеја да слушаат, а и да послушаат. Сигурен сум дека поради таквиот нивен карактер и имале успех во осумдесетите години, периодот кој го разработува овој филм.

Најдобриот совет што сум го добил од татко ми е секогаш да бидам свој, да не се обидувам да бидам некој друг и да го слушам срцето кога работам и создавам. Но, и да бидам упорен за да го остварам тоа во што верувам. Тој совет ме води во сè што создавам.

 

„Визија“ е бенд кој беше прогласен од британскиот портал „Emerging Indie Bands“ за еден од најдобрите нови 90 бендови во светот, и тоа на 7 место. Исто така, песната „Гласот на мојата душа“ беше прогласена од американското радио WNBR за една од најдобрите за 2013 година. Што значи ова за „Визија“ како бенд? Како се случија овие признанија?

Постојат музички новинари ширум светот кои што истражуваат нова музика и нови бендови од целиот свет. Па дел од нив, преку чудните патишта на интернетот, успеале да стигнат до нашата музика, да напишат позитивни критики за нас, па и да нè вбројат помеѓу најдобрите нови бендови во светот. Тоа секако значеше многу за нас, бидејќи признанијата доаѓаат од луѓе и критичари на кои не им е познат македонскиот јазик. Исто така, позитивно се одрази и на нашата медиумска промоција тука во Македонија, каде што најголемиот дел од медиумите се доста резервирани за новите македонски алтернативни бендови.

 

LEVI’S маица

 

Колку мислиш дека облеката влијае врз имиџот на еден музичар? Дали веруваш дека стилот на музиката која ја живееш треба да се одрази и врз облеката која ја носиш?

Не би рекол дека ТРЕБА да се одрази, но сепак мислам дека по аналогија на нештата,  облеката и стилот имаат свој одраз на сето тоа што е поврзано со еден бенд, неговото творештвото и израз. На пример правилниот избор на облека може само да ја засили пораката која ја пренесува бендот преку своите настапи во живо. Музиката не е само слушање, за што постојат музички уреди и носачи на звук. Бендовите се и за гледање, за акција и реакција со публиката. „Визија“ е пред сè бенд за живи нешта.

 

 

 

//

 

Леана Таќи – Леа

Леа посакува денот да има повеќе саати за да има време за сѐ во животот. Таа сака да пее, да создава музика, да пишува, воглавно – Леа ужива во сè што значи креативност. Моментите кога не создава музика, таа ги поминува со фамилијата, нивните животинки, во спортување и готвење на убави јадења.

 

 

Пеење, спортски натпревари и предизвици, тетоважи, огромна љубов кон животните… Како наоѓаш време за сите активности? Што е следно на оваа листа?

Оставам простор дека и понатаму можам да се изненадам себеси, ама мислам дека тоа ќе биде од прилика листата. Пеењето и животните се нешто што ми е вродено и отсекогаш било со мене, а спортот и тетоважите се нешто што го најдов по пат. Спортот како еден вид на бегство од стресот на реалноста (и генерално подобрување на начинот на живот), а тетоважите како начин на доизразување на сѐ што не може да се докаже преку песна.

Премногу е тешко да ги вклопам сите овие работи во 168-те саати во неделата – ама се трудам да се водам по строг распоред (со повремени исклучоци за да не се изроботизирам). Наутро вежбам една до две спортски активности, работам цело попладне (работам маркетинг, тоа ми е дневната работа), а вечерите ми се резервирани за проби, свирки и нормално социјализирање.

 

Кој е најдобриот совет што си го добила од твојот татко, Гранит Таќи, член на бендот „Лева Патика“? Како е да се расте со родител музичар?

Татко ми во друштво е познат по своите анегдоти. Секогаш кога седиме собрани кај мене – обавезно ни пушта по две-три мудрости. Баш месецов кога му ја пуштив „Волим те”, преработка на негова песна која му ја спремив како роденденски подарок и една моја нова снимена песна („Missing”, која ја чувам необјавена веќе долго време). Седам јас така, наоѓајќи им мани и одложувајќи го објавувањето, а татко ми слуша и ми вика: „Леи, ова е одлично. Ти можеш да наоѓаш мани бескрајно и никогаш да не ги пуштиш, ама треба да и` дадеш на музиката да живее. Не е до тоа дали тебе ти се допаѓа или не, едноставно, треба да ја оставиш да дише и живее.” Скроз беше во право за тоа.

Често го кажувам тоа дека татко ми никогаш не сакал да се занимавам со музика и долги години пробуваше да ме разубеди. Веројатно го има и сам поминато патот и знае дека покрај големото исполнување кое музиката го носи со себе, носи и разочарувања. Веројатно само сакал да ме заштити. Ама таква сум си јас, сакам сама да се уверам во нештата!

 

SCOTCH & SODA фустан

 

Што за тебе претставува бендот „Eye Cue“? Какво искуство е членувањето во бенд кој беше толку успешен на македонската сцена?

Не се чувсвувам како да бевме којзнае колку успешни (мислам дека моментално се попопуларни) т.е. не се чувствувам нешто ултра познато и успешно во музичкиот свет.

Мислам дека имам уште многу да дадам и како што реков, во периодов работам со група на блиски луѓе на 2-3 песни кои се надевам ќе излезат наскоро, но не очекувам дека тоа ќе ми донесе којзнае каков успех.

Едноставно сѐ што правам ми доаѓа природно и го правам со голема љубов и посветеност. Ќе бидам неизмерно среќна доколку тоа што го правам им се допадне на луѓе, но сепак е тоа малку поалтернативна музика и не очекувам распродажба на албум во милионски тиражи.

 

Имаш настапувано на сцена безброј пати во животот. Дали твојот стил на облекување е различен кога си на сцена?

Сигурно имало периоди кога се разликувал стилот, но како што растам верувам дека изградив некој стил кој е скоро-па-ист на сцена и во секојдневниот живот (освен кога тренирам). Многу сакам облека и стилот на облекување го сметам за уште еден многу важен начин на изразување. Со тек на време сфатив дека сум екстремен љубител на убави патики и накит. Тие работи пробувам да ги комбинирам со буквално сѐ што носам.

 

SCOTCH & SODA фустан

 

Раскажи ни за твојот последен проект, бендот „Lea & The Screws“. Како се случи таа приказна? Зошто одредено време беше отсутна од македонската сцена? Дали можеби се одлучи да се фокусираш на нешто друго тој период?

Интересно е дека на шала испадна името на бендот и сѐ уште си останува „Леа & The Screws“. Ми дојде некоја идеја за лого и цел, да го наречам, „бренд имиџ”, па затоа се одлучивме за тоа име. По некоја пауза од 2-3 години без свирки, сфатив дека многу ми фали пеењето – решив да соберам дел од блиските луѓе и да најдеме една-две свирки кај што може да нѐ чујат сите оние кои со години ме прашуваат „кога/каде свирка?”. Не се чувствувам целосно кога немам свирки, едноставно ми фали тој тип на контакт со луѓе и ширењето на таа енергија, најверојатно затоа што тоа е голем дел од тоа што ме прави мене – Леа.

 

 

 

//

 

Лука Горгиевски

Кога би можел да бира, вокалот на „Funk Shui“ би се одлучил за настап со Die Antwoord. Настапот би бил во џунгла пред водопад во вода до глуждови, боси и природни. Кога се во прашања плановите за иднина, Лука планира да ги помине деновите свирејќи јужно-американска музика со својата оженета гитара.

 

 

„Funk Shui“, бендот на кој ти си фронтмен, е оформен во 2010 година. Како гледаше тогаш, а како сега, после 7 години постоење на проектот „Funk Shui“? Што остана непроменето, а што најмногу еволуираше низ годините? Каде бевте тогаш, а каде сте сега?

Сигурен сум воден по интерната динамика, „Funk Shui“ е нешто како семејство, а највеќе платформа која сè уште си нема дефинирано функција на дејствување во некоја област. Од и засекогаш ја доживувам како хумано-уметничка-социолошка школка во која се калат бисери (идеи и луѓе), кои се наизглед чудни, поради чисто автентичен потенцијал со своите мозоци и срца. Тоа постои и трае од 2007 па сè до денес. Константна еволуција од идеја во луѓе, па назад во идеја. „Funk Shui“ e клетка која се дели со брзината на создавање на живот од неа.

 

Доколку треба да се одлучиш за една гитара која ќе ја свириш до крајот на животот, за која би се одлучил?

Соништата ми велат дека гитарата која ќе биде вистинска моја, а јас нејзин, ќе ја задржам и ќе свирам централно / јужно-американска музика на неа до крајот на животот. Реалноста сè уште работи на случајот. Не сакам гитари кои после една недела не свирење се зарѓани и звучат туѓо.

 

SCOTCH & SODA маица

 

Имаш напишано многу необични текстови. Од каде црпиш инспирација за нив? Може ли да ни раскажеш за текстот на песната „Деца“?

Може. Асоцијации, асоцијации, асоцијации. Не сум сигурен како ги склопувам, исто како што не сум сигурен што ќе свирам следно. Животно flow + чувства… Мозокот ми е секогаш слеп во тие моменти. Некогаш не си ги разбирам ни јас. Понекогаш предвидувам лични ситуации кои се случуваат една-две години подоцна од пишувањето на текстот, како на пр. во моментов го доживувам тектстот на „Архетип“ и се чуствувам како да сум креирал иден клон од сам себе и сум се оставил во иднината за да се видам појасно кога ќе се сретнеме во тој момент од времето. Битна е музиката, а не текстот. Формата пред суштината / пораката не стигнав до таму да бидам разбран. Мислам дека треба да се доживеат текстовите како асоцијации кои создаваат слики ако ги слушаш мижејќи, не како порака или било што. Додека пак, „Деца“ е пишувана во прекрасна бела палата во сопственост на една висока другарка, на брегот на црногорското море пред да воопшто може да се намириса колку вистинити би можеле да бидат настаните од текстот. Пливајќи навечер згазнав на морски еж и заработив 30-тина (буквално) убоди на десната нога.

„Пливајќи ноќе

Затворени очи

Никако нема

Да дојде при рака“

 

SCOTCH & SODA маица

 

Дали имаш еден омилен бренд на облека?

Не сакам облека, кога бев помал замислував свет како овој во кој луѓето јадат, спијат, гладуваат, сурфаат и се сурови, нежни, големи, грди, убави, прекрасни како што се на овој свет ама без облека. Има две опции, едната е тој свет да биде ужасен и примитивен, а другата софистициран, испран и чист.

 

Comments

comments