Фотографии: Елена Фиданска

 

Продолжуваме со истата стратегија. Ликовите од претходната епизода беа фотографи, овој пат се актери.  

Во деновите пред Reborn, при помислата на актери во глава истиот момент ни се појавуваше слика од James Dean во бела маица и сребрен кабриолет, млад Marlon Brando со црно моливче околу очите и Marcello Mastroianni со прекрстени нозе како чита весник на римска пиаца.

Наречи го професионална деформација, наречи го опседнатост, но последните две години помислата на James, Marlon и Marcello е заменета со константната потрага по вредни локални актери кои ќе ги споделиме со нашите читатели. Овој пат со тебе ја споделуваме приказната за Сара Климоска, Владимир Петровиќ, Сергеј Димовски и Долорес Поповиќ.

 

 

Сара Климоска

Сара Климоска има само 22 години, моментално ја учи нејзината четврта година на Факултетот за Драмски Уметности, а позади себе има две професионални театарски претстави („Мајсторот и Маргарита“ и „Медеја“), еден долгометражен филм („Џган“), една алтернативна детска претстава, 5 кратки филмови, серијата „5+фамилија“ и емисијата „Информа“.

 

 

Како се случи тоа да се занимаваш со глума?

Настапувам на сцена уште кога имав 6 години, но не како актер, туку како танчар. Отсекогаш мислев дека танцот ќе биде мојата животна определба сè додека не ми се случи претставата „Како ми го уништија детството“ во 2012 година. Претставата е кореодрама што ја работев како кореограф, танчар и делумно како асистент на сценарио заедно со еден неверојатен креативец, танчар, воедно режисер и сценарист на претставата, Даниел Наумовски и екипата од студиото за танци „Соната“.

Таа година случајно или не, паралелно со зачетокот на војната на Исток, се обидовме да го претставиме ужасното преживување на детството за време на војна. А денес, 2017, мислам дека би била многу актуелна. Претставата беше склоп на танц, глума, визуелна уметност, поезија. Всушност, театар, а не танцова точка. Тоа беше моето освестување дека театар е точната уметност низ која би го искажала мојот став. И секако, сестра ми која многу ми помогна во целиот процес.

 

REPLAY блузон

 

После скоро една година од премиерата на „Џган”, како гледаш на овој проект? Што те научи „Џган”?

Помина една година од премиерата, две од снимањето. На „Џган“ беше моето второ излегување пред камера и сè беше нешто ново за мене. Ја опсервирав целата филмска екипа и ме импресионираше нивната функционалност и умешност да се прилагодат на сите услови што се потребни за снимањето. Од денешна перспектива можам да кажам дека филмските работници се едни од најголемите професионалци во Македонија. Тоа би требало да биде мотивација за театарџиите.

Среќа е да се работи со Вардан Тозија! Тој успеа да ги искористи и претвори во лик моето неискуство и збунетост.  

 

Кажи ни нешто повеќе за твојот последен краткометражен филмски проект „Види ја ти неа”.

Мојот последен краткометражен филм „Види ја ти неа“ на режисерот Горан Столески е вистински пример за тоа што значи „жртва за професијата“. На почеток на април времето беше сончево и топло, ама во реката Пчиња во која се бањав за потребите на снимањето, не беше баш пријатно, но вредеше да се игра такво сценарио и да се соработува со Горан и колегите актери. Она што ме купи беше ликот и не се каам, напротив, повторно би го направила истото.

 

DESIGUAL ташна

 

Дали си била на аудиции за улога? Ако да, како изгледа денот кога треба да одиш на аудиција?

За сите улоги досега што сум добила или изгубила, најпрвин сум била на аудиција. Јас сум тремаџика и на првите аудиции некогаш и со вечери не спиев и се подготвував. А на последниве жал ми е што времето не ми го дозволува тоа. Во последно време обично директно од проба ќе отидам на аудиција и ќе си довлечкам малку од енергијата што сум ја имала на проба, а тоа ми штети. Како и да е, најзначајно за мене е сценариото, некогаш полесно се пронаоѓам во ликот и посигурна сум на аудицијата, а пак некогаш знам дека не сум доволно зрела за улогата.

 

Дали мислиш дека преку облеката е канал преку кој може на некој начин да се изразат сопствените ставови?

Преку облеката не само што се изразува став, туку облеката често го дефинира карактерот на човекот како и моменталното расположение. Облеката е мало уметничко дело на секој поединец. Некои луѓе се умешни со малку пари да направат да се чувствуваат убаво и комотно, а на некои пак воопшто не им е „дојдено“ до облека.

 

 

 

//

 

Владимир Петровиќ

Младиот актер Владимир Петровиќ има само 25 години. Својата кариера тој ја започна на 7 годишна возраст со серијата „Наше Маало“. Моментално Владимир игра во театарските претстави „Солун град на духови“ и „Лерин – полиња жито, ридишта крв“.

 

 

Театар или филмско платно?

Не можам да дадам конкретен одговор на ова прашање, и во театарската и во филмската уметност наоѓам предизвик и сатисфакција. Лично се чувствувам природно на сцена и пред камера, се радувам на секоја нова претстава и на секој нов филм, со љубов ја работам оваа професија. Иако во последниве години многу повеќе сум присутен на театарските даски отколку пред камера, во иднина би сакал да се реализирам и да се докажам подеднакво и во театар и на филм.

 

Што за тебе претставува никнувањето на новиот независен Театар на Навигаторот Цветко, местото каде што ја доби својата шанса? Која е разликата помеѓу Навигаторот Цветко и останатите локални театри?

Театарот на Навигаторотот Цветко е освежување во нашево театарско опкружување, независен театар кој нуди модерна естетика, теми кои се актуелни во моментов, претстави кои се наградувани кај нас и во странство. Без да бидам лажно скромен, ќе кажам дека имаме навистина добри претстави, јас играм во „Солун град на духови“ и „Лерин – полиња жито, ридишта крв“ во режија на Професорот Слободан Унковски, ја канам публиката да дојде да ги види. Ветувам дека нема да останете рамнодушни.

 

REPLAY јакна

 

Раскажи ни нешто повеќе за твоите краткометражни филмски проекти? Кога и како се случија?

Моите скромни филмски отсварувања во поново време се краткометражните играни филмови „Шекспирова 9/1“ и „Карма“ во режија на Владимир Митревски – Ѓуле, како и филмот „Скора”, во режија на Џејмс Ханикат, млад режисер од САД. Филмовиве се снимени пред три-четири години, но како што напоменав претходно, во последно време повеќе се занимавам со театар отколку со филм.

 

REPLAY јакна

 

Дали си бил на аудиции за улога? Доколку да, раскажи ни како изгледа денот кога треба да одиш на аудиција.

Сум бил на повеќе аудиции во животот, добар дел од проектите што сум ги сработил биле директна последица на самите аудиции. Секогаш одам со позитивна мисла и со самодоверба на кастинзите, најчесто тоа вродувало со плод, ама имало и моменти во кои сум се чувствувал непријатно, нервозно. Верувам дека тоа е нормално кога станува збор за одредена улога која ја посакуваш, па со неа доаѓа одредена доза на стрес. Важно е само кастингот да помине, потоа сè е полесно.

 

 

 

//

 

Сергеј Димовски

Сергеј Димовски потекнува од едно мало парче земја, сместено во непосредна близина на Виа Игнација, на сончевиот меридијан, 2350 км. jугоисточно од Париз и 2520 км. jугозападно од Москва. Во овој момент тој игра во две театарски претстави: „Приказните на заборавените предци“ во режија на Андреј Цветановски, и „Венецијански трговец” во режија на Наташа Поплавска.  

 

 

Како започна твојата приказна со глумата и театарот? Раскажи ни нешто повеќе за твоите почетоци.

Искрено, не би сакал да звучам нескромно, но јас уште од многу рана возраст ја имав таа можност и чест, уметноста да ја доживувам како дел од себе, како нешто кое природно ми припаѓа… Мојот дом секогаш беше исполнет со пријатели на моите родители, од различни области на уметноста. Нивните приказни беа мојот нов свет и мое секојдневие. Секој ден беше различен и секоја ноќ посебна. Тоа беше и силно влијание врз мојата самосвест, врз моите чувства, бидејќи постојано се побудуваше и мојата фантазија да создавам нешто кое се повеќе ќе наликува на уметност. И всушност тоа ми успеваше. Дури и при оние детски игри, мојата имагинација лесно и успешно ги анимираше моите врсници.

 

Какво искуство за тебе е улогата во краткометражниот филм „Чевли” на Бранко Костески? Што значи да се дели филмски сет со Ана Костовска, легендата на македонската културна дејност?

Тоа ми беше прв професионален краток игран филм, откако ги започнав студиите на Факултетот за Драмски Уметности. Иако имав споредна улога и сетот го делев со моите колеги, Григор Јовановски, Јаков Спасов, Стефан Петровски и веќе искусниот Диме Илиев, би можел да кажам дека мошне професионално и достоинствено ја одиграв својата улога. Имавме одлична соработка со режисерот Бранко Костевски, како и со целата екипа која работеше на проектот. Тоа го доживувам како едно искуство кое секако беше корисно врз градењето на почетоците од мојата кариера.

 

SCOTCH & SODA блузон

 

Меѓу другото, се појавуваш и во спотовите на песната „Архетип“ од Funk Shui и „80-ти“ од PMG. Се случи ли нешто интересно за време на снимањето на спотовите, вредно за споделување?

Тоа ме потсетува на една случка од сетот при снимањето на спотот „Архетип” кое се реализираше на локации на планината Скопска Црна Гора, на 1500м.н.в. Поради тоа што планот на снимање предвидуваше паузи од по неколку дена, мене во тој период ми порасна косата и не одговараше на претходните кадри кои беа порано реализирани, па морав да се стрижам на лице место. И бидејќи никој од екипата не располагаше со берберски вештини, бев принуден тоа да го направам сам, а секако, останатите од екипата уживаа додека траеше чинот…

Сличен и несекојдневен настан беше и при снимањето на спотот за PMG “80ти”. По завршувањето на снимачкиот ден во студио на МРТВ, влегов во такси за да си одам дома. Шминката која ми беше професионално изработена не можеше да се отстрани само со влажни марамчиња, остана на моето лице. Изгледав како излезен од Венецијански бал. За да е ситуацијата уште поапсурдна, на таксистот не му објаснив зошто е тоа така, туку само му ја кажав својата адреса. Постојано погледнуваше во мене, но како да немаше храброст да праша. Кога стигнавме до крајната дестинација, љубезно му се заблагодарив и само му реков: „Живот шефе“.

 

SCOTCH & SODA блузон

 

Кои се твоите идни проекти и планови? Начувме дека нешто се снима во Битола.

Мои идни театарски проекти се: „Белградска трилогија” во режија на Нина Николиќ и „Дон Жуан” во Народниот театар во Битола, во режија на Андреј Цветановски. Има уште еден проект кој се подготвува, поточно кажано дипломски филм, на Бруно Вељановски со наслов “Chloroform Chronicles”, кој ќе се снима во текот на претстојното лето.

 

 

 

//

 

Долорес Поповиќ

Понежен бунтовник од Долорес нема да запознаете, не сме ни сигурни дека воопшто постои таков. Долорес ги поминува своите денови како актерка која се бори да му покаже на светот дека жена е способна да направи буквално сè и дека не треба да служи како plot point во животот на мажите.

 

 

Како започна твојата приказна со глумата и театарот? Раскажи ни нешто повеќе за твоите почетоци.

Во теорија сè започна кога имав осум години. Бев осамено дете, не затоа што никој не ме дружеше, туку затоа што поарно ми беше сама. Сама шетав низ маало, сама си играв и често и си правев муабет сама со себе. Сè тргна од тоа дека бев опседната со читање. Кога цели денови ти поминуваат во набљудување нечии животи и авантури, сфаќаш дека твојот, еден, едноставен и краток живот никогаш нема да биде доволен. Така и се роди таа некоја желба да живеам туѓи животи и да бидам некој друг барем на кратко. Кога гледав филмови единствено што сакав е да бидам јас таа што ќе буди чувства кај луѓето, што ќе раскажува нечии приказни, а притоа и ќе ги живее.

Првото искуство со глума го имав кога се запишав на факултетот за драмски уметности, целиот период пред тоа беше само една долга мечта. Сега сум четврта година, и за овие четири години имав среќа да бидам дел од многу разноврсни проекти, било филмски, театарски или во вид на перформанс и сите се покажаа како многу надоградувачко искуство.

 

SCOTCH & SODA маичка и елек

 

Зошто реши да се соблечеш боса на последното издание на фестивалот „Браќа Манаки”? Поради кои причини беше откажан перформансот „Будење на пролетта”?

Интересно колку некои работи се неверојатно грешно прикажани од страна на медиумите. Перформансот беше наводно откажан поради тоа што во склоп на него требаше да се искористи мед и праски, кои подоцна „многу тешко би се исчистиле од сцената“. Планот беше да се прикаже сексуалното будење на една жена, замислете, без никаква голотија.

Па видете вие како тоа и звучеше на нашата застарена државичка. Во договор со режисерот, требаше да се качам, да ги соблечам патиките во знак на протест (зашто нели, моите голи стапала пречеа) и да кажам неколку збора во име на целата екипа. Ништо не беше по план, обезбедувањето ме тргна од сцена и згора на сè бев безобразното девојче кое „гаѓало по публиката со кондури“. Не држам никаков grudge, но не би се нафатила да водам таков настан повторно.

 

Во кои театри можеме да ја погледнеме твојата актерска игра? Кои се твоите идни проекти и планови?

Моментално сум преокупирана со дипломската, која ми одзема многу време и енергија, а покрај тоа работам на уште една претстава во склоп на ФДУ, така што додека не дипломирам тешко дека ќе се нафатам да играм било каде.

Сè во што имам играно досега е завршена приказна. Големи се шансите да ме видите на академската сцена на ФДУ, каде што даваме претстави секоја недела. На 5 мај имам премиера на првиот долгометражен филм, „Јавачи на коњи“ во режија на Марјан Гавриловски, така да додека не се појавам на некоја поголема сцена, ќе можете да ме видите на големото платно.

 

SCOTCH & SODA маичка и елек

 

Дали имаш нешто на ум интересно и забавно што би сакала да го доживееш во наредните 5-10 години?

Скоро никогаш не размислувам толку далеку, ми создава преголема анскиозност. Имање деца спаѓа во возбудливи работи? Веројатно би сакала да си се преселам во Италија со дечкото и да ми се пружи можност да снимам филм со James McAvoy, кој ми е идол. Скромно, Доли, скромно.

 

Каков вид на наследство мислиш дека ќе оставиш позади себе? Што е тоа што ќе асоцира на Долорес Поповиќ и никој

Подочњаците? Се надевам не.. Би сакала да ме запаметат како некој кој се осмелил да изигра секаков тип на улога и (надежно) успеал во сето тоа. Сакам моето лично бунтовништво да се гледа низ екраните и на сцената.



Кое е едното парче облека кое никогаш нема нема да го фрлиш од твојот плакар?

За ова прашање мислам дека најдолго размислував. Никогаш не носам штикли, ниту па имам намера некогаш да купам. Планирам да створам тренд со кој ќе биде кул да се оди на формални настани и премиери во патики. Но имам еден пар црни штикли кои ми ги купија колегите за поклон по премиерата на мојата прва претстава „Поблиску“. Тие ќе ги чувам цел живот. Којзнае, може ќе ми се најдат.

 

Comments

comments