Фотографии: Лилика Стрезоска
Стајлинг: Анја Макеска
Сите ликови се облечени во парчиња од Fashion & Friends

 

Замисли како некој од енормен град каков што е Mexico City го замислува Скопје?

Сигурно е убеден дека слично како на германските фамилијарни филмчиња кои во недела ги даваат на FOX Life, наутро по пат накај работа, на излегување од влез го поздравуваш чичкото од пиљарата, му мафташ на млекарот, со поштарот си правиш да пукне, а тетките кои пијат кафе на аголот те прашуваат како си помина вчера на состанок со нивниот внук – твојот нов дечко. На сличен начин ги поздравуваш сите по пат, додека конечно не пристигнеш во канцеларија.

Не.

Иако мексиканецот можеби мисли дека сите во Скопје се братучеди и сите дознаваме моментот кога некој од нас свиткал глужд, верувај, многу ликови не го добиваат вниманието кое го заслужуваат.

Не ве убедуваме дека треба страствено да го следите секој трач за луѓето кои во оваа епизода се одлучивме да ги одвоиме, но би било супер да дознаете зашто треба да ги знаете.

 

 

///

 

Јана Петровска

Растрчана, хаотична и вибрантна. Не ја потценувај нејзината младост за неискуство. Неодамна имавме можност да работиме со неа, на нашето прво ReProduction музичко видео (кое ќе биде објавено во мај), и бевме фрапирани од нејзиниот талент и енергија. Со леснотија го владее тоа што го работи и предвидуваме дека еден ден ќе го оттанцува својот пат кон светската сцена.

 

Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?

Веќе правам дел од тоа што сакам да бидам, кореограф и инструктор по хип-хоп. Сакам да го пренесувам моето знаење на други танчери, да држам семинари низ светот, да ширам позитивна енергија на моите часови, да бидам и јас инспирација за идни генерации.

А во иднина ако успеам, би сакала да основам хип-хоп Академија во Скопје, за сите танчери како мене, кои во моментов треба да се запишат на факултет за да имаат можност тука да студираат.

 

Едно од твоите танц видеа на YouTube има преку 10 милиони гледања. Раскажи ни за видеото и како доби толку голема популарност.

Па искрено, според мене не заслужува токлава гледаност. 🙂 Јас дури не сакав да го објавиме, ама успеаа да ме натераат и сега ми е мило поради тоа!

Лично тој настап ми е многу драг, ама одбивам да го гледам бидејќи сум самокритична и секогаш сите можеме многу подобро нели? Сепак, многу ми е мило што достигна толкава гледаност, успеав да остварам контакти со многу танчери низ светот благодарение на тоа едно видео.

 

 

Омилена денс кореографија од музички спот?

Хмм… имам многу ама ќе ја издвојам кореографијата на Parris Goebel на „Sorry” од Justin Bieber.

 

Кој би победил во натпревар во танцување: Justin Timberlake или Usher?

Usher!

 

 

 

///

 

Андреј Клинчаров

Манекен, архитект, водител и џедај во тренинг фаза. Архитектурата не е случајна, но на манекенството налета на 14 години како изговор за бегање од часови. Тогаш помина без неоправдани, а денес зад себе има цела манекенска кариера чија сериозност лаечки ја мериме со неговото работење во Милано.

 

Омилена градба во Скопје? Омилена градба во светот?

Имам неколку кои секогаш кога ќе дојде странец, па и не мора да е странец, со мерак зборам за нив. МОБ, која низ многу наврати ми билa инспирација за проекти низ моето студирање. Поштата, ама онаа вистинската, брутализмот, не ова очајов што на жалост го гледаме секој ден. Кампусот КиМ, Гоце студентскиот, Музеј на современа, Влада (старата, не новава – Ружна!) и многу други…

Една од омилените од светските градби ми е Waterfall house од Frank Lloyd Wright и многу проекти од јапонците, бидејќи тие некако магично секогаш се пред времето (Sou Fujimoto, Toyo Ito итн.).

 

DSC_0525-2 copy

 

Работеше во Милано. Како изгледа еден работен ден на манекен во Милано?

Стануваш сабајле и јадеш. Не ти се исплати да правиш дома кафе затоа што има кафетерии на секои 10 метри. Си наоѓаш една кафетерија пред зграда и таму пиеш кафе скоро секој ден, ем од мерак, ем коа ќе снемаш пари, па можеш на пишанка да тераш.

После на мејл ти стигнува распоред со кастинзи за цел ден. Ретко кога кастинзите се на исто место, па затоа правиш секакви комбинации да ги стигнеш сите.

Во текот на денот обавезно проаѓаш до агенција на разговор со букерот и после пак си тераш кастинзи.

Кога ќе те одберат на некој кастинг веднаш ти се јавува некој од агенција да ти соопшти и ти знаеш дека вечерта искачаш зашто веќе другиот ден имаш работа и пари.

На крајот на денот си толку уморен, што од трчање по кастинзи, што од работа 12 саати без прекин, само се тушираш и се тешиш дека си млад и не ти треба сон (во меѓувреме го јадеш, според мене, најдобриот донер кој ти е скоро пред зграда и работи 24 часа, врв!).

Потоа следува дружба со фини луѓе и обиколка на дискотеките. Ете на кратко еден нормален ден. 🙂

 

DSC_0361

 

Интересна анегдота која би ја издвоил од работата како манекен?

Има многу, уште ми се врти во глава да си ги запишам и да си стојат во фиока како раскази, можеби некогаш ќе ги објавам.

Имав еден турчин цимер во Сингапур кој беше 200 на саат. Ни се погоди муабетот и заедничките интереси, па така започнавме заедно да излегуваме низ градот цело време.

Една вечер имаше гала журка во еден елитен клуб каде се влегуваше исклучиво со покани и само вип фаци можеа да влезат. Ние двајцата нит покани, нит вип фаци, ама мерак голем.

Се дотеравме максимално, секако со наочари за сонце и тргнавме. Поголемо глумење лудило на врата немало, поканите демек заборавени, тресевме зелени, а на крај влеговме зашто вратарот испадна дека е босанец (џабе се трудевме толку со Алпер, журката беше тиња…).

 

 

Кои се бенефитите од работење како модел / манекен? Ние секогаш сме опседнати со добрите парчиња облека кои ги добиваат.

Такви бенефити нема многу, тоа почесто на веќе режирани моменти пред камера се случува.

Кај нас особено ретко кој видел дизајнер да поклони облека на модел. Можеби јас грешам, се надевам дека е така, но 11 години сум на сценава и до сега ретко кој ми има пристапено и подарено било што (освен еден пар чорапи кои ги носев на ревија).

Секоја чест на исклучоци кои се нуделе, сепак тие на една рака може да се избројат.

Додека во странство, ајде Милано да го земеме за пример, на самите кастинзи, директорите и креатори ќеиф им е да ти остават било што, класичен маркетинг кој го практикуваат, сите задоволни (кај мене се погодија Левис и Есприт часовници). Многу подобро ти ќе го изрекламираш продуктот него некој папан со пари што нема две чисти.

Други бенефити се влегување во диско преку ред, зимање пијачка на шанк преку ред, гага пијачки во клубови (ова најчесто во Азија се случува на белци), попусти во продавници, гледање попреку, вадење муабети за сè и сешто, и секако, најбитното, паун момент и радоста на твоите најблиски кога ќе те има во списание, особено на насловна. 🙂

 

 

 

///

 

Ана Марија Матеја Радосављевиќ

Фотографка и вечен шетач која верува дека црно белата фотографија ја отсликува душата на фотографираниот. Нејзината животна приказна ја има слушнато и Katy Perry.

 

Знаеме дека си шетач. Кој ти е омилен град за фотографирање?

Не би можела да издвојам град кој ми е омилен за фотографирање, секое место има своја магија и убавина. Сакам долги улици, напуштени згради, замоци, морничави пејзажи… Следни дестинации кои размислувам да ги посетам и каде би сакала да фотографирам се Тбилиси, Грузија и Сеул, Кореја.

 

 

Фотографиите ти се претежно црно-бели. Зошто?

Емоција и мисловност. Во потполност се согласувам со изреката на Ted Grant: „Кога ги фотографираш луѓето во боја ти ги фотографираш нивните алишта. Но кога ги фотографираш во црно-бело ти ја фотографираш нивната душа.“

 

DSC_1617 copy

 

Ако треба да го доловиш твојот стил и приказна преку само една фотографија, која би ја покажала?

www.anamphotography.tumblr.com – приказна која сè уште се пишува. 🙂

 

Која музика најмногу мислиш дека одговара на твоите фотографии?

Електронска: Dron, Industrial, Ambient. Еве еден пример.

 

DSC_1617 copy3

 

Дали некогаш би сликала акт фотографија и ако да, кого би избрала за модел?

Мојата муза и инспирација — Aleksandar Mizev.

 

Омилен ДЏ, фотограф и тату артист?

Ухх тешко прашање. Поготово кога станува збор за избор на омилен ДЏ. 🙂 Но кога би морала да издвојам, тоа би бил David Charles Sumner – Function. Tim Walker е фотографот кој го издвојувам како омилен, но сум голем фан на делата на Francesca Woodman и Sally Mann кои се моја инспирација. Горан Мичич е тату артистот на кој му симнувам капа! Во иднина на себе би сакала дело и на Victor Portugal.

 

 

 

///

 

Јанко Смилевски

Заљубен синдикалец чиј диџеј сет нè следи каде и да свртиме во градот. Сонува за пат низ вселената, супер моќи и да пушта музика како предгрупа на Radiohead.

 

DSC_9856

Пополни ги празните линии: Ако сакаш ___________, ___________ и ___________, тогаш ќе ти се свиѓа музиката која ја пуштам.

Ако сакаш рок, поп, брит поп, инди, електроника, хаус, техно, ретро, фанк, ска, панк, екс ју, чилаут, тогаш ќе ти се свиѓа музиката што ја пуштам.

 

Што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш?

Сакав да бидам пилот на војни авиони, нешо као Том Круз у Top Gun. Сеа сум пораснат и уше го сакам тоа, сериозно.

 

DSC_9822 copy

 

Во кој момент и како го препозна диџејот во себе?

Во кој момент го препознав диџејот во себе? Е тука малце сакам да елаборирам… иако пуштам музика веќе некое време, технички не можам да се наречам диџеј. Диџеј бара вештина, техника и саати поминати над миксета и грамофони или сидиџеи, нешто што јас не сум го правел никогаш.

Иако уште од копиљ сум растен со музика, дури пред 6-7 години официјално почнав со пуштање, па може да се рече дека на мои 29 сум го препознал диџејот во себе… иако тој си седел во мене и трпеливо си чекал долги години претходно.

Нема подобра работа од тоа да пушташ музика што ја сакаш за други луѓе да се забававуваат.

 

Која песна не пропушташ да ја пуштиш на секој диџеј сет последниве неколку месеци?

What’s a Girl To Do” од Fatima Yamaha, и тоа најчесто на крај. Песниште. Драма.

 

Знаеме дека не се прашува родител кое му е омилено дете. Но во моментов — Љубов или Синдикат? Каде поминуваш повеќе време? Зошто?

Љубов или Синдикат? Уфффф, најтешкото прашање… Повеќе време поминувам во Синдикат, затоа што тоа е помалото дете и бара повеќе внимание во моментов, инаку не можам да кажам кое ми е омиленото од двете. Кога сум во Синдикат ми фали Љубов и обратно, кога сум во Љубов мислам на Синдикат, што се дешава таму, да не фали нешто, да не им треба помош и сл. За среќа тука се Војдан и Хусо, па си ги делиме обврските околу тоа кој-кое дете ќе го негува. 🙂

 

DSC_9817DSC_9822 copy2

 

Како и зошто го избравте името на Синдикат?

Името Синдикат беше идеја на Хусо, која едногласно ја усвоивме и е поврзана со целата приказна околу местото. Кога го отваравме Синдикат, сакавме да не биде тоа само уште еден кафич во Скопје, бидејќи ги има многу. Идејата беше да го направиме да биде место каде што ќе може да дојде било кој, било кога и да ужива во пијачка со друштво или сам, по цени кои ќе бидат пониски (Синдикални), во убав амбиент и добра услуга. Нема резервации, нема интернет, нема работи од типот „не служиме кафе после 21ч.” и сл.

Да не одзeмам премногу од просторот, во Синдикат на едниот од ѕидовите стои закачен Синдикалниот манифест, во кој во неколку точки е објаснета неговата приказна и што тој треба да претставува. 🙂

 

 

 

///

 

Ивана Павлаковиќ

Бескомпромисна и страствена со цврст актерски став. Верува во моќта на искрениот филм и добриот театар кој ти поместува коски.

 

DSC_0079

Со кого би поминала еден ден?

Молиер, Душан Макавејев, Булгаков, Вес Андерсон, Фелини, Бергман, Софија Копола и Марлен Дитрих. Мада знаејќи си се, т’нко некако дека само на целодневна ќе останеме.

 

DSC_0181

 

Дали веруваш во бајки?

Сè уште верувам дека во Сан Антонио, на езерото Маџоре живеела една скромна, красна жена што се викала Аполонија Мармаладова. Е токму таа, имала златни раце и на луѓето од разни краеви без пари, на добра волја им правела мармалад од коприви, сливи, костени и се верувало дека може да направи мармалади од камења.

Еден ден, императорот посакал да проба од нејзиниот мармалад и додека јадел, случајно во неговата чинија паднала мува, тој се згрозил и побарал да и се отсечат рацете на Аполонија.

Ама, граѓаниве се побуниле и му порачале на императорот дека ќе му ја исечат главата заедно со круната. На крајот, императорот на барање на народот ги обрал крушите.

Е, во вакви бајки верувам.

 

DSC_0207

 

Што те окупира моментално?

Ме радува многу што овие две недели на улиците во градов и земјава во сè поголем број сме излезени различни генерации и сигурна сум дека доаѓа време кога ќе си ги вратиме слободата, правдата, вистината и ќе се избориме за нашите, но и за правата на следните генерации.

А на радоста и среќата им нема крај кога гледам како грдата и пластична интервенција која му беше присилно направена на Скопје сега сјае во шарени бои и градов полека почнува да го личи.

 

Сите ликови се облечени во парчиња од Fashion & Friends
Фотографии: Лилика Стрезоска
Стајлинг: Анја Макеска

 

Comments

comments