Фотографии: Лилика Стрезоска
Стајлинг: Анја Макеска

 

Продолжува сагата за потрагата по ликови кои ние ги дознаваме и со вас несебично ги запознаваме.

Твое е да одлучиш дали станува збор за коинциденција или неверојатен светски заговор, но излегувањето на новата епизода на Reborn Ликови се поклопува со новата епизода на Game of Thrones. Тоа значи дека возбудата и напнатоста ќе мора да пробаш да ги поделиш на две места во две различни епизоди.

За Game of Thrones нема да издаваме споилери, но за Reborn Ликови епизода #2 сè ќе издадеме без пардон. Во оваа епизода ќе читате за:

  • Кој што сака да плете и зошто
  • Која им е омилена боја на чорапи и зошто црвена
  • Омилено место во градот за дремење и трачарење
  • Што би биле да не би биле

Ова се само дел од темите на кои муабетевме со нашите избраници за оваа епизода, кои несебично споделија дел од нивната приватност која можеби ќе биде инспирација за некого да даде отказ и да почне да фотографира, да си го преуреди домот, да прави оригами, да се запише на студии по актерство или музика, да стане ДЏ или едноставно да си го живее својот детски сон.

 

 

///

 

Сара Миленкоска

Младата Матилда од Леон. Не знаеме од каде да почнеме. Студира политикологија, активист, манекенка, новинар во Информа. Девојка која знае ,,да се носи’’, a шансите да ја победиш во дебата се еднакви на коалиција помеѓу САД и Русија.

 

Манекенка, активист и политиколог. Како успеваш да ги искомбинираш овие професии во текот на денот?

Не знам колку успевам, ама i’m hooked up. Можеби затоа заспивам во читална, во автобус и некогаш на колегиум. За да надополнам и да ги правам сите работи кои ги сакам и ме исполнуваат. Порано мислев дека сум неодлучна и не можам да се фокусирам на една работа, ама светов е презабавен за да не си разбуден и присутен. Како и да е веќе работам и како новинар во Информа, таму бар успеав да спојам сѐ, едукација и активизам, а да, и камера имаме. 😀

 

Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?

Сакам да бидам уште повисока. Да бидам помалку сериозна и да немам егзистенцијална криза кога ќе ми го постават прашањево. Или конечно да си го следам сонот како Мариен од „Небото над Берлин”, да оставам сѐ и отидам да танцувам во некој патувачки циркус.

 

SCOTH & SODA јакна, маица, шорцеви

 

Интересни моменти од твојата манекенска кариера?

Ги има многу, од учење и спремање испити во бекстејџ, преслекување на рандом места низ градов ради ad hoc сликања до Харлем Шејк на дефиле, хаха. Мислам дека и Андреј (од првата епизода на Reborn Ликови) беше со мене. Толку беше искулирана ревијата што сами си се договоривме. Let’s have fun people!

Инаку во целост интересни ми се различните луѓе кои ги среќавам и како се градам себеси балансирајќи меѓу комплетно два различни света. Како и откритието дека штиклите се најнепотребното нешто на планетава, после Трамп.

 

Како активист, што мислиш, дали облеката може да биде средство за изразување одреден став? Дали ти ја користиш облеката за изразување на своите ставови?

Сметам дека пред сѐ, самоперцепцијата дека ти си медиум е многу клучна, затоа што на некој начин разбираш дека оставаш импринт, твојот идентитет станува дел од боите на светов. Некогаш имало протести за мини-суќни, се апсело доколку имаш дводелен костим за капење (во MK се апси и за многу помалку, ама да не ве замарам одма со политика), без разлика дали мислиме дали треба да биде или не, облеката е средство, можеби посуптилно, но придвижува.

Од Вивиен Вествуд, Андреј Пејиќ, ПЕТА до Шанел кои во 2015 поставија кампања во знак на револуциите во 1968, има многу кои преку својата алатка ни поставуваат одредени прогресивни вредности, меѓутоа ги има и оние кои уште повеќе го сексуализираат женското тело, унифицираат еден стандард за убавина додека корпорациите само им потпомагаат во поставување на облеката како безлична и вештачка. Само погледнете го односот на социјалните медиум кон #FreetheNipple и веднаш ти се јасни рамките во кои сакаат ти да се изразуваш.

Јас, мојот стил секогаш сум го гледала како медиум, дури и кога во средно ми зборуваа другарките дека премногу шарено сум се облекувала, сметав дека најважно е да се чувствуваш свој. Денеска сите уживаме во шаренилоста на нашиот град. Во превод, слободата е избор!

 

DIESEL фустан

 

На последната ревија на Ирина Тошева, додека чекореше по пистата, ја пееше песната на Архангел „Заумна сила”. Дали тоа беше планирано или спонтано? Дали е на повидок пејачка кариера?

Точка и цееела вселена!“ Искрено, се тресев од среќа бидејќи ми е навистина омилена песна, и знаев дека морам да си ја запеам, односно дека и да не треба да мрднам на писта зборовите сами ќе ми излезат. Па решив да ја предупредам Иринче, а нејзе и онака идејата и е да бидеме свои кога ја претсавуваме неа.

Пејачка кариера не, ама решив да ги спојам сите работи кои ги сакам во една мала аматерска улога. Активизам и театар. Во четвртокот имав претстава – „Во чевлите на Бегалците“ — соочување со тоа што ни се случува како humanity. И од време на време станувам диџеј ради манекенки, само за да го испочитувам делото на Ерзана низ годините.

 

 

 

///

 

Ивица Димитријевиќ

Едноставен, радикален позитивист, актер, музичар. Можеби ти е познат од бендовите „ТБ Трачери” и актуелниот проект, бендот „РИБ”, од филмовите „Трето Полувреме”, „До Балчак” и „Караула” или пак едноставно го имаш видено како се вози со својот Фикси низ Скопје.

 

Да можеш да избереш, на еден ден со кого би се заменил? Дали би биле тоа актери или музичари или можеби некој хибрид од овие две тесно поврзани професии?

Искрено, не би се менувал со никого. А доколку тоа би бил некаков ултиматум или да мора да се заменам, тоа би бил исто така еден актер кој е и музичар Пјотар Мамонов.

 

HUGO BOSS кошула

 

Кој е твојот стил на облекување? Дали мислиш дека се облекуваш поразлично од другите?

За конкретен стил не можам да кажам, сè зависи од пригодата, или пак може да се каже – опуштен. Не би рекол дека нешто многу сум поразличен ако збориме за облекување, можеби имам препознатливи парчиња облека кои се карактеристични за мене, во зависност од сезоната.

 

Во филм на кој режисер би глумел, a кој е пејачот со кој би оформил бенд?

Во филм на режисер кој би имал потреба од мене како актер, а веќе бев во бенд со пејчот со кој сакав да бидам во бенд, Кирчо Арсовски — Т.Б Трачери.

 

DSC_5249

HUGO BOSS кошула

 

Да не беше глумец и музичар ќе беше …?

Кој знае 🙂 Најверојатно пак нешто во културата или спортист!

 

 

 

///

 

Алек и Маришка Величковиќ

Македонско-германски брачен пар, љубители на животни (читај: мачки), фанови на тетоважите. Алек е сонувач, визионер и љубител на моторите и сопственик на гостилница, која веќе 20 години е активен дел од скопската ситуација. Маришка е весела, директна, емотивна германска девојка и прекрасна сопруга на мангупов од погоре (Алек). Обожава вода и плаче на свадби.

 

Кој има повеќе тетоважи? Маришка или Алек? Колку?

Маришка: Алек има повеќе тетоважи, можеби затоа што е помлад и сака сите работи да се случат одма и сега (на ова сум малку љубоморна, морам да признаам). Јас имам 8 тетоважи до сега, но мојата приказна не завршува тука.

 

Алек, дали си се сретнал со предрасуди и разни коментари поради тетоважите и ако да како се справуваш со истите?

Алек: Мислам дека пред околу 10 години предрасудите и лошите коментари према тетовираните луѓе беа многу поголеми. Последниве пар години Македонија успеа да развие некаква тату-култура и се појавија многу нови квалитетни тату артисти, за разлика од порано кога имаше 2-3 артисти кај кои сите одеа. Голем дел од популацијата кај нас, а особено младите, често се одлучуваат за тетоважа, така што предрасудите и лошите коментари се далеку помали од тоа што некогаш беа.

 

HUGO BOSS машка јакна // REPLAY машка кошула // DESIGUAL фустан

 

Како се запознавте?

Маришка: Првпат се сретнав со Алек додека беше на екскурзија од факултет во Дортмунд. Сè се случи уште првата вечер во еден клуб, каде што мојот пријател Bene беше со Алек и неговите пријатели.

Имаше една девојка која му имаше фрлено око на Алек, па ме предупреди уште на старт да се дистанцирам, на што јас изреагирав нормално, затоа што бев со моите пријатели. Но Алек беше прав џентлмен и ми пријде, разговаравме цела вечер, се бакнавме и јас помислив дека тоа е забава за една вечер. Но, еве 2.5 години подоцна, ние сме маж и жена и живееме во Скопје.

 

DESIGUAL фустан

 

Омилени места во Скопје и зошто?

Алек: Скопскиот аеродром. 🙂

Маришка: Хахаха, шала на страна, дефинитивно тоа е нашата гостилница Лира, затоа што таму се чуствувам како дома, луѓето кои се редовни гости само го интензивираат тоа чувство, така што, тие се мојата фамилија.

 

Раскажете ни нешто повеќе за Лира. Како се создаде, чија беше идејата, каде беше порано, а каде е сега, што се промени?

Алек: Лира е приказна која започна во 1996 година, јас тогаш имав 5 години така што не се сеќавам многу на тоа време. Мојата мајка, која што тогаш го водеше Радио Равел ја почна таа приказна, која сè уште трае после 20 години. Ресторанот (гостилницата) е реновиран т.е. освежуван на повеќе наврати изминативе 10тина години. Во април 2016 година е последното освежување, така што, повелете на убава храна и амбиент.

 

HUGO BOSS машка јакна // DESIGUAL фустан

 

Како го исполнуваш своето слободно време надвор од обврските околу Лира?

Алек: Слободното време пробувам секогаш да го исполнам со некое патување на некое ново место. Возам мотор веќе 10тина години и најголемото задоволство во животот ми е возењето. Пробувам секое патување да го надополнам со ново искуство.

 

HUGO BOSS машка јакна // DESIGUAL фустан

 

Кој е твојот стил на облекување? Дали е тој дефиниран од музиката која ја слушаш или од нешто друго? Без што не излегуваш од дома?

Маришка: Не можам да го дефинирам мојот стил. Ако нешто ми се допаѓа едноставно го носам тоа без размислување. Можеби мојот стил на облекување е насочен повеќе кон панк-рок стилот, но можете да ме видите и во фустанче со цветови.

Единствена облека која никогаш не би ја носела е онаа од животинско потекло. Јас сум голем активист и секојдневно се борам против животинската експлоатација.

Исто така секогаш со себе си носам тампони за уши, затоа што имам проблем со бучава и гласност.

Алек: Не излегувам од дома без клучот од моторот, дури и кога сум со автомобил. Омилено парче облека за патување мислам дека немам, во глобала тоа се повеќе работи кои ми го олеснуваат патувањето и времето поминато во возење.

 

 

 

///

 

Вишко

ДЏ, сопственик на РадиоБар и пионер на македонската електронска музичка сцена. Се работи за прав, веќе етаблиран професионалец, со импозантно реноме и CV. Човек кој моментално е потшишан со брада и бркови, висок 180 цм, тежок 0.075 тони, кој сака да ги прави луѓето среќни. Тоа е неговата мисија за наредните 60 години.

 

Ја имаш привелегијата да имаш професија која не бара посебен дрес-код. Во што се чувствуваш најудобно?

Не знам дали е привилегија, но ми причинува големо задоволство. Пожелно е да сме кул нели? Удобна патика, маичка и фармерка е сосема доволно да се чувствувам удобно. Се случило 2-3 пати да облечам кошула или поло маица и да изгубам литро до 2 вода од мене.

 

Во дебар маало има преку 20 кафичи. Што го прави РадиоБар поразличен?

Радиобар е место каде што музиката е примарна — значи сме опуштени и знаеме добро да се забавуваме!

Тие дружења и спонтаност во РадиоБар предизвикаа неколку колаборации од различни сфери во уметноста. Диџеи, кои што скопската публика ретко или скоро никогаш немала прилика да ги слушне.

За една година имавме настапи на 6 диџеи од другите градови на Македонија и 4 странски диџеи.  

Вреди да се спомнат и незаборавните концерти на The John и PMG Kolektiv, а во очекување сме на уште еден добар концерт на сè попопуларните June на 1ви Јуни, со кои што и официјално започнува летната сезона и „Недела на РадиоБар”.

Една година изминати со безброј убави спомени од дружење и журки. Секогаш се добродојдени читателите и фановите на Reborn на нашите забави!

 

DIESEL маица // DIESEL јакна

 

Што музика слушаш/пушташ кога си во домашна атмосфера со најблиските?

Ја имав таа среќа во далечната 1994 година да работам во Канал 103 како технички реализатор (човекот кој микса на студиска миксета). Тука научив многу за музиката од колегите водители кои што имаа различен (шарен) избор и пристап кон музиката. Многу време поминало од тогаш и слухот се изострил, а желбата за ново и возбудливо не престанува.

За секоја прилика, момент, дел од денот, свири различна музика, дали било жанровски различна, во темпо побрза или поспора или по интензитет поагресивна или поопуштена, изборот зависи од повеќе фактори, еве еден рандом: во моментов е зајдисонце во Радиобар и свири ова. Радиото е сè уште највозбудливиот извор за нова музика и промоција на талентирани артисти и диџеи!

 

DIESEL маица

 

Омилено место за пуштање музика на светско ниво?

Клуб со капацитет од 50 до 500 луѓе, отворени и желни за музика во било кое годишно време и точка на светот.

 

Кој е твојот став за македонската електронска сцена? Што би променил?

Не би променил ништо, но би надградил. Клубската сцена е на завидно ниво – во однос на квалитетот на диџеи и артисти кои што ги имаме во Македонија, секогаш е вистинско задоволство да се дели диџеј кабината со моите колеги. Она што мислам дека и фали на македонската електронска сцена се фестивалите.

 

 

Сите ликови се облечени во парчиња од Fashion & Friends
Фотографии: Лилика Стрезоска
Стајлинг: Анја Макеска

 

Comments

comments