Фотографии: Лилика Стрезоска
Стајлинг: Анја Макеска

 

Нашите ликови од епизода 3 се покул од оние во Star Wars епизода 3. Во најмала рака далеку се покул од Анакин.

Не можеме, а да не ја поврземе оваа епизода со еден наш мега-сон кој (само) го збориме последниве месеци, а еден ден ветуваме и дека реално ќе се случи — да снимиме филм. Сега за сега сме во фаза групно дискутирање на можните верзии од тој филм, што моментално влече накај научна-фантастика.

Па продолжуваме со теоријата дека вештините на нашата режисерка на оваа епизода (Ана Јакимска) во тим со костимографката (Јована Зука), арт директорите (Зоран Кардула и Давид Ристевски) и нашиот протагонист (Дениз Абдула) всушност би биле супер екипа за нашиот еден-ден-ќе-биде-филм.

Слободно продолжи ја твојата одисеја низ една не-толку-далечна галаксија со третата доза на Reborn ликови.

 

 

///

 

Јована Зука

Модна блогерка сериозно „вооружана” со супер комбинација на блогерски вештини — познавање на уметноста и талент за фотографија.

 

zuka-1

 

Во постовите кои ги објавуваш на твојот блог правиш неочекувани комбинации на парчиња кои изгледаат фантастично. Кој е всушност најголемиот стилски предизвик за еден моден блогер?

Предизвици има еден тон, но забавно е да наоѓаш начини да ги надминеш. Не е лесно да смислиш на која локација ќе фотографираш одреден едиториал за да може секој елемент да дојде до израз. Имаме лимитиран избор на модни брендови и уникатни парчиња, што пак, од друга страна, остава простор за наоѓање на алтернативни извори на облека. И секако, потребно е многу време и многу работа за да развиеш свој стил на фотографирање и да создадеш индивидуална естетика.

 

Како започна целата приказна околу модниот блог? Која е приказната околу името?

Модата ми е прва љубов и сакав таа љубов да ја овековечам во простор во кој ќе можам безрезервно да ѝ се посветам и да собирам искуство создавајќи на мој начин, неограничен од надворешни фактори. Името After Two Five е исто толку лично колку и самиот простор.

 

zuka-3 copy

SCOTCH & SODA мантил

 

Имаш завршено историја на уметност (како и интернационален бизнис) на Manhattanville College во NY. Кој ти е омилен правец/период во уметноста?

Домородната американска уметност е лудило поради софистицираноста на симболизмот и имагинацијата. Ренесансата од Северна Европа е фантазија – Bosch, Dürer и Van Eyck се умови кои комплетно ме фасцинираат. Апстрактниот експресионизам има извонредна визуелна моќ, која особено се чувствува кога те опкружуваат неколку слики од истиот автор, како блоковите на боја на Rothko или сликарските платна на Pollock. Маркантноста на минимализмот очигледна во челичните ремек-дела на Richard Serra ми е прекрасна. И ова е само мал дел од сè што обожавам во уметноста.

 

Знаеме и дека правиш одлични фотографии. Дали фотографијата ти е само хоби или и (можна) професија? Која е твоја омилена фотографија што си ја направила?

Фала дечки. Фотографијата е веќе дел од мојата професија. Работата на блог за мода бара ангажман и пред фото-апаратот, што прилично многу ми помага во постигнувањето на тоа што го сакам кога сум зад објективот. Омилена фотографија не би можела да издвојам, од една страна затоа што сум самокритична, а од друга, затоа што секоја фотка ми значи подеднакво многу.

 

zuka-4

SCOTCH & SODA мантил

 

Како би му објаснила на 10 годишно дете што е „мода”?

Модата е како редење на Lego коцки, но наместо коцки, составуваш материјали и редиш парчиња облека.

 

Кој е најдобриот совет што си го добила?

Мислам дека генерално луѓето не слушаат совети, дури и кога се добри.

 

 

 

///

 

Зоран Кардула

Нашата омилена верзија на уметник: уметник-активист. Неуморен борец за човекови права со неверојатна конекција на окото и раката.

 

kardula-1

 

Што е најхраброто нешто кое си го направил во животот. Што е за тебе храброст?

Храброст е да чекориш во животот по патот кој си го одбрал, без разлика на препреките на кои ќе наидеш. Патот никогаш не е прав. Ќе те одведе и десно и лево, но важно е да се вратиш.

Можеби прифаќањето (и споделувањето со околината) фактот дека мојата помала ќерка е аутистична е најхраброто нешто што сум го направил.

 

Неколку од твоите графики се изложени во Think каде можат и да се купат. Дали тоа значи дека од тебе треба да очекуваме во иднина само графики? Што е предноста, а што недостаток на акрилот?

Само дел од моите графики се изложени во Think. Имам неколку во други галерии. Имам и многу други кои сè уште чекаат да бидат изложени. Се надевам дека годинава ќе успеам да направам уште една изложба.

Во моментов се пронајдов себеси во дигиталните графики. Станав препознатлив по тој стил, па сè додека имам инспирација – ќе продолжам да го практикувам. Мислам дека е потребно време секој кој се бави со уметност да се пронајде себеси во одреден стил.

Сум ги користел сите техники. Секоја од нив ми е драга. И денес понекогаш имам потреба да го осетам мирисот на терпетин и да насликам минијатура за своја душа.

 

HUGO BOSS маица

 

Дали ја користиш уметноста да пренесеш некоја порака? Која беше пораката на последната изложба? Како најгласно се пренесува одредена порака?

Уметноста секако носи порака со себе. Пораката која сакав да ја пренесам со последната изложба беше да ја истакнам убавината на жената, особено во периодот од дваесетите години од минатиот век. Да ја истакнам нивната мистериозност и елеганција.

Во денешно време социјалните мрежи се тие преку кои најлесно и најбрзо се пренесува пораката. Истовремено стигнува до илјадници очи. Изложбите се секако поинтимни и поинаку се доживуваат. Но, тие не може да се случуваат со таква фрекфенција и толкава публика.

Моите дизајни на пример за Шарената Револуција и Протестирам се строго наменски и пренесуваат порака. Визуелниот израз е многу моќен, впечатлив и мислам дека лесно допира до публиката.

Истото се однесува и на моите редизајни на стари југословенски брендови. Вторите се резултат на мојата желба да потенцирам дека и во тоа време имало беспрекорен дизајн. Сакав да им оддадам почит на дизајнерите од тоа време и да покажам дека со мала интервенција и по многу години поминати, сè уште одлично ја пренесуваат пораката.

 

HUGO BOSS маица, кошула

 

Кога не би бил уметник што би бил?

Јас сум електро инженер, а по професија сум графички дизајнер. Со уметност се занимавам од љубов и хоби. А кога не би бил ништо од горе наведеното — отсекогаш сакав да работам на патарина во Норвешка.

 

Знаеме дека си татко и сопруг. Што значи семејството за тебе и како тоа влијае на твојата креативност и иновативност?

Сопруг сум на Домника, а татко на Теано и Ерато.

Теано е матурантка и ќе се запише на студии по графички дизајн. Таа можеби ќе биде мојот наследник во таа професија. Инаку е активист од времето на Средношколскиот пленум, а сега е дел од Шарената Реаволуција. Вистински борец за правата на човекот. Гласна, самоуверена и храбра.

Ерато е нашата борба. Таа е аутистична. Весела, насмеана и интелигентна. Нејзината состојба нè направи подобри луѓе. Нè зацврсти уште повеќе како семејство. Ние сме гласни во барањата за подобри услови за децата со посебни потреби. Нашата борба е секојдневна. Како со предрасудите на околината, така и со општеството.

Моето семејство ми е главна поддршка во сè она што го работам. Веројатно не би бил тоа што сум без моите три девојки.

 

HUGO BOSS маица

 

Освен сликањето, дали постои друга пасија во твојот живот и ако да, зошто токму таа?

Освен сликањето пасија ми е собирање на метални кутии и колички олд тајмери.

 

Како изгледа еден твој креативен процес? Што е првата работа што ја правиш?

Едноставно ги користам моментите на инспирација. Почнувам со скицирање и потоа оставам работите да течат сами од себе. Маана ми е што не престанувам да мислам на делото сè додека не го завршам. Едноставно ме опседнува. По завршување на делото веднаш почнувам да мислам на ново.

 

DSC_1967

HUGO BOSS маица

 

Што е првото нешто што ти текнува од твоето детство?

Пораснав во Крушево. Живеев во голема куќа со 14 соби и огромно антре. Имаше една соба која ја викавме „Сандук одаја” од која само мојата баба и нејзината сестра имаа клуч. Таму беа украсните сандуци, каде тие ги чуваа вредните работи и спомени на неколку генерации. Само јас, како најмал член на семејството и нивни миленик, имав дозвола да влегувам таму повремено. Тоа за мене беше магично и најверојатно од таму ја носам љубовта кон старините.

 

 

 

///

 

Дениз Абдула

Талентиран, млад и амбициозен актер. Ако не сте го виделе во бифето на ФДУ, тогаш ќе го препознаете од една од подобрите нешта што искочи од Македонија во 2016та — филмот „Џган”.

 

deniz-1

 

Кога би можел твоето секојдневие да го споредиш со филм, за кој филм би се одлучил?

Немам гледано таков филм. Но можеби најсоодветна споредба би бил чилеанскиот филм „NO” на Pablo Larrain, според вистинска приказна во главна улога на Gael Garsia Bernar. Филм кој раскажува за една диктатура и банда криминалци и насилници кои владеат 15 години и ги имаат окупирано сите медиуми и целата чилеанска република. Од другата страна се борците за права, слобода и живот, ослободени од стегите на диктатурата, но секојдневно соочени со разно-разни притисоци, закани и напади од страна на власта. Доста познато нели? Изгледајте го филмот за да видите кој ќе победи во битката.

 

Те гледаме најчесто во филмови, но во театар не. Зошто е тоа така и што се случува во театрите?

Не знам, најверојатно е некој природен тек на работите. Од театарот паузирам последниве 2-3 години и најчесто работам со помлада група на актери и режисери на независни алтернативни проекти во кои самите ние вложуваме, без никаква финансиска потпора.

Вообичаено се играат 4 до 5 изведби (некогаш и помалку, за жал) и потоа ги снемува. Од друга страна имаме директори, некои од нив професори на приватна академија, кои на своите студенти во меѓувреме широко им ги отворија вратите во театрите, а една друга поголема група скоро-дипломирани актери најверојатно не ни постојат за истите.

За компетентноста на тоа кој треба да влезе во театар како гостин или вработен, во поголема мера одлучуваат по пат на непотизам, партиско-пријателски односи или пак можеби премногу сентименталност и емпатија насобрана на едно место — па ситуацијата е таква каква што е. А компетентноста скоро и да ја нема. Изгледа кај нас се изместени основните принципи и начела на театарот како институција.

 

deniz-5

DIESEL маица

 

Која е најголемата разлика помеѓу филмската и театарска игра?

Има доста голема разлика. До пред една-две години мислев дека работата во театар е многу помакотрпна од работата на филм. Денес мислам дека е обратно, и овој пат мислам дека сум во право. Во театарот има континуитет. Филмот нема континуитет на снимање, актерот и режисерот мораат брзо и лесно да се менуваат од прва на последна сцена. Најголемата разлика е помеѓу начинот на тоа како се игра во театар и на филмско платно. Теоретски не знам да го објаснам, можам само да покажам.

 

Што те натера да се определиш за оваа професија?

Пред да се запишам на академија доста време поминав во драмското студио на Магдалена Ризова – Маги. Мислам дека во тој момент годините и студиото беа најпресудни при изборот на оваа професија. Сега за сега сум задоволен од оваа моја одлука.

 

deniz-4

DIESEL маица

 

Кога би требало да препорачаш филм кој сите мора да го изгледаат, кој би бил тој?

Нека биде тоа „The Lobster” на Yorgos Lanthimos. И уште еден одличен документарец „Inside Job” на Charles Ferguson кој зборува за последната светска рецесија, банкарските пљачки, монетарниот криминал и зашто нашиот труд некој го наплаќа со пари.

 

Освен глумата, што друго ти го исполнува времето?

Другарите, дружбите до пладне, изместен биоритам и понекогаш гитарата на која свирам веќе 18 години. Азиските филмови да не ги заборавам, кои меѓу другото за мене се најдобрите филмови кои се направени последниве 7-8 години на светско ниво. Моментално имам премногу слободно време, а тоа не е на арно.

 

deniz-2

DIESEL маица

 

Да не беше глумец ќе беше ____________, и зошто?

Завршив нижо и средно музичко во Илија Николовски – Луј отсек гитара, т.е 11 години поминав таму. Цело време мислев дека ќе продолжам и понатаму да се бавам со музика. Да не ме примија на ФДУ, денес сигурно ќе се занимавав со музика.

 

Кога би можел да бираш, кој суперхерој би бил и која супер моќ би сакал да ја поседуваш?

Jumper според истоимениот холивудски филм. Моќ преку визуелизација, односно мислата упатена кон одредено место и телепортација на истото. Телепортацијата е моќ која сакам да ја поседувам. Е сега знам дека Jumper не е херој, али сепак е супер.

 

 

 

///

 

Ана Јакимска

Прв пат ја запознавме како режисерката позади „80ти“ на PMG Kolektiv. Љубовта на прв поглед само се задлабочуваше кога ги гледавме нејзините кратки филмови и фотографии. Се надеваме на тоа дека еден ден ќе снимаме хорор филм заедно.

 

ana-1

 

Што најчесто купуваш кога патуваш, дали имаш некое парче облека кое те потсетува на одредена дестинација?

Во последно време патувам толку често што ми се случува да не знам во кој град сум се разбудила. Чудно е чувството кога се будиш во нов град за којшто не знаеш речиси ништо и потоа седнуваш во некое мало кафуле на појадок и преку вкусот на кафето и лебот веќе имаш чувство како да си живеел таму. Кога патувам во нов град важно ми е да најдам местенце со убаво кафе.

Многу ретко одам во продавници за облека, не сакам да носам големи куфери со себе. Единствено лани кога бев во Палестина решив да си купам марама (хиџаб) за да си ја покријам косата, што не беше лоша одлука, зашто белото тенко платно ме заштити од сонцето, а во исто време и ги насмеа сите локални жени и девојки што се понудија да ми помогнат подобро да се врзам.

 

Која ти е омилена декада во модата и општо во живеењето?

Омилена декада ми се раните 80ти — периодот на неоромантизмот. Сакам дворски дезени во панкерски комбинации, фрак во диско, бела кошула со кал после цела вечер журкање. Ме возбудува облека со остри рабови.

 

ana-3

SCOTCH & SODA блуза, пантолони

 

Каков тип на филмови би режирала?

Сакам да режирам необични филмови, кои без разлика дали ќе предизвикуваат весело или тажно расположение кај публиката, секогаш ќе бидат величенствени за гледање. Локациите се многу важни за ова – некогаш воздухот на некоја конкретна локација знае да ми разбуди во глава цела приказна.

 

Кој е филмот на кој секогаш прв помислуваш кога некој ќе те праша за препорака?

Todo Sobre mi Madre” на Алмодовар.

 

ana-4

SCOTCH & SODA блуза, пантолони

 

Кој е режисерот од кого најмногу си научила и си се инспирирала?

Прва љубов во филмот ми е г-н Хичкок. Неговите филмови, се разбира, се многу различни од сè што имам снимено досега и дури и од сите мои идеи за во иднина, но има нешто неповторливо филмско во неговиот начин на раскажување, приказна што секогаш ме инспирира и ми ја засилува љубовта кон филмот. Кога гледам филм од Хичкок се потсеќам дека ја имам најубавата професија на светот.

 

Колку музиката е битен дел од филмот? Која ти е омилена песна од филм?

Музиката во филмот ја сакам само кога е иманентна на самата сцена, односно кога е дел од филмското дејство. Холивудската пракса на лепење позадинска музика на сцените не ми се допаѓа и мислам дека може дури да ја намали вредноста на филмот. Многу повеќе ми значи како на гледач кога некој филмски лик со којшто веќе емотивно сум се поврзала ќе земе инструмент и ќе почне да пее, а неговото пеење додава ново значење на целата драмска ситуација. Омилена филмска песна ми е „Un Ano De Amor“ на Luz Casal, од филмот „Tacones Lejanos“ на Алмодовар (пак Алмодовар, да).

 

ana-2

SCOTCH & SODA блуза, пантолони

 

Кој е твојот најстрашен сон? И дали би режирала хорор филм инспириран од него?

Не знам дали ова е знак за некаква невроза, но често сонувам кратки хорор сценарија со развиени визуелно ужасни сцени. Пред некоја вечер сонував една канибалистичка семејна драма што уште ме наежува кога ќе си ги вратам сликите. Хорор приказните ми се слаба точка, во секој момент би снимила хорор.

 

 

 

///

 

Давид Ристевски (Dreadpen)

Графички дизајнер и илустратор најпрепознатлив по неговите цртани ликови (ака monsters) и епските суканици.

 

david-1

 

Кој вистински лик би сакал да го илустрираш во твој стил? Зошто?

Хмм. Не сум размислувал за илустрација на вистински лик. Ако би, има повеќе. Али еве за почеток може Peter Dinklage (Tyrion Lannister). Со својата физичка фигура мислам дека баш би се вклопил во мојот стил.

 

Со Биги сте неразделни. Дали имаш илустрации од него?

Точно. Со биги сме неразделни, 24/7. Куче со батерии што не се трошат и што ми го прави денот поубав ☺. Искрено, повеќе ме инспирира и ми дава идеи за цртање. Ама имам и од него илустрации. Некои недовршени, некои завршени, некои објавени, некои во архива, некои само од него, некои со неговото другарче монстерче.

 

david-2

HUGO BOSS маица

 

Што музика слушаш додека црташ? Зошто?

Кога ја цртам првата идеја, моментот на инспирација кој е во тетратката, често се случува да сум седнат некаде на пиво, па го слушам она што свири. А кога сум дома, тоа е рап, особено заглавен сум на 90те и 2000те. Таа хип-хоп култура најмногу ме привлекува. Го сакам секој аспект. Рецитирањето, скречувањето, брејкденсот и нормално графитите. Не е случајност што кучето ми се вика Биги Малото (Biggie Smalls).

 

Кој ти е омилен јунак од стриповите?

Бетмен. Знам дека на некој начин и не е вистински суперхерој (нема супермоќи), но како да не го сакаш? Знае повеќе од 20 боречки вештини, има милион гаџети, секогаш е во најдобра кондиција, знае да лета авион, хеликоптер, да вози подморница, да избега од невозможни ситуации, ги има поразено најлошите противници и најдобрите суперхерои во светот на стрипот. Го нема тој луксуз на користење на супермоќи, па во скоро сите ситуации се потпира на неговата интелигенција. Затоа е најдобар.

П.С. Кој не го сака бет-мобилот?!

 

david-3

HUGO BOSS маица // SUPERDRY пантолони

 

Кој е градот кај што би сакал да црташ?

Секој. Секаде. Секогаш. Има толку многу ѕидови, толку многу сивило што треба да се разбие со бои.

 

Многу луѓе мислат дека цртањето е момент на инспирација, но сепак потребна е дисциплина, професионалност и одговорност. Дали мислиш дека ова е точна констатација?

А љубов? Љубовта кон цртањето, кон она што сакаш да го работиш го прави самото нешто подобро. И таквиот микс од инспирација, имагинација, дисциплина, континуитет и љубов дава еден совршен коктел кој на крај на сите им се допаѓа и сите го сакаат. Особено ти самиот.

 

david-4

HUGO BOSS маица // SUPERDRY пантолони

 

Што се случуваше во твојот живот пред „монстерчињата“?

Монстерчињата биле отсекогаш. Претходно само во тетратка, а сега насекаде. Голем дел од мојот живот беше поминат во играње фудбал, да да, фудбал, колку и да му звучи на некого чудно. Играв професионално до 2009/10, дури и бев прогласен најдобар млад играч во 2005 година. Околностите беа такви, да не продолжам по тој пат, па монстерчињата почнаа едно по едно да излегуваат од тетратката.

 

Дали би направил колаборација со некој друг артист и ако да, кој би бил тој/таа?

Секако дека да. Ги има повеќе, но тие што ми се моментално најгоре на листата се Scott Martin и Alex Solis.

 

Comments

comments