Фотографии: Елена Фиданска

 

На сите ни е добро познат „Скопје феноменот“. Кога имаш лош ден – сè изгледа тапа. Кога си бар малку расположен, Скопје изгледа како најдоброто место на светот.

Сети се на онаа убава пролетна вечер кога отиде на изложба во Концепт 37, на девојката што ја гледаш често на улица со фикси и бели слушалки, на ликот што те насмеа на Facebook и на високиот дечко со долга коса, што го гледаш на секој скопски филмски фестивал.

Сега е вистинскиот момент за подобро да се запознаеш со Деспина од Концепт 37, актерката Сања, визуелниот уметник Иван и филмаџијата Стефан.

 

 

///

 

Сања Арсовска

Ја гледавме во „Трето полувреме“ и во „Балканот не е мртов“. Моментално ја препознаваме како Лина од детската серија „Петко“. Сања е од оние луѓе кои и кога ништо не прават, делуваат тотално забавно.

 

sanja-1

 

Зад себе имаш улога во детска серија. Дали може да се каже дека ти е тоа омилена форма или би размислила за нешто друго, ТВ серија можеби?

Не знам дали ми е омилена, ги немам пробано сите форми, ама можам да кажам дека ми е исклучително драга. Немам проблем да бидам дел од било каков уметнички израз, доколку ги оправдува моите уметнички гледишта.

 

Која ти е неостварена улога? На која твоја улога досега си најгорда?

Неостварени улоги имам 100, среќа тие бараат позрели години, па се надевам дека 40тите и 50тите ќе ми бидат плодни и дека барем 30% од нив ќе изиграм.

Инаку, професионално, не сум баш во пријатни релации со гордоста, а уште помалку неа да ја препишам само на себе кога станува збор за театар. Можам да бидам горда на претстави во целина, на еден цел театарски организам. Не можам да го изземам сето тоа.

 

sanja-2a

GUESS јumpsuit // DESIGUAL џемпер

 

Како актерка и како активист, што те прави посреќна: аплаузот од публиката или чекорот поблиску до каузата?

Ме прават среќна силните аплаузи, пропратени со извици на воодушевување, ама ги сакам и оние пригушени аплаузи, речиси нечујни и полни со прашалници. Аплаузот е совшрен показател за добро или лошо сработена работа. Публиката никогаш не е виновна за тоа што го гледа, така што, таа е последна на која треба да ѝ се лутам.

За истурање на лутина и гнев имам на располагање цел театарски поредок кој, нормално, совршено се надополнува со опшествено-политичкитата шизофренија во коja живеам и творам. И во вакви услови, мене она „чекор поблиску до каузата“ не ме радува воопшто, напротив, ме плаши. Присутната општествена деволуција плаче за темелна културолошка реформа и етичка преобразба, а тоа е долга и напорна борба. За неа не се потребни неколку чекори, туку долги години пешачење и многу искинати чевли.

 

sanja-5b

GUESS јumpsuit // DESIGUAL џемпер

 

Пред две години на „Здраво Млади“ на dance-off освои прва награда од „Skopje fixie“, ако не беше актерка ќе беше ли можеби танчерка?

Уф, не. Би прифатила некаква форма на физички театар заради егзибиционизам, ама јас сум сепак повеќе за танцување во диско. Да ми пуштиш фино музиче и да си го пуштам телото да си збори без да имам одговорност кон никого за моите движења. Многу сакам да танцувам и во супермаркети со мојот „ревносен“ партнер количката, ама во последно време секаде пуштаат тиња музика, па ако некој знае маркет кајшто владее добра музика, нека ми пријави, со задоволство би пазаротанцувала таму.

 

Кој ти е омилен аутфит за возење на фиксито?

Фармерчиња, маичка, дуск, патичиња. И големи бели слушалки на уши. Неодговорно е знам, ама фиксито си повлекува гласна музика и шизење дур се тркала по улици. А улица ко улица, стално има некакви пречки, паркирани коли, билборди, контејнери, и во сиот мој музички и танцовен занес, знам „грациозно“ да се треснам во нив, однесувајќи се дека тоа е дел од мој перформанс и ладно да си продолжам по патот, мрдајќи си со глава и рамења во ритамот на музиката.

 

sanja-4

GUESS јumpsuit // DESIGUAL џемпер

 

Штипска или велешка пастрмајлија?

Бриселски тарт со малини и Македонија цела да е.

 

 

 

///

 

Деспина Крстевска

Првото нешто што го забележуваш кога влегуваш во Концепт 37, позитивната, насмеана и весела девојка која е секогаш во жижата на случувањата. Никогаш не дозна дали е дел од персоналот, случаен минувач, event manager или 3 во 1. Не е ни важно.

 

despina-1

 

Живееше две години во Болоња, со која животна лекција се стекна? Дали има слично место во Болоња како Концепт во Скопје?

Болоња е моја многу драга приказна која иако ја доживувам како личен неуспех, ја сметам за постулат на она што сум денес: со изграден став, стил и идеали.

Живеејќи таму научив дека најконструктивните идеи произлегуваат од општ муабет седнат со пиво во рака на некој плоштад, дека револтот нема цена, дека образованието е свето а промискуитетот на духот неприфатлив и да излезеш сам на кино или свирка е супер-кул.

Италијаните сметаат дека животот сам по себе е врвна уметност па така и го живеат. Квалитетно и опкружени со убавина и комодитет. Оттука произлегува нивната пасија за квалитетно еспресо и опсесија по изложби и уметнички дела.

Но сепак ги немаат споено овие две работи во ист, интимен простор како што е примерот со Концепт37.

Единствена паралела би можела да направам со Biblioteca Salaborsa (мулдимедијален/едукативен центар на главниот плоштад) која изобилува со сали за учење, библиотека, видеотека, кафетерија и изложбен хол за документарна фотографија. Таму секогаш ми беше пријатно исто како во Концепт37.

 

despina-2

SCOTCH & SODA маица

 

Италијанската кујна важи за една од подобрите, кои три рецепти од нивната кујна би ни ги зготвила?

Јас би додала и најинвентивната.

Според нив доволно е да имате зготвено pasta al dente, да ѝ го додадете она што во моментот ви се наоѓа во фрижидер и имате оброк – паста на 101 начин.

Но за вас би го издвоила моето омилено мени:

(1) Паста салата со димен лосос и ананас како ладно предјадење.

(2) Мelanzane al forno на наполитански начин како главно јадење. Ова е своевидна вегетаријанска мусака со модар патлиџан прелиен со свеж доматен сос и мноогу моцарела. Звучи едноставно, но потребна е вистинска умешност за да се долови вистинскиот вкус.

(3) И за десерт – тарт со рикота по традиционален рецепт. Со лимон или круша, оставам на вас!

 

despina-3

SCOTCH & SODA маица

 

Според твоето искуство, дали Скопјани сè уште се плашат да седнат сами на кафе?

Не би рекла дека е во прашање страв туку отсуство на навика. Пиењето кафе кај нас е пред сè друштвен феномен. Причина да седнеш со некого на муабет, изговор да пропуштиш некој состанок или напротив склучиш бизнис.

Така што сметам дека Скопјани сè уште го немаат во целост развиено тој индивидуален пристап кон седнувањето на кафе.

Но, секоја чест на исклучоците кои неретко може да се забележат седнати на шанк кај нас во Концепт37 и на нив сме посебно горди.

 

despina-4

SCOTCH & SODA маица

 

Која ти е омилена изложба која ја имаш досега организирано во Концепт? Која изложба во Концепт ја сметаш за најуспешна?

Ги има повеќе… Ретко кога уметниците сами ги поставуваат своите изложби. Најчесто го правиме тоа заедно или јас самата па така од самиот почеток се приврзувам со нив и ми стануваат драги.

5те мин… на Лилика „Is there anybody out there?” на Нина Симовска „Elegant beautiful mystical“ на Зоран Кардула, сите досегашни изложби на Лидија Пачемска и Vernon W. Jones… Накитот на Глигор Кузмановски и MightyCreation и инсталациите во самиот простор ми биле секогаш воодушевувачки. И со Инстаграмџии е секогаш весело. Цел спектар од бои, креации и прекрасни луѓе кои веќе три години придонесуваат Концепт37 да остане пријатно и инспиративно место.

И од аспект на квалитет и од аспект на посетеност за убедливо најуспешна ја сметам изложбата на Марко Прокиќ aka f.ckinfine. Неговите илустрации со досетливи пораки привлекоа илјадници заинтересирани а Концепт37 имаше вечер за паметење.

 

 

 

///

 

Иван Татарчев Дургутовски

Во оние тапа-Скопски-денови, најдобро легнува доза на сатира. Во тие моменти се вртиш накај Иван и неговиот Facebоок профил. Зашто некогаш сè што ти треба е чаша добра иронија.

 

ivan-1

 

Ако групно телепортирање беше возможно, каде би го однел друштвото да живеете и што би понел од Скопје?

Друштвото? Јас би се телепортирал сам на случајна локација (еве, машината нека одлучи) па ќе си најдам таму друштво. Никогаш не носам ништо, одам на места, запознавам луѓе, создавам спомени и ги оставам таму. Тоа што треба да го понесам ми е секогаш тука, во главата.

 

ivan-2

REPLAY ранец, џемпер

 

Од денешниот свет на уметноста, што е она кое едвај чекаш да го снема?

Во денешниот свет на уметност, сè има рок на траење. Така да, нема потреба да посакам нешто да снема. Тоа што треба да остане – ќе остане. Секој со своето и секој за себе. Природна селекција.

 

Секогаш си со слушалки, што слушаш во моментов додека ги читаш прашањава?

Моментално сум дома, во кујна и да, со слушалки сум! Го слушам последниот албум на Aphex Twin – „Cheetah“.

 

ivan-3

HUGO BOSS џемпер

 

Кој ти е омилен светски поп-артист?

Bjork. Затоа што е комплетна, храбра и секогаш иновативна. А најважно од сè е дека во секое парче што го создава, вложува дел од себе. Тоа е буквално изложување на интимата, исто како да се соблечеш гол пред публика и да ги споделиш најлошите и најдобрите лични искуства со светот.

 

ivan-4

REPLAY ранец, џемпер

 

Кој проект на кој досега си работел ти е најдраг (ние првпат те запознавме преку овој)? Кажи ни повеќе за твојот нов проект на Инстаграм.

Немам најдраг проект, тоа е како да треба да изберам кое од децата ми е омилено. Се зезам. Секој има дури и омилено дете. *Сега напишете во загради – (се смее).

Секој проект што го работам е приказна сама за себе, означува одреден период со кој сум лично поврзан. Проектите ги доживувам како „kind“ или „unkind“ reminders за одредени ситуации кои доволно ме допреле и ме поттикнале да создадам нешто.

Токму тоа се случува и со новиот Instagram концепт. Во даден момент ги избришав сите 1500 фотографии, една по една. Со секое стискање на копчето „избриши“ се простував со по еден спомен и започнав нова приказна. Инстаграм профилот го претворив во визуелен дневник поделен во поглавија. Фотографирам наместо да запишувам. Едноставно, нели?

 

 

 

///

 

Стефан Палитов

Најдобрата работа кај режисерите-филозофи е тоа што никогаш не снемува теми за разговор. Со Стефан можеш да зборуваш колку за Tarkovsky и Bergman, толку и за Wittgenstein.

 

palitov-1

 

Колку философијата ти помага во режијата?

Првенствено помага во пристапот кон филмот како систем на реалитет. Останува отворено прашањето за начинот на кој се пренесува апстрактна идеја преку филмот како форма, а не со просто изложување низ дијалог. Тоа е простор вреден за истражување. На крајот, тоа зависи и од филм до филм; не сметам дека секој филм треба да има некаква тешко дофатлива смисла.

 

Ако мораш да издвоиш само еден цитат од философијата со кој најмногу се сложуваш, кој би бил?

Не би издвоил таква преференца за конечна, од проста причина што во секој систем од кој би произлегол некаков „конечен“ заклучок има работи кои ми се блиски и далечни. Ако морам да бирам, тоа би бил некој тековен интерес, па би го земал Wittgenstein со мислата „границите на мојот јазик се границите на мојот свет“. Комуникација во широка смисла и системи за пренесување на значење секогаш ми биле интересни теми. Во овој контекст природните јазици се само мало делче.

 

palitov-5

DIESEL маица

 

Кој филм те потсетува на детството? Каков тип на филмови сакаш да правиш?

Растев во среќното матно време кога телевизиите крадеа програма од сателит, па имав можност да гледам одлични филмови уште од мал. Мислам дека првите филмови за кои имам сеќавање се „Once Upon A Time in The West“ на Sergio Leone и „Тhe Seventh Seal“ на Ingmar Bergman. Како стил, шпагети вестерн ме потсетува на детството.

Сакам првенствено да ја истражувам филмската форма, да барам соодветна естетика за различни приказни. Секогаш ме интересирало она што се крие позади приказните.

 

Ако треба да ни препорачаш еден режисер чии филмови мора да ги изгледаме, кој би бил?

Морам двајца. Tarkovsky и Paul Thomas Anderson.

 

palitov-3

DIESEL маица

 

Препорачај ни саундтрак кој секој мора да го слушне.

Toru Takemitsu за „Kwaidan“, но мора да се гледа филмот за потполно да се разбере генијалноста на музиката.

 

Кои се твоите планови за блиската иднина?

До го довршам мојот последен филм пред заминувањето во странство. Наскоро почнувам и со магистерските студии, па следниве неколку години ќе бидам во постојано движење низ повеќе држави. Паралелено со тоа, нови сценарија и предпродукциски процеси.

 

palitov-4

DIESEL маица

 

Лето или зима? Кино или театар? Бергман или Фелини?

Пролет и есен. 🙂 Филм. Зависи од расположение бидејќи и двајцата ги сакам на различен начин („And The Ship Sails On“, обавезно за сите).

 

 

Comments

comments