Фотографии: Елена Фиданска
Стајлинг: Анја Макеска

 

Првичната цел на серијата Reborn ликови беше да те запознаеме тебе со оние што сè уште не си имал прилика да ги дознаеш. Но во еден момент почнавме себично да ја злоупотребуваме месечната прилика како изговор за ние да откриеме некој добар нов лик.

На почетокот ни беше страв. Изгледа не ни иде математика колку што мислевме, па се плашевме дека набрзо ќе ни снема ликови.

Глупости!

Имаме една заедничка и крајно неуредна листа во која секој од нас впишува кога ќе добие идеја за Reborn-лик, за после од таму да ја комбинираме следната епизода. Спротивно на сечија логика, со секоја епизода листата само продолжува да расте, а не да се смалува.

Овој пат пикадо стрелките завршија на Ина, Бранко, Христина и Иван (Мелентие). Дозволи да ти помогнат во изборот на добар филм, да ти го освежат животот со инспирација за ново хоби или конечно да те притиснат да го купиш лонгбордот што не беше баш сигурен дека го сакаш.

 

 

///

 

Ина Михајлова

Најверојатно си налетал досега на цртежите на Ина на Facebook. Оние што те тераат на прошетки до фрижидерот едно 100 пати на ден. Ина размислува како возрасно дете, а такви се и нејзините дела – истовремено возрасно квалитетни и детско наивни.

 

ina-1

 

Ина (за оние што не знаат), на твоите профили постојано споделуваш фотографии, цртежи комбинирани со предмети кои се склопени на многу креативни начини. Кажи како ти текнуваат сите тие комбинации?

Се прилагодувам на начинот на размислување. Се ставам во ситуација каде што знам дека ќе успеам. Не се плашам да се самокритикувам. Размислувам како возрасно дете.

 

Твојата изложба, Holy Plant. беше поставена на 5ти октомври во Concept 37, како дел од овогодинешниот De:sonanz. Како си задоволна од настанот, каква беше реакцијата на публиката?

Позадоволна не можам да бидам, од претходно искуство не дозволив да ме победи тремата. Успеав да ги соберам сите блиски и помалку блиски. Успеав да склопам различна клапа на луѓе со исто размислување и заедно да ги срушиме сите бариери и погрешно пласирани информации за „светата билка“. Сите викаат дека си поминале закон, а јас им верувам.

 

ina-2

GUESS бомберка, пантолони

 

Дали сметаш дека марихуаната треба да биде легализирана и што направивте со тревките по сликањето?

Што е тоа марихуана? Инаку, марихуаната е 114 пати побезбедна од алкохолот. Марихуаната ги убива канцерогените клетки и се користи за лечење на многу заболувања. Канабисот е безбеден и постои многу мал ризик за злоупотреба на истиот. Можам да набројувам цел ден. Заклучок: Легализацијата може да биде една многу убава работа. А со тревките после сликањето, си ги собрав другарите и се забавуваме.

 

Едно твое хоби е сурфањето. Што те привлече да се занимаваш со овој спорт?

Голем фан сум на секаков вид екстремни спортови, всушност секој ден одвојувам барем по еден час на спортување. Скијам од мојата седма година и не сум тип кој е голем фан на излежавање на плажа и не правење ништо. Така, по препорака на моите познаници, се одлучив за едно поинакво летување каде магично се роди љубовта кон сурфањето. Иако е еден од потешките спортови и треба упорност за да ја совладаш техниката, се мачиш, но потоа го фаќаш првиот бран и среќен правиш планови каде ќе одиш наредна година на сурфање.

 

ina-3

GUESS бомберка, пантолони

 

Имаш дипломирано дизајн и мултимедија, претпоставуваме дека имаш интереси во многу полиња. На што друго работиш или би сакала да работиш во иднина?

Работа и проекти фала богу, се почесто има. За жал македонскиот синдром не знае да цени, па борби се водат насекаде. Животна желба ми е да отворам продавница за кул гардероба во Берлин, па здравје да се извезува ширум светот. Големи амбиции знам.

 

Како би го опишала твојот стил? Колку често шопингуваш и дали си од оние кои многу внимаваат како се облечени?

Шопингувам кога имам пари. Кога станува збор за спремање, брза сум и експедитивна, а сепак се сметам за средена девојка. Никогаш не сум сакала да се етикетирам со стилови. Сепак според професијата и хобито – можете до некаде да си создадете слика за мене и мојот стил.

 

 

 

///

 

Бранко Костески

Ги обожаваме филмовите на Бранко, а најверојатно исто толку ги сакаме и неговите фотографии. Овој пат го сместивме него од другата страна на окуларот, додека раскажуваше за фиктивните разговори со Woody Allen и Angelina Jolie и предизвиците на краткиот филм како форма.

 

branko-1

 

Колку време се занимаваш со филм и во кој момент одлучи дека филмската режија ќе биде твојата професија? Зошто го одбра универзитетот „Черноризец Храбар“ во Софија?

Уште во прва година средно почнав да одам на една филмска работилница организирана во МКЦ од страна на тогашната мојата професорка по историја на уметноста. Предавањата ги држеа студенти од ФДУ и најверојатно тогаш сфатив дека го сакам филмот.

Кога дојде време да се запишам на факултет, изборот беше едноставен и не ни размислував за алтернатива. Варненскиот Универзитет во тоа време отвори отсек за филмска режија во Софија со одлични професори. Шеф на катедрата беше еден од најдобрите бугарски режисери, Никола Корабов и мислам дека причината зошто се запишав таму беше токму тој.

 

Ако можеш да одбереш еден режисер, на кој би му бил лепенка а таа/тој твој ментор, кого ќе одбереш?

Angelina Jolie. Во принцип, отсекогаш сум се восхитувал на режисери со исклучително силен авторски печат. Проблемот со тоа е што авторскиот печат е доста интимна работа и не може да се пренесе на друг автор затоа што е склоп од лични животни искуства. Земајќи го во предвид ова, релацијата ментор-студент ја оправдувам само во текот на студирањето кога се учат основите на филмскиот јазик. Инаку, во секое време би се радувал на разговор со Woody Allen, покрај режисерката што веќе ја спомнав.

 

branko-2

HUGO BOSS јакна

 

Се занимаваш и со фотографија, серијалот Girls and a cat“ е прекрасен. Имаш ли планови во иднина на ова поле?

Фотографирам одамна, но не сум многу дисциплиниран кога се во прашање фотографски проекти. Најголемиот фотографски проект во кој што сум учествувал кој сè уште е активен, е Ателје 22 каде што заедно со уште неколку фотографи работиме на секаков вид на фотофографија, од покривање на настани, фотосесии, сток фотографија итн.

Фотографијата, како и секоја уметност, многу зависи од ентузијазмот што го чувствува авторот во моментот кон материјата, така што серијали како „Girls and a cat“ најверојатно ќе има и понатаму. Поентата е да се биде непретенциозен во време кога фотографијата во глобални рамки е сведена на ниво на гулабарство, а светот е преплавен од инстант гулабари.

 

Досега најмногу си работел на краткометражни филмови, кој е најголемиот предизвик во оваа форма и која е најголемата предност?

За мене најголемиот предизвик е самата форма. Идејата е во што пократко време да се пренесе што помоќна идеја. Овие два параметри се толку важни што во дадена ситуација слободно можат да се занемарат традиционалните драматуршки догми и правилна филмската граматика доколку тоа ја засилува самата форма и идеја. За ова потребна е голема прецизност и способност да се размислува надвор од стандардите на класичната нарација.

 

branko-3

HUGO BOSS џемпер

 

Препорачај ни три кратки филмови што треба да ги изгледаме.

Не знам дали треба некој да ги изгледа, но доколку некој ме праша кои три кратки филма први ми паѓаат напамет, тоа би биле следните:

 

Стереотипот вика, дека филмаџиите се облекуваат многу лежерно, во парчиња кои можат да ги носат цел ден, а да се чувствуваат удобно. Се поклопува ли ова мислење со твојот стил?

Удобноста е релативна категорија. Како што на некого му е удобно да носи ленени пантолони и да шета по улиците на Јоханесбург, така на друг му е удобно да носи високи потпетици, тесни фармерки и розева перика шетајќи по калдрмата на Стара Чаршија затоа што менталната слика која што си ја проектира за себе го прави да се чувствува удобно и покрај физичката нелагодност што ја доживува.

Дедо ми е професор по француски јазик во пензија кој на 85 години секој ден се бричи во 6 часот наутро, носи беж пантолони стегнати со ремен, кошула, сако и вратоврска секој ден затоа што така се чувствува најудобно како личност. Така што, не би можел да кажам дали мојот стил е производ на мојот физички или ментален комфор, најверојатно комбинација и на двата, а прагот на толеранција ми дефинира колку голем компромис ќе направам во однос на стилот.

 

 

 

///

 

Христина Гелевска

Сигурно ја знаеш девојката со шарените прамени од Калдрма, девојката со убавите тетоважи и девојката со убавите ванс патики. „Девојката со убавите” и е префикс, а се вика и потпишува како Христина Гелевска.

 

hristina-1

 

Последнава пола година забележавме дека си прилично активна во давање свој придонес кон скејт сцената кај нас. И тоа не како скејтер, туку од другата страна на овој спорт (начин на живот) – преку организирање на скејт камп, кој веќе трето лето трае за Македонија. Како стигна до тоа да бидеш организатор?

Падна на муабет со другар, кој е од Кемниц, дури траеше кампот во 2013, за тоа зошто да не вклучиме група од тука, и така се започна. Спремање на луда планина документи, регистрации, аплицирање, поднесување мандат. И бидна. Па, еве сме денес, полека почнуваат подготовки за четвртиот камп за нашата група.

 

Зошто баш скејт сцената? Што те привлекува да вложуваш и работиш баш во сектор во кој не се вложува и не е развиен кај нас?

Најпрво би била неизмерната поддршка, која скејтерите си ја даваат меѓу себе и на оние околу нив, не само при вожња, него и за дешавки во секојдневниот живот, но и се разбира – желбата и насоченоста кон развивање подобри услови кај нас.

Се надевам во брзо време скејт кампот нема да биде единствената поддршка што ќе можам да ја пружам за сцената.

 

hristina-2

REPLAY фустан

 

Како успеваш да ги организираш скејт камповите? Дали имаш помош и поддршка во тоа што го правиш?

Првите две години би ги нарекла ашкање во темница, немаше поддршка зашто прв пат се случува такво нешто и беше општо шубе, не се случувало и сите обиди пропаѓале, со прогноза дека нема да успее. А немаше ни голема заинтересираност, се се сведуваше на „важи ќе дојдам” и аш! Единствена помош беше потписот од С.А.М, па оттаму закрилување на кампот како проект-размена меѓу две организации.

Годинава, имав одлична соработка со XMKD и Drop In, се случи Fat Game of Skate каде првите две места добија покриена партиципација за кампот. Исто, Нино од Popcorn Skate штo обезбеди маички за сите од групата.

 

hristina-3

 

Освен тоа што работиш во Калдрма, го организираш кампов и помагаш за настани, што друго ти го исполнува денот, неделата, месецот?

Заљубена сум во pole fitness, и активно се занимавам со тоа веќе некое време, пробувам да не забушавам во спремање на дипломската и патувам. И Лана.

 

Како би го дефинирала својот стил на облекување?

Што пошироко и поудобно, слоеви во секоја прилика.

 

 

 

///

 

Иван Данилоски (Мелентие)

Иван е неверојатно освежување. Дефинитивно првиот лик кој го запознаваме што се занимава со агрикултура, а хоби му е танцувањето класичен балет.

 

ivan-1

 

Како се одржуваш во форма? Каква физичка спремност треба за да танцуваш?

Во форма се одржувам со многу работа, пешачење, возење велосипед и секако најмногу со танцување кое бара исклучителна физичка подготвеност.

 

Професија ти е балетот или хоби? Ќе ни кажеш ли што мислиш за талентот наспроти напорната работа?

Балетот, за жал, ми е хоби. Талентот за балетот најверојатно многу доцна го открив и поради тоа ке остане само хоби. За разлика од професијата со која се занимавам, агрикултура, на што напорно работам и се образувам .

 

ivan-2

DIESEL јакна

 

Зошто баш агрикултура? Да може да го вратиш времето дали би сакал да бидеш професионален балетан?

Балетот го играм за своја душа и не би сакал да бидам професионален балетан. Зошто агрикултура? Бидејќи како мал не ми даваа да играм со земја. Се шегувам нормално. Нема поблагородна професија од агрикултура и поради мојата голема љубов кон природата и природните науки.

 

Во која претстава би сакал да играш и со кој кореограф би сакал да соработуваш?

Giselle, ако ги занемариме годините, а за кореограф немам некој посебен со кој би соработувал.

 

img_1764

DIESEL јакна

 

Костимите во балетот секогаш мора да се удобни и лесни за изведувања различни движења, но многу впечатливи. Во секојдневието преферираш да си кежуал и да ти е удобно или да носиш нешто впечатливо, кое паѓа во очи?

Генерално најчесто сум за кежуал варијанта иако знам да носам и впечатливо нешто кое паѓа во очи .

 

 

Comments

comments