Фотографии: Лилика Стрезоска

 

Предводени од муабетот дека градот го прават луѓето, нормално е да сакаме да го прикажаме Скопје во најдобро светло.

Подолу во разговорот, со шестата по ред тура на Reborn Ликови, ќе забележиш како Бранкица Јордановска за Кула зборува како за колектив. Зборот колектив нè возбуди од повеќе причини. Најпрвин, затоа што тоа е зборот што отсекогаш го баравме кога се трудевме да опишеме како гледаме на Reborn – како на заедница, на колектив, на виртуелното место каде секој кој ќе посака ќе добие место да се изрази, и каде секој кој твори заслужува простор посветен на него/неа.

И второ, затоа што токму ликовите кои еднаш во месецот ги одвојуваме најмногу допринесуваат кон таа визија. Секој еден лик кој некогаш се нашол себеси на нашите страници, преку споделување на својата приказна, допринел кон оваа слика на колектив која веќе година и половина се трудиме да ја изградиме.  

Во оваа епизода те запознаваме со Камка Тоциновски, Стефан Вујисиќ, Александар Пешевски и Бранкица Јордановска.

 

Камка Тоциновски

Ако некогаш нè прашаат да го дефинираме зборот мангупка ќе помислиме на Patti Smith. А после Patti Smith низ глава ќе ни пролета Камка, актерката која ја знаеш од многу места, но на која најдобро се сеќаваш од Панкот не е мртов” од Трето полувреме” и како моторџиката од Skopje Remix”. Ако се одлучиме петок вечер да ја поминеме со филм, нека тоа биде во друштвото на Камка и Werner Herzog.

 

dsc_0055

 

Имаш големо искуство во театарски и филмски улоги. Твојата последна улога од филмот „Три дена во Септември” беше многу впечатлива. Навистина со целиот тим направивте еден филм кој е поинаков од она на кое сме навикнати да гледаме од македонската кинематографија. Што е следно, каква улога би сакала да одиграш? Што мислиш каде си подобра, на театар или филм?

На македонската сцена се појави една нова генерација на филмски режисери како Даријан Пејовски, Вардан Тозија, Ѓорче Ставревски, Владимир Митревски Ѓуле, Марко Ѓоковик, чии филмови не останаа незабележани на светските филмски фестивали, како и пред домашната публика. „Три дена во Септември” во Чикаго и Монтреал беше опишан како гладок, дотеран, елегантен, загарантиран филм. Тамошната публика топло го препорачуваше како филм кој мора да се види. Филм во кој тајните се отплеткуваат во манирот на Hitchcock. Ова се исклучително филмски писмени дечки кои ветуваат. Би сакала да соработувам со секој од нив, зашто видов што направија со своите дебитантски филмови, а верувам ќе се развиваат во посериозни автори. Сега за сега, по долго боледување, се враќам на матичната сцена МНТ, а никогаш не сум имала проекции што би сакала да одиграм, како актер би требало да се соочам со сè.

Не би можела да кажам каде сум подобра, тоа и го оставам на публиката. Фокусирано гледам секогаш на грешките, не во она што е добро сработено. Веројатно на сцената стојам посигурно, сепак таму наполнив интензивни 18 години. Филмот и музиката ги есапам за најважната работа на светот, па така филмот ми недостасува до степен на кризирање. Посакувам побогата филмска продукција, иако треба да сум среќна што досега успеав и толку да одиграм.

 

REPLAY јакна

REPLAY јакна

 

Камка, кога ќе те видиме низ градов, ни доаѓа флеш од Скопје Ремикс. Дали тој филм би сакала да биде твојата реалност?

Тој омнибус е инспириран од скопската реалност. „Овој град е светло сив, овој град е полу мртов, овој град е скоро жив… курафти музика курафто панк”. Негова реалност стана и капитулацијата на ноќниот живот со измената на законот. Но, таков чопав на една нога, тој и понатаму опстојува. Скопје има квалитетна клубска сцена, Скопје знае да го донесе Tuxedomoon. Иако Желјко ќе продаде повеќе карти, колку сме – толку сме, овој град да го браниме. „Нашето единство е конструктивно незадоволство”.

 

Слушнавме дека Берлин ти е омилен град. Дали тоа значи дека Берлин е твојот суден град или постојат и други?

Берлин беше љубов на прв поглед, мека на европската култура. Паднаа и солзи, сфатив дека судбината си поиграла со мене. Скопје ми е суден град, но секое зошто има свое којзнае зошто е тоа добро. Да речеме скопските горештини не ги менувам за ништо, на берлинскиот студ ќе угинам како билка без сонце. Никогаш не сум ја видела, а по она што го слушам, Барселона нека се чувствува слободна да ми пресуди.

 

dsc_0148

REPLAY џемпер

 

Што претставуваат за тебе журките, музиката и денсот? Која ти е омилена песна за денсање?

Потсетник дека сум уште жива. Можеби ќе прижевеам без филм и театар, но без музика ниту еден ден. Музиката ја има таа моќ да го модулира расположението. Журките се колективно канализирање на лошиот вајб, нагон, ослободување од багажот кој ни ги витка кичмите. Репертоарот се менува, а во моментов сум заглавена на Downpipe Underworld.

 

Ако ти дојдеме на дружење на пуканки и филм, што би ни пуштила да гледаме?

Можно е да ви го пуштам Trouble every day“, еротско хорор остварување на Claire Denis. Игра една моја многу драга актерка Beatrice Dalle, а саундтракот е на генијалните Tindersticks. Но, од него може и да ви залетне некоја пуканка, па ќе сакам да се пофалам со севкупниот труд на Werner Herzog и Klaus Kinski„They were friends bound by fate and enemies driven by madness. Together they changed movies forever“.

А зошто не и Night Porter”, каде игра единствената Charlotte Rampling, да бев режисер таа ќе ми беше муза. Сакам и класици, па би ви го пуштила господарот на психолошкиот трилер Hitchcock и Rear Window”, да речеме. The Tenant” на Polanski е мастерпис…. На крај нема да можам да се решам и ќе направиме филмски маратон.

 

 

 

///

 

Стефан Вујисиќ

Ако не сте го гледале во Солун град на духови, Лерин, или во Мајсторот и маргарита, сега е приликата да го запознаете Стефан, младичот од театарската сцена кој решавајќи се во „5 до 12“ да се запише на ФДУ, со секој проект докажува дека направил правилен избор.

 

dsc_0367

 

Кога би морал да играш само во еден филм до крајот на животот кој би бил тоа?

Во Македонија тоа би бил филм за кој што претходно режисерот се осудил да погледне подалеку од мрзливата зона и евентуално да тркне до театар, или да направи отворен кастинг. Потоа заеднички да создадеме нешто што би му попркосило на стереотипот „Македонски филм” (под ова подразбирам и ванаби не-македонски филм). Но реално, кога би морал да изберам еден филм за до крајот на животот, би направил сè, за да биде во странство.

 

Актер или актерка што немале утка во својата кариера?

Никој не е совршен, затоа ќе го спомнам James Deen.

 

Се сликаше за последниот Fashion Week. Дали тоа значи дека следиш мода? Кое е парчето што нема никогаш да го фрлиш?

Самиот концепт за ова издание на Fashion Week ми се допадна во поглед на тоа дека идејата беше да се спојат две сценски форми и тоа резултираше со професионалност на ниво. Не ја пратам светската мода, ама морам да признаам дека имам скромно поранешно искуство како манекен. Парчиња ретко фрлам затоа што може да послужат за некоја интересна комбинација.

 

dsc_0402

REPLAY јакна

 

Кога би морал да јадеш само еден вид на храна до крај на животот што би јадел?

Мислам дека тоа би биле јајца.

 

Цела фамилија сте ликовни уметници, а ти си актер. Како се справуваш со таа одлука и дали се обидуваа да те предомислат кога избираше студии?

Горд сум што нагазив на таков ризик. Имав одбивност да застанам под чадорот – фамилија ликовни уметници. Ме влечеше некоја друга потреба. И во „пет до дванаесет”, аплицирав на ФДУ. Кога ме примија, забележав колеги што не им претставувало проблем да застанат под чадорот фамилија актери, но јас не ги оспорувам, туку го оспорувам незаслужениот третман што на некој од нив им следи. Алудирам на една појава што доминира во моментов, а тоа е непотизмот – директен или индиректен. Инаку моите не пробуваа да ме премислат, туку ме поддржаа. Иронично, откако се запишав на академија, многу повеќе се бавев со цртање отколку кога учев средно уметничко. И уште еден фин податок, сега моите поради мене си развија нов талент – фотографирање.

 

Велиш дека кога не би бил актер, би бил музичар. Знаеме и дека рапуваше во средно. Зошто баш рап? Кој ти омилен албум?

Па да, рапував цело средно, па прекинав за време на студирањето. Годинава, по долго време, снимив неколку нови песни, ги има на јутјуб. Инаку мислам дека сум првиот дијагностициран рапер што почнал професионално да се бави со глума во нашава државичка. Нешто има во рапот, во самиот начин на изразување, нешто неконвенционално, револуционерно, бунтовно. Јас овој правец го третирам како некоја прекршена-алтернативна поезија, структура која нуди многу и е склона на експериментирање. Омилен албум? Не би можел да издвојам само еден, ама еве на пример од неодамна нешто што ми остави впечаток, на Shahmen албумот – „All In The Circle”.

 

dsc_0424

 

Заљубен си во филмовите на David Lynch. Која улога би сакал да ја одиграш?

David Lynch според мене прави одлични кастинзи, така што секој актер што се појавил во некој негов филм бил совршен за сопствениот лик. Тоа значи дека јас можеби би бил совршен за некој неодигран лик, а највеќе ги преферирам карактерите што тумачат некое преносно значење. Mistery Man е нешто што ми останало длабоко во меморија уште како дете кога првпат го начекав Lost Highway на телевизија.

 

Велиш Навигаторот Цветко за тебе е Ненад Стојановски. Дали тоа е една од причините зошто си дел од таа екипа? Што претставува за тебе Ненад Стојановски?

За мене, како и за многу други, Ненад Стојановски претставува еден од најголемите актери што зачекориле на нашата сцена. Со својата веродостојност ги разбил дотогашните шаблони на игра. Вовел еден друг тип на глума, друг сензибилитет итн. Но тоа е една од причините, останатите причини се секако „Унко и седумте разбојници”.

 

Дел си од „Мајсторот и Маргарита” и спремаш нешто ново со Драмски театар. Што друго е во план?

Така, во Мајсторот и Маргарита го играм ликот на Исус (Јешуа), a во Драмски се спрема „Венецијанскиот трговец” на Шекспир, во режија на Наташа Поплавска и јас ќе го играм главниот женски лик Порција. Тоа e комплексна задача, но би можело да биде многу интересно. Премиерата на претставата „Лерин” што е втор дел од трилогијата која ја работиме заедно со Слободан Унковски во Навигаторот Цветко беше на 26ти минатиот месец повелете да ја погледнете.

 

 

 

///

 

Александар Пешевски

Не сакаме да избираме фаворити, ама некогаш е многу тешко да се одолее, зашто накитот (а особено ланчињата) кои ги изработува Александар се едни од најпрекрасните кои ги имаме видено, не само на македонската сцена, туку воопшто.

 

dsc_3355

 

Скоро имаше изложба во Концепт. Како помина изложбата? Што мислиш дека е главната состојка што те одвојува од другите изработувачи на накит?

Концепт37 е прекрасно место за изложби со позитивна атмосфера. Секогаш има убави луѓе кои ја надополнуваат изложбата со своето присуство. Луѓето ја прават изложбата, без нив е само простор за одредена намена. Благодарност до сите кои ја посетија оваа изложба.

Секој резултира низ одреден прозвод, на одреден начин и можеби токму тоа ме издвојува од се друго. Инаку идентитетот на изработувач на накит е еден, без издвојување од било кого. Едно сме.

 

Знаеме дека се занимаваш со музика (свириш), активно играш танго, изработуваш накит, предаваш и работиш како веб дизјнер и графички дизајнер. Која е твојата совршена професија и дали имаш 9 животи?

Сè постигнувам кога низ секое дејствување создавам. Се реализирам низ слободата за создавање, затоа токму тоа ме исполнува. Го сакам тоа што го работам. Освен секојдневите одговорности, слободното време останува за мене и јас одлучувам да постојам низ креативноста. Нормално дека има периоди кога временски и со внимание сум повеќе кон едно или друго посветен. Сега периодов низ тангото стагнирам, постојам низ изработка на накит, утре е музиката. И тоа е кругот. Тука се и пријателите, дружењето. Се е едно!

 

SCOTCH & SODA џемпер

SCOTCH & SODA џемпер

 

Најчести материјали кои ги користиш се смола и дрво. Во новата линија имаш и еден дел во кој користиш и филигран, со кого соработуваше? Како дојде до таа соработка? Што друго би сакал да користиш во иднина?

Материјалот сам си ја кажува приказната, мое е да ја препознаам и вклопам во поголемата приказна, да ги поврзам и да ја прераскажам понатаму. Тие што се препознаваат во тоа си носат со себе парче од накитот. Но тоа е друга приказна, или не?

Филигранот го изработува Елена Пешевска – Ека, на страна тоа што сме фамилија, ептен ја бива. Реакциите за таа комбинација се позитивни. Убава е соработката и еспериментирање со различни идеи до иста цел. Пред година дена немав ни идеја за ова што го изработувам. Немам ни за утре.

 

Прв пат почна да изработуваш накит кога имаше шеснаесет години, што те натера да се вратиш на старите навики?

Тоа е желбата за создавање скулптура. Ако го тргнеме механизмот за закачување, тоа што е само по себе е скулптура во помала форма. Накитот се создаде како единствена форма некој да го има сето тоа со себе, за тоа е поддршката од механизмот за закачување.

 

dsc_3333

 

За каков тип девојка е наменет твојот накит и дали би изработувал накит за мажи?

Тип на девојка на која и се допаѓа мојот накит. Нема одреден тип, ако правам подвоеност по типови да одговорам на прашањево, тогаш одговорот е за секаков тип. Кога почнав со изработка не бев фокусиран дали е за мажи или жени. Интересот на жените за накит е поголем, па затоа можеби тргна во таа насока. Имам и серија за мажи и единствената разлика е што наместо синџирче користам кожа. И го купуваат и жени…. И ова прашање завршува со тоа дека сме едно.

 

 

 

///

 

Бранкица Јордановска

Бранкица е буквално насекаде. Таа работи во МОБ, волонтира кај реквизитерот од ТДМ, дел е од КУЛА, таа е организаторот кој четири пати по ред стои позади настанот „Под земја полесно се дише” и костимографот на операта за деца „Црвенкапа”.

 

dsc_0291

 

Како дојде до идејата да се организира настан од типот на „Под земја полесно се дише”? Што би требало да знаеме за овој настан?

Идејата за овој настн дојде пред 4 години, една досадна зимска вечер… Со еден другар немавме што да правиме, затоа што во Скопје беше ладно и прст пред око не се гледаше од нечистиот воздух, па почнавме да нагаѓаме што би можеле да направиме. Решивме на направиме мултимедиален настан кој нема да се одржува во ниедна институција, а сепак би избегале на „почист воздух”. Сите од Кула ја прифатија оваа идеја, па така после еден месец се одржа првиот настан „Под земја полесно се дише”.

Како што кажав „Под земја полесно се дише” е мултимедијален настан каде што изложуваат група уметници (кулаши и нивни гости), потоа има концерт, театарска претстава и мало штандче со храна. Се одржува секоја година, последниот викенд од декември.

Овој настан го организираме без никаков буџет, лоциран е секогаш на исто место т.е. во подземните гаражи под плочник (позади Соборна), го избегнуваме жолтиот печат, па затоа е рекламиран само преку социјалните мрежи, на радио со аудио реклама и преку плакат.

Оваа година ќе има и промо настан, но за повеќе детали ќе дознаете наскоро преку фан пејџот на Кула.

 

dsc_0274

LEVI’S кошула

 

Што се случува со Кула, дали ќе се организираат изложби и настани како порано?

После две години организирање настани како изложби, свирки, работилници, настани со храна, кино проекции… Кула како културен центар е на пауза.

Се разбира дека би продолжиле во иднина, но повеќе би се фокусирале на Кула како колектив, а не како културен центар.

 

Ако имаш неограничен буџет за трошење, од кој уметник би одбрала слики за дома? Која изложба мислиш дека мора да се донесе во Скопје?

Па сигурно ќе преовладуваат слики од Henri de Toulouse – Lautrec и Egon Schiele, а остатокот би го трошела на слики од млади етаблирани и неетаблирани уметници.

А ако ме прашате мене за изложба, пак би ги спомнала овие двајца горенаведени фраери, но и би одвоила од неограничениов буџет за да тркнеме сите до Documenta.

 

dsc_0210

LEVI’S кошула

 

Те замислувам како сликаш во комбилизонки или кошула. Што најчесто сакаш да носиш?

Кога работам (цртам, сликам, печатам, шијам…), го носам истото она што го носам и преку цел ден, затоа што најчесто не се прљам.

Поголемиот дел од облеката што ја носам сама си ја шијам. Често ми се случува два саати пред излагање да не знам што да облечам, па да си сошијам нешто ново.

Во МОБ научив да правам и шапки, сега ми преостанува да научам да правам патики (обожавам обувки, најмногу патики) и можеби во иднина ќе одам на шопинг само за да си набавам материјали за шиење.

 

Comments

comments