Фотографии: Елена Фиданска

 

Да беа епизодите на Reborn ликови места во авион, ова најверојатно ќе беше најпопуларното. Седум е твојот среќен број, нели? И нашиот.

Не планираме да сопреме. Листата на локалци кои очајно сакаме да ти шепнеме како и зошто вреди да ги знаеш продолжува да расте, а ние гордо признаваме дека набилдавме моментум и нема да прекинеме додека овој концепт не прерасне од мини-серијал во сериозна закана за Simsons и нивните досега објавени 610 епизоди.

Во оваа, седма по ред епизода, разговаравме со четири прекрасни уметници. Продолжи да го вртиш тркалото на маусот и дознај што Сали Ертунч, Сања Симоска, Ангела Наневска и Доротеј Нешовски имаат да му кажат на светот.

 

 

Сали Ертунч

Уметник, дел од колективот на поранешна Кула, омилени странски уметници му се Keith Haring, Andy Warhol, страшно ги почитува Петар Мазев и Борко Лазевски. Ако некогаш улиците се музеи, Сали би сакал строго на улица да ги изложува своите дела.

 

 

Зад себе имаш неколку самостојни изложби, а една од нив беше онаа во тоалетот на Ла Кања. Кажи ни нешто повеќе за таа изложба, зошто се случи и како дојде до концептот?

Хаха, добро прашање. Пред да ми текне идејата за чудната изложба во тоалетот на Ла Кања, јас веќе си имав нацртано серија цртежи, која се вика „Tiny Soldiers“ и веќе ги имав пуштено онлајн, преку социјалните мрежи, за продажба на малите цртежчиња, направени на зелена хартија (која што ја најдов кај мене на работа, со преубава темна зелена боја).

Но една вечер, баш додека седев во Ла Кања, си зборев со Змејко за организирање изложба во просторот дека би била фина идеја (зашто да не у бар, не мора само во галерии и институции) и така се договоривме за ВЦ-то на Ла Кања. Па мораше тоа место, дека едино место што има доста добро светло. Потоа женските ја нарекоа изложбата шовинистичка, додека машките уживале во изложбата додека… да не влезам во многу детаљи.

 

Моментално подготвуваш нова изложба. Кога отприлика е во план да се одржи? Што да очекуваме?

Првиот план беше на почетокот на 2017 година, но после се предомислив и ја одложив за рано на пролет. Бидејќи сите самостојни изложби ми беа на пролет. Искрено, целата изложба, со идеа и со реализирани дела, е спремна, но, ах тој теоретскиот дел ах, тој дел малце ме мачи. Не сум добар со зборови, признавам. Па да бев со зборовите добар, тогаш немаше да бидам ликовен уметник, нели. 🙂

Наскоро ќе добиете повеќе информации, но наскоро.

 

REPLAY јакна // SCOTCH & SODA капа

 

Беше дел од колективот на Кула. Ние знаеме нешто, но не многу за Кула. Што претставува (за тебе) Кула? Што се случува моментално со културниот центар?

„Кула“ како културен центар беше активен две и пол години и си ја заврши својата мисија. Не би сакал да зборувам за тоа што поточно претставуваше Кула за мене. Кула како простор беше само простор, ама луѓето беа тие кои што ја правеа Кула – Кула. Луѓето кои што учествуваа во организација, кои што правеа заеднички настани, кои што само затоа што им се јадело фалафел готвеа на големо и правеа настан со јадење, и кои што си делеа секојдневие заедно, тоа беше Кула. А сега Кула не постои. Можеби екипата сè уште сме заедно, но не толку активна како претходно што бевме. Моментално тој простор е веќе графичко атеље и истоиот го држат само дел од истата група на луѓе, меѓу кои сум и јас.

 

Од кој уметник отсекогаш си сакал да поседуваш слика? Кои ти се омилени домашни артисти?

Oд странски уметници, би се одлучил за оние од почетокот на XX век до крајот на истиот, омилени ми се. Ако треба да издвојам посебно неколку имиња, тие би биле: Francisco de Goya, Keith Haring, J.M. Basquiat, Paul Klee, Jean Dubuffet, Andy Warhol, Joze Ciuha, Clark Petersen, Shepard Fairey (Obey) и Space Invader. Листата нема крај.

А додека домашната сцена пак, иако ни почнува многу доцна целата модернистичка историја, би ги издвоил Петар Мазев, Борко Лазевски и Групата Зеро. Сите овие уметници ми се инспирација за сегашната ликовност.

 

REPLAY јакна // SCOTCH & SODA капа

 

Доколку твое дело може да биде изложено во музеј било каде во светот, кој музеј би сакал тоа да биде? Зошто?

Ако улиците се музеи, би сакал само на улица да ги изложувам. Современата уметност се издвои од својата природа. Наместо да одговара на луѓе, таа почна да се затвора во музеи и галерии. Наместо таа да иде по луѓе, истата ги чека во четири ѕидови. Луѓето немаат време повеќе за галерии или за таков луксуз.

Доколку имаш порака, ако твојата ликовност се базира на пораки, тогаш сликите треба да бидат закачени во улици. На пример, делата на светскиот познат уметник, Франциско де Гоја, неговите графики, кои се најчесто негови најискрени мисли за аристократијата и за религијата, се продавале на пазари, а додека тој ја сликал аристократијата во неговото атеље, им земал повеќе пари ако барале рацете да им бидат нацртани исто. Така да ни Лувр, ни МоМа, ни Тате Модерн… најдобри се улиците. Кај и да е моите слики ќе завршат на ѕидовите надвор. Доста ги чував во атеље.

 

 

 

///

 

Сања Симоска

На своја 14-15 годишна возраст, Сања прв пат почнува да се занимава со сликарство. Нејзин омилен проект досега е изложбата „Сум пишман како кучка што дојдов во Скопје“. Сања е една позитивна и насмеана девојка, на која пријателството и другарството и се основен лајт мотив во животот.

 

 

Досега имаш учествувано во повеќе групни изложби. Дали можеш да издвоиш неколку омилени? (зошто?) Дали и кога да очекуваме твоја самостојна изложба?

„Сум пишман како кучка што дојдов во Скопје“ е насловот на една од групните изложби која беше одржана во Галерија 7 на 13.09.2013. Тоа беше еден вид на колонија која се одржуваше во Лазарополе, во склоп на проектот креативен викенд, кој јас и моите драги другари, другарки и колеги го заокруживме со една групната изложба, едно прекрасно заедничко искуство.

Пешачејќи низ пиродата, наидовме на една стара разрушена куќа, се упативме кон неа и почнавме да ја разгледуваме и да размислуваме. Дојдовме до идејата за тоа како да ги искористиме веќе распаднатите материјали, да ги рециклираме и преточиме во дела, но исто така се служевме и со природни материјали кои ги најдовме во околината, но без да оштетиме нешто, туку од веќе готовите, што ги нудеше самата природа и тогаш руинирната куќа.

Користевме поголем дел од материјалите коишто ни беа на дофат, пример вратички од мебел, едноставно разновидни материјали што произлегуваат од еден дом. Самиот наслов на изложбата произлезе од тамошната приказна, здогледавме една разгледница на која од позади имаше напишано текст, можеби од некогашен жител на домот, посветен на неговата драга. Од целиот текст го издвоивме насловот „Сум пишман како кучка што дојдов во Скопје“, а искрено после тие денови таму поминати, и ние бевме пишмани што во тој прекрасен почеток на летото се вративме во Скопје.

Моментално сум фокусирана на нешто друго, но секако дека размислувам во иднина да припремам самостојна изложба.

 

LEVI’S јакна и шал

 

Од кога се занимаваш со сликање? Кога прв пат препозна дека тоа е она што сакаш да го правиш и да ти ги исполнува деновите?

Почетоците се можеби да од „малечки нозе”, кога почнав да цртам и шарам, но ако одвојам кога вистински се препознав, тоа би било некаде на мои 14-15 години, еве да речам од средношколските денови каде што одлучив и се упатив во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“. Потоа продолжив да се надградувам на Ликовната академија во Скопје, каде што ги завршив студиите. Тоа е тоа што сакам да го правам и го правам пред сè лично за себе.

 

Што е тоа што те поврзува со културниот центар Кула?

Пред сè тоа што најмногу ме поврзува е пријателството, другарувањето. Со културниот центар ме поврзуваат секојдневното живеење и случувања, идеите преточени во изложби, концертите и секаков вид на дружби во прекрасни и лоши денови, заедно поминатите ноќи и утра.

 

LEVI’S јакна и шал

 

Дали се сложуваш дека облеката и личниот стил се начин на изразување на вкусот и осетот за естетика на една личност?

Да, секоја личност го изразува својот стил и осет за естетика со начинот на кој се однесува, но и со стилот на облекување, кој ја отсликува една индивидуа. Но секако, не верувам дека човекот го прави човек начинот на кој се облекува и облеките кои ги бира.

 

 

 

///

 

Ангела Наневска

Уште од мали нозе, Ангела сонувала да биде дел од „бандата на уметници”. Една од малкуте вајарки кај нас, која го обожава допирот на глината, а најдраг вајар и е другарот Матеа Мијановиќ. Омилена скопска локација и е Природно-научниот музеј во Скопје.

 

 

Моментално студираш на Факултетот за ликовни уметности, насока вајарство. Како се одлучи за вајарство и кога? Колку е актуелна оваа насока на факултетот?

Уште пред да завршам основно училиште, сакав да бидам дел од „бандата на Уметничко“. Како што му доликува на едно супер тврдоглаво дете, се решив за вајарство поради тоа што сметав, а и сè уште сметам дека е најтежок смер. Меѓутоа, тогаш не бев свесна за магијата позади вајарството и не знаев дека преку вајарството ќе го измоделирам мојот карактер повеќе од било која скулптура. За да ви го доловам вајарството, нема да бидат доволни ниту зборовите на Пушкин, ниту на Андреевски.

Запишувањето на Факултетот за ликовни уметности некако ми дојде природно, иако размислував за впуштање во други уметнички води сетав дека прво треба вајарството да го доведам на едно повисоко ниво. А за популарноста нема да зборувам, ха,ха,ха, ќе кажам само дека станува збор за една специфична професија, која според мене е потценета, па затоа квотите не ми се репер за успех.

 

Со кои материјали најмногу сакаш да работиш? Какви типови на скулптури најчесто работиш? Колку дела имаш досега отприлика сработено?

Глина, многу глина, и пак глина. Покрај тоа што глината ми е омилена на допир, таа ти простува повеќе грешки од мајката. Можеш да и правиш што сакаш, да ја манипулираш во која сакаш форма, да ја малтретираш до задутре и назад. Глината чува многу тајни, таа во себе ги носи отисоците на изминатите генерации вајари, таа денес е акт, утре е коцка.

Бидејќи, уште студирам, гледам да не се концентрирам на само еден одреден вид скулптура, ова го доживувам како период за експериментирање и пробување на различни матерјали, техники и идејни решенија кои се надевам дека ќе ми помогнат во оформување на личниот стил. Досега имам изработено веројатно околу 25-30 дела, иако ете можеби пропуштив некое во броењето.

 

REPLAY блузон и ташна

 

Ние, искрено и за жал, не сме многу во тек со вајарството, дали може да ни кажеш нешто за македонската скулптура и вајари? Препорачај ни неколку кои треба да ги знаеме.

Еве, ќе цитирам еден од моите омилени македонски уметници: „Ние немавме свој импресионизам, во модерната влеговме непосредно излегувајќи од службата на црквата“ – Никола Мартиновски.

Најпрвин би почнала со оние кои ги сметам за великани на современата македонска скулптура: ­Борка Аврамова, Петар Хаџи Бошков и Јордан Грабуловски. Потоа би ја надополнила листата со генерација на вајари кои биле нивни студенти, а сега мои сакани професори, како мојот ментор Исмет Рамиќевиќ, мојот омилен професор Беди Ибрахим, и last but not least, мојот презимењак Гоце Наневски. Но лично мене најдраг вајар ми е другар ми Матеа Мијановиќ, кој заслужува да го фалам до утре, но тоа во некоја друга прилика­.

 

Омилена локација во Скопје ти е Природно-научниот музеј. Зошто? Кои други скопски локации би ги издвоила како омилени (и зошто)?

Природно-научниот музеј го посетувам најмалку еднаш месечно. Делува како да не е допрен од сите глупости надвор. Има југословенски шмек, како времето да застанало и освен некои налепници за имиња на долниот спрат кои што беа сменети, сè друго е останато исто. Освен што е шармантен, музејот скоро секогаш е празен, а во лето е ладен што мене ужасно ми прија. Па ако не сте биле одамна, патиките на нозе и фаќајте го патот.

Инаку во Скопје многу ќошиња ми се мили, Идадија каде што цел живот јадам 10-ки со кромид, клупите во маало, кај Дени дома, Матка и бараките вајарство.

 

REPLAY блузон и ташна

 

Која земја моментално има најразвиена култура за вајарство? Мислиш ли дека кај нас пак е доволно развиена и дали имаш некој предлог за како може да се подобри?

Па на ова не можам да ви дадам конкретен одговор, ова не е баш како економијата, за ние да можеме така лесно да ја следиме. Меѓутоа тоа може и да сме ние, Македонија, јас искрено не верувам дека во некој друг град во светот за толку брзо време и на толку мала површина биле поставени толку споменици. Инаку на уметноста во Македонија беше ставен сосема погрешен акцент со Скопје 2014, запазен е само техничкиот дел кој што морам да кажам дека не е добар, а уметноста беше буквално силувана и искористена како алатка за перење пари. Би сакала да нагласам нешто за крај, јас се заложувам за квалитет пред квантитет.

 

 

 

///

 

Доротеј Нешовски

Независен уметник, вработен во Детскиот креативен центар во МКЦ. Специфичниот стил на облекување Доротеј го моделира преку визуелните појави кои се дел од неговото секојдневие. Своите проекти ги опишува како невидливи, кои се случуваат во самите луѓе кои ги доживува како галерии и изложбени простори.

 

 

По вокација си уметник, а моментално работиш како професор во детскиот креативен центар во МКЦ. Како децата гледаат на уметноста различно од возрасните? Која е првата лекција која ги учиш? Сигурно имаш некоја интересна анегдота да ни раскажеш.

Да, јас сум независен уметник кој делува вон институционално и кој ја почитува вон иституционалната критика. Моите проекти ги именувам како невидливи и се случуваат во луѓе кои сметам дека се галерија за мене, во тој простор ги пренесувам моите концепти, интереси и перцепции за уметноста денес. Моментално работам како хонорарец во Детскиот креативен центар во МКЦ, односно со деца од 5 до 10 годишна возраст. Предавам така наречени часови по ликовно, но јас сакам да ги нарекувам поинаку, како часови по визуелна комуникација.

Часовите се одржуваат секоја сабота од 12 до 13.30 часот. Првиот час ги запознавам со уметноста, презентирајќи им уметници, уметнички проекти, видео проекции, посети на изложби, одење во музеи и за тоа колку е важно да се конзумираа уметноста денес.

 

DIESEL џемпер

 

Имаш доста впечатлив и интересен стил на облекување. Дали постојат ликови кои влијаеле и кои се заслужни за изгледот на твојот стил денес?

Не, не би рекол дека постојат ликови кои ме инспирирале и кои влијаеле на мојот стил на облекување. Отсекогаш повеќе ме инспирирале и ми влијаеле визуелни појави.

 

Во план имаш соработка со Private Print и изложба. Може ли да ни откриеш малку повеќе околу тоа?

Со нетрпение ја очекувам изложбата во Private Print, нивното постоење е многу важно и симпатично бидејќи они се самофинансиран издавач за уметнички книги. Во план е во јуни да се одржи изложба и art book, со насов „Уметноста не е тоа што сакате”.

 

DIESEL џемпер

 

Дали мислиш дека љубовта кон уметноста се раѓа и препознава уште од мали нозе? Како се случи тоа кај тебе? Дали ти текнува како и кога препозна дека сакаш да бидеш уметник?

Да живееш во уметноста, во било која нејзина форма, е многу магично. Идејата е да се конзумира визуелна уметност од најмали години. Инаку кај мене перцепцијата на уметноста започна кога бев дете и посетував часови по цртање, па потоа се запишав во средно уметничко училиште, на училиште за применета уметност, а на самиот крај на факултетот за ликовни уметности. (Уметникот работи 24/7).

 

Comments

comments