Фотографии: Елена Фиданска

 

На оваа епизода и пристапивме стратегиски, тематски.

Едно нешто заедничко на сите од листата подолу, покрај нивниот омилен сајт, е тоа што сите професионално се занимаваат со фотографија. Но делот „професионално“ е тотално небитен, битно е тоа што сите овие ликови прават феноменални фотографии кои ги обожаваме. Не нè прашувај да избереме омилен, нема да можеме.

Подолу се кратките стории на Стефан Рајхл, Ани & Дими, Филип Пајдаков – Фец и на Ирена Мила. Секој од нив со нас сподели по некоја интересна забавна информација, корисен совет за фотографите почетници и по уште некој бонус, сочен детал.

 

 

Ани и Дими

Ани и Дими, најверојатно не познаваме некој кој не ги знае. Станува збор за тим на фотографи, кои уживаат во она што го работат и кои сè уште ги води истиот ентузијазам од почетокот.

 

 

Како ви се споија патиштата т.е. како се случи оформувањето на Ани и Дими? Колку време работите заедно? Што работевте пред ова?

Ни се допаднаа сличностите во нашите стиловите и тоа не привлече да почнеме да си комуницираме. Кога почнавме да сликаме заедно, забележавме дека имаме проблем да пазиме која фотка кој ја сликал, па решивме да ги објавуваме под едно име. Пред тоа двајцата фотографиравме аматерски, но со голема желба да напредуваме кон професионалци. Инаку 10 години работиме заедно.

 

Кој во што од вашиот тим е подобар? Дали некако ви се поделени одговорностите во работата според талентите и интересите?

Ани: Јас сум таа што ги средува фотките по сесијата, а Дими е повеќе одговорен за сцената и светлото во текот на фотографирањето. Мислам дека Дими е подобар за оние потехнички фотографии, додека мене повеќе ми лежат поуметничките проекти, иако ни во тоа немаме некоја целосно дефинирана поделеност.

 

SUPERDRY ранец // GUESS очила


Дали имате планови за (блиска) иднина кои би сакале да ги споделите?

Годинава правиме 10 години како фоткаме заедно, па би сакале да направиме некоја интересна изложба за да си го одбележиме јубилејот. Бидејќи немаме конкретна идеја за изложбата ќе повикам на генеричкиот одговор – работиме на интересен проект, но сè уште е рано на нашите фанови и пошироката јавност да им откриеме детали.

 

Имате работено на доста проекти поврзани со мода, портрети, урбана фотографија, свадби и други настани. Кои проекти и стил на фотографија ви е омилен?

Генерално сме луѓе што опсесивно ја сакаат фотографијата, уживаме да ја создаваме, но и да ја консумираме. Би фотографирале речиси сè. Но ако треба да одбереме една област во која уживаме, тоа е фотографирањето луѓе и портрети.

Во однос на проектите што сакаме да ги фотографираме, омилени ни се оние во кои имаме прецизна насока од клиентот, но и доволно слобода да работиме онака како што ние сметаме дека е најдобро. На малку посериозна нота и на подолг рок, планот или желбата е да сликаме малку повеќе лични проекти бидејќи се добар начин да си ја пуштиш креативноста да ужива во слободата. За стилот сметам дека тоа е жива материја која еволуира како што фотографот созрева како личност. Конкретно, во последно време ни е предизвик да фотографираме портрети кои се многу природни.

 

LEVI’S кошула // SUPERDRY ранец // GUESS очила

 

Работите за неколку светски познати агенции. Која е разликата помеѓу тој тип на фотографија и проектите за наши домашни фирми, агенции и клиенти?

Ани: Разликата е во тоа што имаш многу поголема слобода да го фотографираш она што го сакаш, на начинот на кој сакаш. Супер е кога немаш некој кој ти виси над глава, кога немаш ценкање за проектите или разни балкански, не културни манири што лошо влијаат на креативноста. Не дека сите домашни клиенти се такви, но кај странските агенции тој дел го нема.

 

Како вашето детство влијаеше на вашите верувања и креативност? Кога прв пат помисливте дека фотографија е она со што сакате да ги исполните вашите денови?

Дими: Сакам да верувам дека бунтовната панк и метал музика и генерално underground естетиката со која растев помогнале во формирање на нашиот стил, но мислам дека тоа е позабележително во фотките што не ги сликаме за клиенти (Ани и Дими).

Мислам дека прилично рано, уште кога решивме да работиме под едно име, сакавме фотографијата да ни биде секојдневие. И тоа се случи.

 

 

 

///

 

Филип Пајдаков 

Филип Пајдаков – Фец е 27 годишен интроверт кој обожава чоколадно млеко, црно-бели филмови, музика од крајот на 60-тите и кој троши доста време читајки теории на заговор, езотерија и било што поврзано со вештачка интелегенција.

 

 

Каде си израснат и како тоа влијаеше на твојата креативност и моментална фотографска опсесија?

Роден сум во Скопје, пораснат во Аеродром. Дали тоа имало влијание врз моите фотографии не знам, но дефинитивно влијаело врз мојот живот.

Сум тоа што сум поради овој град и луѓето во него. Сè почесто во последно време се наоѓам во ситуација да размислувам за живот надвор од тука, што поради условите, што поради некои лични причини, но едноставно не се гледам себеси на ниедно друго место. Има работи во Скопје кои никогаш не би можел да ги оставам.

Кога бев многу мал, некаде околу 2001-2002 година, во Скопје се случи еден настан кои се викаше „урбани херои“. Јас тогаш имав околу 11-12 години, се работеше за камион со платформа позади на која имаше DJ-и, жонглери, рапери, бендови, графитџии и се друго што за 11 годишно дете е олицетворение на КУЛ. Камионот возеше низ град и како поминуваше низ маалата се собираа млади пратејки го. Тоа беше малку поразлично Скојпе од ова сега, но после повеќе од 15 години половина и повеќе од луѓето кој ги видов таму денеска ми се најблиски другари. Тоа го сметам за еден од најголемите успеси во мојот живот, пораснав помеѓу луѓето што ги сметав за идоли, и токму таа атмосфера е причина да се занимавам со сите работи со кои се занимавам денес од кој се поголем дел станува фотографирањето. Тоа е Скопјето кое го носам во себе.

 

Како започна твојата приказна со фотографија? Која е позадината? Со што се занимаваше пред тоа?     

Цел живот сум бил визуелиста. Од кога паметам за себе сум цртал, и сè до денес тоа е една од основните работи со кои се занимавам. Студирав индустриски дизајн и баш таму, на машинскиот факултет во Скопје го запознав Кики. Кики е човекот кој е генерално одговорен за моето впуштање во фотографија.

Веројатно отсекогаш сум имал некоја потисната желба да фотографирам, но како и повеќето луѓе – кога ќе фатев обичен апарат во рака, особено дигитален, кои само што се појавија кога бев тинејџер, тоа што ќе си замислев и тоа што ќе излезеше на дисплеј немаше врска едно со друго.

Многу брзо после тоа си купив свој DSLR апарат, неполна година после тоа и првиот аналоген. Така од прилика почна се, на моја среќа многу од принципите кои ги знаев од дизајн и цртање лесно се преведуваат во фотографија, па можам да се пофалам дека со многу експериментирање скоро се понатаму научив сам.

 

REPLAY кошула

 

Знаеме дека си огромен фан на патики. Дали си размислувал за фото едиторијали со патики т.е. модни фото едиторијали? Дали фотографираш само добро облечени модели?

Убави модели повеќе од убаво облечени модели. 🙂

Од скоро сум фан на патики. Бар на овие сега „модерните“. Тоа се случи кога прв пат облеков Nike Air Pegasus. Секогаш сум носел скејт патики и тоа ми беше WOW момент… се осетив како да газам на облачиња, потоа пробав Air Max One, па ASICS и денеска немам доволно место за сите патики во шкаф.

Но што се однесува до фотографија, воопшто не ме интересираат патики. До некаде и едиторијали. Професионално сум сликал и едно и друго, но мојата персонална работа гравитира околу портрети. Скоро 80% од работата што ја имам во портфолио се портрети.

Ме интересираат луѓе, очи и експресија и сметам дека тоа најдобро знам да го правам. Нормално не се ограничувам и сакам да фотографирам се што ме интересира, но има некојa длабочина во човечките очи што ми „зборува“ повеќе од било кој друг субјект.

 

Кои беа твоите идеи и планови за тоа што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш, пред фотографијата да влезе во твојот живот?

Aстронаут! Се шалам. 🙂 Не ми беше баш јасно што сакам да бидам. Некако сè уште е тоа така. Ме интересираат многу работи, и секојдневно откривам нови интереси. Немам проблем со промена, дури некогаш ја форсирам. Опсесивец сум со многу краток опсег на внимание, така да секој пар месеци имам некоја нова опсесија. Сакам да креирам, тоа е некој НЗС помеѓу сите работи со кои се бавам и сакам да експериментирам. Двете работи кои најмногу сакам да ги правам, музика и фотографија, ми дојдоа сосем ненадејно и една по друга. Секогаш сум бил фанатичен спрема музиката која ја слушам и фотографиите кој ги собирам, но никогаш не сум мислел дека ќе се занимавам со тие работи. Баш поради тоа некако ми се најдраги.

 

REPLAY кошула

 

Покрај со фотографија се занимаваш и со музика и си дел од бендот The John. Како и дали музиката влијае на твојата фотографска креативност?

Музиката ми има помогнато во областа на фотографирањето, но не дирктно поврзано со бендот во кој свирам. Од се што правам, во свирење, бар според мене сум најслаб, па во бендот се фокусирам 110% на музиката. Многу работи научив во МКЦ сликајки бендови, и од cover art-ови на албумите кои ги сакам.

Но концертите дефинитивно имаат најголемо влијание. Моментите за време на еден концерт се доста тешки за фотографирање и се одличен тренинг од техничкиот аспект.

Инаку се трудам да имам јасна линија помеѓу работите со кои се занимавам, да не се прелева едно во друго, поради тоа што јас ги доживувам како сосема различни светови, и пристапот при работа ми е доста различен. Обично кога се шетам низ град со апарат обавезно имам и слушалки, музика ми прави да се осетам повеќе изолиран, како набљудувач низ град.

 

Што совет би му дал на еден фотграф-почетник?

(1) Да не слуша никој! и (2) Тоа што можеш сам, направи го сам и по потешкиот пат.

Веројатно не се најдобрите совети, и дефинитивно не се совети за некој кој сака да се занимава со комерцијална фотографија.

Но според мене е единствен начин да извадиш нешто искрено и автентично од себе. Најчесто не сме способни да ги разбереме нашите внатрешни гласови, и лесно е да подпаднеш под влијание на луѓе кои се поискусни од тебе, но не и подобри во тоа што го прават. Правилниот баланс на тврдоглавост и амбиција се клучни! За среќа или несреќа голем дел од тоа што го знам за фотографија па и за животот општо сум научил на своја кожа и сметам дека тоа е најдобриот начин лекцијата да ја запамтиш.

 

REPLAY кошула

 

Како би го дефинирал твојот стил на фотографирање?

Не мислам дека имам некој препознатлив стил, бар не во некои пошироки рамки. Знам точно што правам, но не знам секогаш зошто тоа го правам. Имам уште многу работа за да дојдам до некој препознатлив стил. Сепак со фотографија се бавам максимум 8-9 години, на почеток како хоби денес како професија, и од ден во ден гледам колку работи не знам.

Да бидеш професионален фотограф е многу повеќе работа од колку што сум мислел, и сепак на крајот луѓето се тие кои ќе кажат колку и дали воопшто си препознатлив.

Генерално сакам да мислам дека сум препознатлив по црно бели фотографии полни со grain кои влечат доста влијанија од film noir. Но тоа беше кога сè уште не контав боја… сега се повеќе сликам во боја, навистина сакам кога ќе научам нешто што не сум знаел, па се надевам никогаш нема да застанам на еден стил.

 

 

 

///

 

Ирена Мила 

На Ирена животот и е Мила, љубовта, фотографијата, активизмот, ХОПС, проектот „Будење“, сите нови другарки и другари од кампањата „Будење“ и блесавење константно со С.Л.И и Е и кучето.

 

 

Колку време веќе активно се занимаваш со фотографија? Дали ти текнува на моментот (можеби има и некоја интересна приказна) кога сфати дека сакаш да се занимаваш со фотографија?

Зaшто нели јас сум нереализиран биолог, на времето кога сè уште имаше надеж, сакав да ги доловувам ситните инсекти, прашници, бубачиња, печурчиња и почнав да си штракам со еден идиот Sony, немам појма повеќе од овој опис, ама имаше макро опција. И оп, почнав да си играм и сфатив дека е супер лек за лечење од депресија. Инаку од 2008 година почнав со игрите, a посериозно од 2010 година.

 

Работеше на еден прекрасен проект наречен „Будење“ во кој заедно со Елена Фиданска и Теано Кардула фотографиравте лица со Даунов синдром. Кажи ни нешто повеќе околу проектот, сега откако заврши. Дали планирате да го продолжите?

Проектот беше посветен не само на лицата со Даунов синдром, туку и на лицата со аутизам, ХАЕ, мускулна дистрофија и други ретки состојби.

За мене ова беше вистинско будење, каде сфатив дека ние самите сме најголема пречка на нашите другари и другарки на кои борбата им е голема во ова општество.

Јас со овој проект сфатив колку има чиста љубов околу нас, ама не даваме шанса за да ја почувствуваме, сфатив колку некои родители се борци кои подаруваат поддршка и трпение на сите нас. Сфатив дека само заедно можеме да ги срушиме бариерите на она што е поставено како „нормално“ за некој да биде прифатен. Јас знам штом еднаш отворив очи и се рабзудив нема да застанам да ги будам другите.

Сега кога имам толку моќни другари и другарки полесно ми е да ги прифатам типично развиени суштества по улиците и спремна сум за нивна инклузија (намиг за ова).

Многу ми е полесно и поубаво со овие нови другари/ки знам дека заедно ќе го обоиме универзумот и ќе сјаеме со нашето заедничко присуство и знам дека многу од нив се блиску до остварување на сонот. И да, најмалку што на нив им треба сожалување, им треба прифаќање и шанса да си ги покажат нивните способности. Јас им ја давам.

 

SCOTCH & SODA јакна

 

Кои се првите три совети кои би му ги дала на еден фотограф-почетник?

(1) Секогаш провери дали ти е полна батеријата и дали имаш картица со себе, (2) Прави грешки; (3) Испробувај и не се држи до правила.

 

Кои се твоите омилени домашни и странски фотографи?

Кај Лилика ја обожавам храброста и енергијата, кај Александар Наумчевски линијата, Натали Башовски приказната, многу добро знае што прави, Игор Спироски со елеганцијата, Горан В. Поповски дрскоста, Далибор Толевски перфекцијата која ја достигна во портретите. Странци – па прва фотографка на која се потресов е Francesca Woodman и нејзините селфпортрети.

 

Со што друго се занимаваш на страна од фотографијата? Што ги исполнува твоите денови? Кои се твои најголеми пасии моментално?     

Работното време го минувам во ХОПС, невладина која работи со не толку лесна тема – корисници на дрога и сексуални работници. Невладина која направи пресврт во мојата лична перцепција и сфатив колку некои луѓе се борат за човековите права на луѓето на маргините, и можам да кажам дека секој ден учам од нив. По ХОПС секогаш нешто планирам, организирам претежно на хуманитарна основа и за подигање на свеста.

Возам точак, го шетам кучето, се блесавиме со ќерка ми ете и велам да одмара од многу учење, пред некој ден ми рече „Сите ги тераат по дома да учат, само ти ми викаш одмори“, а со нејзе претежно разговараме за нејзините „симпатични“ проблеми.

Патувам секогаш кога можам и морам да кажам дека доста од времето го поминувам со моите неколку другарки, ги имам бар оние што секогаш сум посакувала да ги имам и се хранам со нив, особено ми е симпатично што сме толку различни и се имаме прифатено без ни малку предрасуди.

 

SCOTCH & SODA јакна

 

Позната си како „Ирена Мила“. Ние мислиме дека тоа е неверојатно симпатично, затоа што Мила доаѓа од името на твојата ќерка. Кажи ни го конечно твоето презиме, многу не интересира.

Хихи многумина ми рекоа треба да си го сменам презимето во Мила. Инаку на лична карта ми е Јовановска.

 

Дали мислиш дека добриот стил на облакање е одлика на секој добар креативец? Дали можеби веруваш дека облеката е начин на изразување на нечиј карактер? Зошто?

Па во глобала сметам дека стилот е социо–психолошки момент. Искрено во мојот живот, ако ништо друго, имав прилика да сретнам и да се запознаам со многу луѓе, и за некои можам да кажам дека се измачуваат со гардеробата и деталите за да бидат прифатени и забележани, и се губат во тоа прифаќање и тренд од околината.

Додека некои знаат да бидат толку едноставни, прекрасни и да зрачат со нешто минимално. Мене ми се особено симпатични оние кои успеваат да излезат од унифициран тренд и си се прелеваат со нивната препознатливост. А мене ако лично ме прашате изгледа сум од оние кои ја сакаат удобноста, и не мислам дека секоја креативна личност се одвојува по гардеробата, јас дури мислам дека сум и неприметлива поради удобноста која ја барам, ама да треба личноста да се грижи за својот изглед, како што кажувам тоа многу збори и за нивната психологија.

 

 

 

///

 

Стефан Рајхл

Стефан Рајхл освен што има интересно и необично презиме, себе си се декларира како неизлечив Азрохоличар (не читај алкохоличар), кој во овој свет, каде акцентот е ставен на материјалните добра, се одлучи да ризикува и да го живее сонот.

 

 

Во последниов период фокусиран си на фотографирање на настани и концерти. Зошто? Што е тоа што те влече во овој вид на фотографија?

Тоа не е случај само во последен период. Моите почетоци со фотографијата се тесно поврзани со музиката и алтернативната сцена. Не е во прашање било каква одлука туку сплет на околности. Ја имав таа среќа да израснам во едно Скопје кое имаше квалитетна алтернативна сцена и да се дружам со луге кои го обележаа тој период како и со луѓе кои и понатаму, без разлика на околностите, ја креираат вистинската историја на овој град во музичка смисла. Со самото тоа и мојата пасија спрема фотографијата е насочена кон бендови и музичка субкултура.

 

Кои ти се омилени наши и светски фотографи.

Ненадминливиот Stanley Kubrick кој преку својот фотографски талент постави високи стандарди во филмската индустрија. Тука е и сурово-реалниот Sebastião Salgado, бразилскиот фотограф кој би го нарекол фотограф на животот поради тивкитe драми кои ги пренесуваат неговите фотографии. Покрај тоа, тука е и неговиот начин на живот и односот кон Земјата. Топла препорака, ѕирнете го Вендерсовиот филм за него (Тhe Salt Of The Earth).

 

DIESEL јакна

 

Работиш како фотограф за Nocturne Magazine, еден од најдобрите балкански веб сајтови кои негуваат и прокламираат рок музика и сите нејзини видови. Како стигна до оваа позиција? Бидејќи сте повеќе фотографи, дали постои позитивна конкуренција и ако да, како изгледа и функционира тој процес?

Чест и задоволство е да се биде дел од екипата на Nocturne Magazine, а „главниот виновник” кој ме воведе во оваа приказна е Џоле (SMUT), човекот кој ми ја даде информацијата дека Nocturne Magazine бараат концертен фотограф кој ќе ја покрива територијата на Македонија.

 

Дали сметаш дека фотографската дејност полека станува загрозен вид со енормно брзиот технолошки развој и прогрес? Кој е твојот став?

Не, напротив. Сите ние имаме компјутери по дома, па не сме програмери. Сите ние имаме телефони со камери или апарати, па не сме професионални фотографи. Во нормални земји фотографскиот талент и работа се ценат доволно да можеш да си дозволиш пристоен живот, а во прашање се земји кои се далеку, далеку пред нас, баш во таа смисла на технолошки развој и прогрес.

 

 

DIESEL јакна

 

Дали ти е важна облеката (стилот) кај личноста што треба да ја фотографираш и зошто?

Некогаш стилот и облеката е токму тоа што ме привлекува за некој да се одлучам да го фотографирам, а понекогаш најдобрите фотографии излегуваат и без облека!

 

 

Кога и дали да очекуваме твоја изложба?

Па, online изложба има секогаш кога ќе излезе нова галерија од некој концерт. Што се однесува до официјална/самостојна изложба веќе некое време размислувам како тоа да го сместам во една сериозно-добра приказна, но сè во свое време.

Од концертите кои сум ги фоткал имам насобрано доста материјал, но моментално сум преокупиран со еден проект кој го започнав пред неколку месеци, се работи за црно-бели портрети… повеќе инфо во блиска иднина.

 

Comments

comments