Сакаме да веруваме дека работите што една девојка посакува да ги купи кажуваат за истенченоста на нејзиниот вкус многу повеќе од работите што реално ги купува.

Првите некако делуваат како пореална анализа врз нејзините соништа и карактер. Не мислиш? Барем ние така се тешиме во моментите кога сакаме да глумиме паметни и се одлучуваме дека парите за месецот сепак ќе ги дадеме на кирија и храна, наместо на облека.

Затоа, некогаш најдалеку што стигаме е гардеробите на City Mall или копчето „додади во кошничка“. И (некогаш) тоа воопшто не ни пречи. Но се обидовме да ја исфилтрираме листата на работи кои ги посакуваме месецов и ја споделуваме со тебе, зашто можеби ти ќе најдеш повод да се почастиш нешто симпатично во ноември.

 

6-инчни класични чизми од Timberland 

Наречи нè класични, но зимава планираме да ја поминеме на топло и удобно. Добро, можеби некогаш ќе искомпензираме со кратка сукња и добра хулахопка, зашто сериозно многу добро оди со нашите омилени окер чизми.

 

Џемпер од Replay

Уште сме во тоа расположение за бела кошула и скоро-сè-што-може одозгора. А додека уште не заладило доволно се вртиме накај парчиња за кои не сме сигурни дали се џемпер или блуза.

 

Безжични слушалки од SONY

Приметивме дека секој месец едно од парчињата по кои кенкаме е поврзано со музика. Овој пат се одлучивме за слушалки што ќе додадат малку боја на есенските сиви денови.

 

Ланче од MightyJewelry

Целосно сме опседнати со ланчињата на Александар Пешевски. Прекрасни, феноменални, неверојатни… Помогни, не можеме да престанеме. Ги сакаме сите. Сите!

 

Куфер од Parfois

Meow! Ако може на филмовите патот од железничка накај хотел да изгледа супер шик со куфер што чудно многу добро се тркала, можеме и ние. Сезонава инвестираме во добри аксесоари за патување што ќе изгледаат прекрасно до кроасанот во Париз на фотографиите на Instagram.

 

Капут од GUESS

Со години веќе го следиме правилото дека 30% од зимската гардероба ни е нежна, во свежи бои и прекрасна, а 70% е реално соодветна за преживување на македонската зима. Но иако нема да го облечеме повеќе од 10 пати, не се откажуваме од потребата од овој нежен капут.

 

Постер од Преплет

Чекаме добар повод за да и го подариме постеров на другарката со која редовно делиме шише (или две) добро црвено вино. Не само што ни се допаѓа идејата и се сложуваме дека со некои луѓе никогаш не може да биде тапа, него и лесно паѓаме на добра игра со зборови.

 

Чорапи од Women’s Secret

Ни требаат вакви парчиња. Што одговараат и не зависат од тоа дали ќе се одлучиш вечерта да ја поминеш со ќебе и добар филм или на долгото пешачење до дома после искачање, зашто сите пари за такси ги потроши на пиво.

 

Несесер од Women’s Secret

Уште едно парче што и фали на нашата патувачка-опрема. А не само што ќе ги чува безбедно и во стил нашите шминки и креми за лице, туку и ќе ни помогне добро да ги организираме со дополнителните два помали несесери кои ги содржи.

 

Cloud држач од бетон

Да, го најдовме на интернет и не планираме да нарачаме бетон од Америка, туку се почувствувавме покреативно од вообичаено и се одлучивме – да го направиме сами. Зошто да не? Изгледа едноставно и брзо, најверојатно еден викенд ќе ти биде доволен.

 

Comments

comments