Или „Местата што треба да ги посетиш во најубавиот град на светот“.

Неколку другари во последниве месец дена ме прашаа да им препорачам места кои треба да ги видат во Фиренца. Под места, нели, не мислам на Duomo и Boboli градините, туку на барови со добро аперитиво и продавнички за сендвичи на горди Италијанци во бели престилки, кои откако ќе те прашаат каков сендвич сакаш, сепак ќе ти направат некој по нивни избор.

Последни кои додека со една рака ги пакуваа ранците, со друга ми куцаа на чат прашувајќи ме за – како да ги исполнат своите 4 дена одмор во Фиренца, беа Цобе (гледаш, не те пишав Цоци) и Ивица. После 10-минутно бомбардирање со линкови на чат, се решив да им направам еден скоцкан и прегледен гугл-документ. Тоа што ќе го прочиташ во продолжение е истиот тој документ, но овој пат појачан со нивните коментари за местата на кои „ги испратив“, чисто како искрена критика и дополнително инфо на веќе проверените препораки.

 

 

Volume

Мојот омилен кафич во цела Фиренца, се изговора „Волуме“ со мек италијански акцент.

Најдобар за: Кафе преку ден или пијачка околу 8 часот навечер. Кафичот се наоѓа на Piazza Santo Spirito и е секогаш преполн со добри ликови, уметници и по некој хипстер (ок, со многу хипстери). Се наоѓа надвор од туристичкиот центар (но на само 10 минути пешки од Дуомо-то), а скоро и да нема шанси да видите турист.

Совет плус: На една од вратите внатре во кафичот има стикер Reborn. Видете го и насмевнете се.

Коментар од Цобе и Ивица: „Volume“ го фативме таман пред небото да се истури над Фиренца. Беше 19 часот, местото вриеше од луѓе, ама некако на прва топка ни дојде слободна маса. Радости. Место да покиснеме, ние пиевме добро вино, ни донесоа даскичка со грицки, и го дискутиравме шаренилото од луѓе наоколу (за тоа нешто подолу…). „Volume“ се фати нешто како одличен почеток на долга вечер. 

 

 

Volume

 

Piazza Santo Spirito

Кога сме кај тоа, мојата омилена пјаца во цела Фиренца

Најдобра за: Пиење вино од пластични чаши на скалите пред црквта.

Совет: Не се чудете ако здогледате луди луѓе. Буквално луди. Во близина има ментална болница, па често тука шетаат пациентите. Италијанците, многу програсивно, уште пред неколку децении имаат донесено закон дека ментално болните смеат слободно да шетаат надвор од болницата и дека не треба да се третираат како затвореници.

Коментар од Цобе и Ивица: Освен „Volume“ на ова плоштадче видовме повеќе интересни локали, па кој сака да му изнесат столче надвор, кој сака да си седне на скалите, секако делува дека има простор за сите. И да, видовме неколку пријатни ексцентрици наоколу. Дали се луди, кој знае, не им побаравме сертификат. Може се едноставно уфилмани хиперромантични Италијанци, меѓу двете и не може да се направи некоја особена разлика.

 

 

Pop Cafè Santo Spirito

Ако некогаш ти здосади Volume, премини од другата страна на плоштадот

Најдобар за: Тивко капучино преку ден или нели, добро вино / Aperol Spritz навечер. На ѕидот имаат слика од Tom Waits. Enough said.

Коментар од Цобе и Ивица: Посмирено од „Volume“ и со листови испечатена поезија залепени на ѕидот, „Pop Cafe“ е пријатно, нешто поинтимно место, како за пауза меѓу „Volume“ и што и да е следно.

 

 

Pop Cafè Santo Spirito

 

La Cité – Libreria Caffè

Бар со добра жива музика (вообичаено џез, но ќе мора да проверите програма за да не завршите на некоја салса)

Најдобар за: Црвено вино и џез концерт (уште еднаш – проверете програма!)

Коментар од Цобе и Ивица: Книжарница/бар/мини клуб. Додека во едниот ќош одеше жива музика (не се сеќавам што, ама таман доволно за општо весеље), во спротивниот имаше фотељи и купче книги за разгледување. Имаше книгички за Вил Ајзнер, графички новели, и уште нешто. Кое и да е расположението, „La Cité“ е одлично место за затворање на вечерта.

 

 

Gelateria La Carraia

За добар сладолед, мојата омилена gelateria 

Најдобра за: Сладолед од пистакио и црно чоколадо. Уште еднаш, ова се мои желби што ви ги наметнувам.

Совет: Девојката со лош нос е од Бугарија, воздржете се од незгодни коментари што ќе ве прогонуваат наредните 5 години.

Коментар од Цобе и Ивица: На 2 минути од „La Cité“. Од тука земаш сладолед и одиш на мост, од каде имаш добар поглед на Ponte Vecchio. Немаше Бугарка со лош нос. Или може имаше ама веќе носот не е лош. Сладоледот беше добар, но…

 

 

Gelateria La Carraia

 

Gelateria DEI NERI

Друга неверојатна и многу стара сладоледарница

Најдобар за: Ладење на мозок после 5 часовна прошетка низ галеријата Uffizi.

Коментар од Цобе и Ивица: …ова е местото на кое се вративме за уште сладолед. Сладоледот и кремовите што ги имаат измеѓу се за топење и ладење мозок во исто време. Психоделија од благо. Знае да фати гужва ради Uffizi, ама не е ништо страшно, а сладоледот и те како вреди. Инаку, сличен трип имавме и во Mostodolce, каде може да јадеш слатки направени со пиво во комбинација со одличен домашен стаут. Бидејќи немаш посебна секција за пиво, само за вино зборуваш, тука ќе гo додадам и King Grizzly. Пивото на Италијанците се ближи се повеќе кон виното и сладоледот, ако веќе не ги стигнало.

 

 

All’Antico Vinaio

За добар сендвич

Најдобро за: Сендвич со prosciutto cotto, моцарела, pasta di olive и pomodori. Се разбира, ова јас го јадам секаде. Feel free to use your wildest imagination.

Коментар од Цобе и Ивица: Сендвичот што го препорачуваат како најдобар Е најдобар. Што мирудии ставаат во него, не разбравме баш најдобро, ама доаѓа на гладно срце како кец на десетка. Местото е на две минути по излегување од Uffizi, ама сепак избегнувајте го додека Uffizi е отворено, бидејќи редот за чекање е епски долг. Ако одите подоцна, да кажеме 20 часот, веднаш е подруго. Можете да им кажете да го пресечат на половина, затоа што реално сендвичот најадува двајца. Виното што го продаваат како домашно е исто така прилично добро.

 

 

All’Antico Vinaio

 

Плоштадот пред Palazzo Pitti

Уште едно добро место за пиење вино од пластична чаша и сирење од продавница

Најдобар за: Качување на горните испакнати делови од палатата и седење со нозете во вис.

Коментар од Цобе и Ивица: Врнеше кога поминува тука, така што ова оставаме за следна посета на Фиренца.

 

 

Кога ќе влезеш во Penny Market по пиво купи и: Pasta di noci

Најдобра храна од супермаркет за доручек

Најдобра за: Лебче на тост премачкано со salsa di noci, а одозгора пршут и чери патлиџан. Или во моменти на очај со прсте директ од чашката.

Совет: Ја има само во фрижидерите на Penny Market, за жал

Коментар од Цобе и Ивица: И ова остана за некоја следна посета.

 

 

Кога ќе влезеш во Esselunga по вино купи и: Фокача

Втора по ред најдобра храна од супермаркет за доручек

Моја препорака: Фокача со маслинки. Ако се чувствувате особено храбро, со кромид, а ако сте во normcore mood, тогаш обична.

Коментар од Цобе и Ивица: Се гледа кој бил на 3-4 дена а кој живеел во Фиренца. И ова е за друга посета или подолг престој. Во супермаркет влеговме само за пиво.

 

 

Продавница со рачно изработена хартија

 

Продавниците со рачно изработена хартија

На уличката која ќе ве води од центарот накај Palazzo Pitti има продавнички со рачна изработка на убава хартија.

Најдобри за: Ако барате поклон за паметна девојка со вкус.

Коментар од Цобе и Ивица: Знаев дека нешто забораваме! Тоа е, поклони од некој друг град…

 

Comments

comments