Бројот 9 има волшебни својства. Во себе содржи магии безброј. Магија на постоењето, но и опстојувањето. Магија на неочекуваното постигнување, но и достигнување. Бројот 9 е точката до која најтешко се стигнува, но од која понатаму нема ниту враќање ниту поглед назад.

Животот е предизвик, а нашиов свет е духовна опомена, во овој универзум кој збунува со комплетна морална неутралност. Сепак, универзумот (единствениот можен Бог) има свој универзален јазик, а тоа е музиката…и сега одеднаш се станува многу понежно и поприфатливо. Барем во нашиов прекрасен Reborn универзум 🙂

9IX [PMG Jazz004] е деветтиот по ред студиски албум на Sethstat, своевидни титани на современата македонска џез музика. Ете ја нивната точка на неповрат. Местото од каде што и официјално ќе се одлепат од ова наше душманско тло, кое ниту ги разбира, ниту ги вреднува како треба и ќе почнат да лебдат во универзумот. Хармонично и смирено, лаконски фрлајќи ни по некој поглед долу нам, масовно хистерични во нашата опседнатост со дневна политика и антиклимакс на личноста.

Sethstat е бенд кој темелно и сериозно си ја остварува самопоставената задача, а тоа е вајање музички дела од супстанца, во време и место кое нема капацитет за супстанца. Нивните намери се брутално музички, чисти до болка и кореспондираат директно со универзалноста на музиката како јазик. Нивните песни се одамна подадена рака со/кон трајните светски музички и културни вредности од минатото, оние во тек, но и утрешните. Македонски бенд кој свири џез музика. Совршен пример за благодетите на глобализацијата. Наш нескромен придонес кон звукот на оваа неверојатна цивилизација.

 

 

9IX е без сомнение досега најкомплетен, најзрел и секако најдобар албум на Sethstat. Во речиси 30 годишна кариера, имаат фантастични остварувања и секој ќе најде по нешто омилено, песна и/или албум. Сепак „деветката” е толку добро смислена, компонирана, аранжирана и така виртуозно отсвирена, што е очигледен плод на долгогодишно сложување понуди кон универзумот во форма на песни и албуми. Искуство кое едноставно не може да се сокрие. Од болно убави музички парчиња до длабоко екпериментални импровизации. Од фуриозни панк-фанк бркотници, до грациозни емоционални мигови кои можете просто да ги наречете трогателни. Толку убедливо, толку прецизно (па и концизно), без милиметар празен од, или квалитативен отклон. Банален би бил било каков обид да издвојам некоја композиција како подобра, или не дај боже полоша. Ова дело има совршен баланс, се преслушува во една долга содржајна голтка, а потоа уште една и уште една и уште една….

На ова дело му се предавате во целост и без дискусија, како на ретко кој производ од нашава локална македонска дистопија. Совршен продукт кој можете да си го набавите во форма на ЦД.

Направете го тоа уште оваа сабота на 16 февруар, во популарниот скопски локал Менада, каде што ќе се одржи слушачка промоција на 9IX. Ќе ми се заблагодарите подоцна.

 

Comments

comments