Според дигиталниот речник на македонскиот јазик, утопија е именка од женски род, со значење: замислена, идеална земја, во која владеат идеални општествени односи, благосостојба и среќа. Навистина прекрасно, не?

Просто е неверојатно на колку луѓе не им чини нашата држава Македонија. Како да се тркаат меѓусебно кој погнасно и со поголема омраза ќе ја опише, мудро заклучувајќи дека треба да се „бега” од овдека. Настапувајќи од толку „супериорни” позиции, забораваат дека токму тие живеат во неа и ја прават ваква ко што е. Тажна е тоа дистопија (спротивно од утопија драги мои).

Мора да царува прекрасна утопија во главата на оној кој живее во сопствената земја, се занимава со креативна работа и трудољубиво успева да стигне до резултати на разни полиња. Успешниот човек знае дека борбата не се води на оваа, или онаа територија, туку во главата. Албумот „Од 1 до 9” на Горан Кан е нова, прекрасна церебрална победа на локалната потреба да се биде свет.

Светски се станува со упорност, труд, квалитет и континуитет. Горан Кан го знае тоа многу добро, а неговата диџеј/продуцент кариера, со очигледен успех се протега речиси 20 години. Неговото име во диџеј бутот е препознатливо и почитувано кај размазената македонска публика, а неретко гостува и по диџеј „кабините” на земјите за кои сонуваат македонските незадоволници. Редовно издава сопствена продукции и тоа за некои од нејреномираните светски електронски дискографски куќи. Работи како саунд дизајнер на филмови. Човекот го живее својот сон. Во Македонија.

Албумот „Од 1 до 9” е негов втор долгосвиречки проект издаден за македонски лејбл (PMG Recordings 152, слободен даунлоад тука).

Самиот наслов, помалку скромно не вовдеува во приказната за 9 современи електронски композиции, кои со внимателно преслушување се трансформираат во 9 бисери на современата македонска музичка продукција.

Но кога еднаш ќе започне ова сонично патување, веќе нема ништо скромно околу него, напротив: паметно е, убаво, богато, извонредно професионално и најважно од се – податно за широк спектар на користење. Дома, во автомобил, за трчање, во диско. ВО ДИСКО дами мои и господа звучи фантастично, што мене како диск џокеј особено ме радува, квалитетно натрупувајќи го мојот македонски монденски електро-техно сет.

Модерно техно по сите стандарди на најсовремената светска продукција. Просто импонира пиететот и љубовта кон електронската (техно) музика со која оваа скопска генерација дејци (Видиновски, Мачки Епицентар, Нино Флодер) приоѓа кон завршување на своето парче работа, кое резултира со вибрантна, динамична, квалитетна локална сцена. Повторно е љубов, повторно е ентузијазам, повторно е креативност и моќ. Од малку да се направи многу, од темното – светло, од бесмислата – прекрасна смисла на животот во Македонија. Како познавач, музички критичар, издавач, но и композитор, особено сум задоволен од квалитетот на албумските изданија кои се изродија последниве години од нашата сцена. Токму за ова се боревме: утопија која всушност ја живееме.

Но доволно пофалби за Горан Кан. Да слушнеме некои размислувања директно од негова уста, а потоа да се препуштиме на преслушување музика. Подобра утопија од музика нема и нема да има.

 

 

Здраво Горан. Твоето име и презиме (заедно со некои други синоними/аватари кои ги користиш), е сеприсутно пред се на домашната, но и меѓународната електронска сцена. Колку назад можеш да се вратиш и да ни кажеш збор два за твоите почетоци и што всушност те побутна да се занимаваш со звучен дизајн?

Здраво. Се сеќавам дека 1998 година прв пат пуштав музика во извиднички камп во Охрид. Пуштав тогаш све и свашта….па продолжив со јуниор и сениор забави по нашиве скопски дискотеки. Со целата таа “underground” приказна и електроника ме запознаа другарите од Белград, кога ме одвлекоа на една drum’n’bass журка. Мислам беше 2000 година.

 

Како гледаш на компонирањето/продуцирање на електронска (денс) музика? Иако за таков веројатно највеќе те знаат, сепак не си стриктно продуцент за подиум. Имаш сосем поинакви дела, музики за филм, а и се занимаваш активно со аудио дизајн. Дали тоа за тебе претставува некоја сонична севкупност, или си имаш јасна дистинкција помеѓу нештата?

Имам јасна дистинкција помеѓу нештата. Не гледам на тоа како на сонична севкупност.

 

Редовно издаваш за „странскиот пазар”. Дали можеш да издвоиш некои поважни продукции/изданија кои отишле „надвор”, а од нив си добил фид бек кој навистина те задоволил?

Би го издвоил на пример првото винилно издание, тоа е 2004 година за англискиот лејбл Primal Force. Потоа bootleg на Music is the Answer кој излезе исто на плоча, она што работев за SAF, изданието за Minisketch, ремиксот што го направив за Mark Broom кој излезе за Soma… Исто така едно од моите последни изданија за Lucky Light, каде што моја трака беше ремиксувана од Advent меѓу другите.

 

Подолго време уживаш доста голем углед кај нашата публика и како продуцент, но и како диџеј. Рефлектирајќи малку врз македонската сцена, како си задоволен од неа, дали сметаш дека има развој со кој можеме да бидеме ок тука? Воопшто фрли за Реборн еден поглед накај македонското техно (најшироко сфатено:)

Абе јас сум задоволен од нашата сцена. Доволно сум долго на неа за да сфатам дека се варира, се менуваат генерации, се отвараат нови клубови, се појавуваат нови продуценти, диџеи…Интересно ми е. Супер ни е сцената. Беше малку тапа пред некоја година 🙂

 

Што те возбудува овие денови? Музички, но и вон музички.

На музички план нешто мрачно со добар грув да ме вози. Надвор од музиките? Мојот син 🙂

 

Comments

comments