Минус неколку славни исклучоци, македонското општество, на музиката, а особено на сопствените музичари гледа од брутално примитивен ракурс.

Музичарите сè уште се оние незрели идеалисти кои работат за 5 банки, презриво фрлени од раката на богаташот, газдата, или владетелот. Сомнително едуцираната по сите параметри публика, посесивно ги држи музичарите на кус ланец на трпение, расфрлајќи се со неартикулирана емоција додека она што го слушаат одговара на нивното ниво на замислен имиџ и потреби.

Моментот кога музичарот нуди уметничка или идеолошка надградба, е моментот кога ќе се сретне со цунами од омраза на „верните фанови“, потполно неспремини и незаинтересирани за промена. Промената (change) овде е најголемиот предавник, клетиот непријател на удобната зачмаеност во толпината на калта. Отсуството на музичка критика дуе лажни вредносни меури, во кои фигурираат имагинарни светови напумпани на стероиди од суета. Отсуството на музичка индустрија и непочитувањето/неспроведувањето на законите за авторски/продуцентски права, им ја одзема легалната черга под нозете, треснувајќи ги на подот, поточно на финансиското дно.

Повеќето македонски музичари многу брзо се откажуваат, или потонуваат во овој безмилосен социо-политички вртлог. Најголемиот број од функционалните (присутни на сцената) конформираат, или едноставно имаат day job, што средно/долгорочно е погубно за песната.

 

 

Професионалните музичари кај нас се духовни командоси и вистинска реткост, а ако зборуваме за композитори со интегритет, тоа се брои на прсти од две раце. Една од тие, за мене специјални личности, е господиниот Давид Ангелевски, популарен под псевдонимот Пиколомини/Pikolomini (исто така Una и Tribute to Dead Gentlemen). Композитор кој Македонија не го очекуваше, а го доби со целата негова суптилна амбициозност. Додуша Македонија сè уште нема појма, но сигурен сум дека еден убав сончев ден, ќе се поклони. Во меѓувреме уживаме во церебралноста, естетиката и емоционалната орнаментика на неговиот трет по ред (ако го сметаме и оној со Телемама – четврти) албум Бела Птица, Црн Бран.

Ако тргнеме од насловот, Пиколомини си задал тема и совршено одговорил на неа, во духот на сопствениот перфекционизам. Музички и филозофски (лирички) познавачите на неговото дело не добиваат ништо ново или неочекувано, ами продолжеток на неговиот ѕид од размисли и сонични активности. Се раѓа свеста дека неговата амбиција не е само уште еден сјаен албум, туку динамично дело во постојан развој.

Препознатливите музички и мисловни ќошиња, можеби на прво слушање наведуваат на реплицирање познати предели, но сепак се дел од една поголема слика, ѕид од софистицирани уметнички информации во постојана еволуција. Духовно перпетум мобиле на едно момче од Градски Sид (Скопје), кое слој по слој гради нов градски ѕид врз постојниот, ѕидајќи си елегантни скали до небото, на кои сме сите поканети за елевација. Ако за момент излеземе од севкупноста на делото на Пиколомини и внимателно го заслушаме новиот албум, се издвојуваат неколку бисери, со претежно приватен хит-потенцијал. О Граѓани, Само Еден Ден и Кристал би биле мојот избор за синглови, доколку таа тенденција имаше смисол во Македонија. Но во Македонија убавината и разумот имаат смисол само приватно, па ќе си ги задржам песните за себе.

 

 

Во нерв ме погоди и топлата, маалска композиција Сервис Не Ваља и нејзиниот вознемирувачки, но логичен апокалиптички омен. Клавирските делници на албумот се совршени за моето уво, па ете ни уште еден цел град озгора врз композиторските достигнувања на господинот Ангелевски. Како што и самиот Бог го дал – миленик на критиката – не би се изненадил повторно да добие албум на годината на Канал 103.

Ќе дојде ден, кога осамените музички ентузијасти од нашава татковина ќе им ја предадат убавината и посветеноста на историчарите на уметноста. Дотогаш ќе има уште цел еден град врз Скопје, подготвен да биде откриен и ползуван од новите, поубави генерации. Не чекајте да дојде тој ден, започнете ја авантурата на откривање уште денес.

 

Comments

comments