Концертната промоција на албумот „Одрон“ ќе се случи овој четврток (13 декември) во Џепното Кино во МКЦ.

Неверојатна џез грозница го тресе овој град. Дали е тоа поради озлогласениот, силно заразен октомвриски џез вирус, или овој град едноставно прераснал во џез престолнина на југоисточна Европа (ок, западен балкан). Ќе оставам на вашиот премудар суд, драги читатели.

Но она што се случува, интензитетот, динамиката и секако резултатите, неизмерно потсетуваат на лонецот во кој вриеше младиот џез New Orleans на почетокот на 20-тиот век. Да му верувате на дедо 🙂 Познато е дека вашиот „Стар Добар” дрско го пика носот секаде каде што нешто се готви, па ќе замириса примамливо и ете ме подготвен за сонична гозба. А таму каде што го нагостувам мојот нескротлив апетит, со себе ги носам и своите читатели/слушатели.

Во октомври бевме заедно на Скопскиот Џез Фестивал, одбележавме 20 години од скопското Џез ФМ радио, а неверојатниот месец се прелеа во следниот, па во следниот, па во следниот, и така натака. Во низата од речиси десетина изданија во последниве 2-3 месеци, ете ни едно фантастично домашно албумско остварување од областа на, погодувате, џез музиката. Ок, на толку фестивалска, издавачка и свирачка акција во сите овие децении, сосем е логично да почнеме да ги береме плодовите на така поттикнатата креативност и тоа од најмладата генерација џезери.



Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски, рака на срце и не сите така млади – млади, но затоа се луди, или поточно лудо добри. Нивниот најнов албум Одрон е едно од најдобрите нешта што им се случило на моите цинични уши во 2018 година.

Звучи како саундтрак на некој од легендарните уметнички француски филмови од 60-тите години. Секој нормален филмски уметник буквално би убил за вака густа и квалитетна атмосфера. Без намера да банализирам, стилскиот опус ќе го унифицирам како мрачен експериментален џез, со повремена и прекрасна мелодиска орнаментика. На моменти неодоливо ме потсеќа на мојот омилен dark jazz бенд Dale Cooper and the Dictaphones, но сепак, господата Букршлиев, Омерагиќ и Спировски се истакнуваат со еден екстра слој музикалност, можеби последица од припадноста на најмузикалното тло на овој бели свет. Ова е уиграна тројка која долго соработува на разни проекти (Fighting Windmills, BOS Trio, Светлост и други), но се чини дека Одрон е нивен најразноврсен, најслободен и во многу погледи најрадикален албум. Тука ќе додадам и најдобар, секако за мојата вообразена ушна школка 🙂

Драги читатели, ова е музика која суптилно се аплицира врз мрачно-романтична вечера за двојца, со тенденција да премине во тензичен сексуален чин; речиси совршено за осамена прошетка низ влажното студенило на нашиот отровен, но прекрасен град; или можеби сјајно да легне во кротките приватни мигови на уживање во сопствената софистицираност и вашиот исклучителен музички вкус.

Во секој случај набавете го албумот, повеќе од прекрасно наречен Одрон и дојдете на концерт во четврток на 13 декември, во Џепното Кино во МКЦ, да посведочите за една тврдо автентична мисла, одронета директно од највредното и најамбициозното младо македонско џез музичко ткиво. Бидете паметни како што сте убави и дозволете си ваков тип класа во животот.


Comments

comments