Фотографија: Стефан Самандов

Постарите градски мангупи се посебна категорија во номенклатурата на урбаната скопска митологија.

Се работи за превеани ветерани на животното искуство, мерењето улици и безмилосното задоволување жени, луѓе кои поминале низ сито и решето: „сегде сум бил брааат, све сум видел, нема шо не знам, у длабокото, у плиткото, немој неми кажуј-немој неме знаеш”…

Дури ни вашиот стар добар М.П. не би можел да се изземе од оваа гламурозна галерија ликови кои со децении „знаат како стојат стварите”.

Овие титани на искуството, недопирливи легенди на градската пловидба, многу јасно и крајно елоквентно се изразуваат за новите клинци на повеќе начини:

  1. Копиљациве брат врска немаат денес
  2. Не ги би ва де-ца-ваа…други времиња брат
  3. Нема децаа…
  4. Младите се тапа, знаеш ти 😉

Но понекогаш, од време на време, мноооогу ретко, скоро никогаш ќе се појави по некое дете, уште потешко-тешко-тешко и цела група деца и со својата свежина, младост, талент, убавина и секако препознатливата скопска ароганција, ќе ги потсетат бесмртните сениори-господари на cool-от, дека и тие самите некогаш биле деца, кои се хранеле со сништа и се крстеле во асфалтот и бетон скопски.

Ова е мала приказна токму за таков тип група на млади луѓе, во првата половина на своите 20 години. Група мала, но кративна. Група мала, но талентирана. Група мала, но амбициозна. Најновата сјајно-сјајна скопска група/бенд…атракција, под името Pluto’s Doubts.

Постојат неколку години, а вниманието го привлекоа со неколку синглови (и видео спотови), од кои за мене, Супер Јупитер е еден од врвовите на нивното досегашно постоење.

 

 

Вистински скопски поп-хит, сместен во неоптеретена рок обланда, токму онака како што пост new wave младината ја доживува рок историјата овие денови, а тоа е сосем поинаку од нас легендарните new wave дедовци. Супер Јупитер е една од најпуштаните песни на Канал 103 во 2016 година, мој персонален фаворит.

Pluto’s Doubts, пред неколку години победуваат на Luzer Fest и со тоа се здобиваат со можност да снимат и издадат албум за Password. Албумот конечно се појавува на крајот на оваа 2017 година, дечките свират промо концерт во МКЦ и еве не во Реборн, пресреќни да напишеме неколку реда.

Албумот звучи супер. Одлично е продуциран, но тоа секако не би имало никаков смисол без очигледниот талент, свирачките способности, љубовта кон музиката, еклектицизмот и амбицијата, која овие млади скопски фраерчиња така јасно ги демонстрираат.

Нивниот звук и став се поп и тоа највеќе ме плени од се. Има една квази-интелектуална скопска парадигма или пак само се работи за наивност, по која речиси сите бендови бегаат од терминот поп и се просеруваат од мука да се опишат себе си некако помистично.

Овие дечки не се замараат и веројатно ослободени од пионерските заблуди на постарите генерации, пукаат директно во центарот.

За да правиш поп мора да имаш способност да напишеш добри песни, а тоа е една од главните карактеристики на овој бенд. Мелодиската потентност е очигледна, на моменти бравурозна и навистина ме расположува, особено од аспект на фан-исчекувач на нови скопски музики од бендови.

Bye Bye, Etna и насловната Sizif се типичен пример за успешната мелодика, но и автентичната лирика на бендот.

Текстовите се поетични и философски, на моменти блеснуваат со сиот раскош на една чувствителна душа и спокојно ја надополнуваат низата на препознатлива македонска урбана рок лирика.

Композицијата Samoglad е очигледниот врв на овој албум во секој смисол. Вистински хит на домашните радио станици, права диџеј бомба за пософистицираните македонски клубови, еден од најсериозните кандидати за домашен сингл на годината. Браво за песната!

 

 

Погоре истакнав дека амбициозноста околу музичкото богатство и аранжманите на самите песни е една од моите омилени карактеристики на бендот.

Тоа лесно упаѓа во очи и кога ги следите Pluto’s Doubts во живо. Но има мигови кога токму таа амбиција оди против интересите на бендот. Речиси во сите песни (и живи изведби) имаат hard rock (metal) break, што одлично функционира понекаде, но кога ќе стане редовна појава (а станува), ја сплескува динамиката на бендот и ја издишува еуфоријата од музиката.

Ако на оваа констатација ги додадеме и недоволно добрите (во однос на остатокот на албумот) Hegel + Kant и Kula, ќе ја добиеме понедопадливата страна на албумот. На оваа „страна” морам да ја придодадам и новата верзија на Super Jupiter. Особено ми е нејасна потребата да се прави римејк на веќе речиси совршена хит песна. Вистинско ѓуле со ланец околу ногата на Сизиф.

Но ни оддалеку нема место за очај, па главата горе! Во рацете имаме прекрасен нов албум, а Pluto’s Doubts се токму оние фантастични нови скопски деца кои сите ги очекуваме.

Сосем е во ред да се сака и насекаде да се поддржи овој бенд во моментов. Дај те им го вашето внимание и осипете ги со вашата љубов како и самиот јас. Тоа ќе биде залог да работат уште повеќе, да се надминат себе си и да ни возвратат со нови музички достигнувања. Јасно е дека огнот во нив гори.

 

Comments

comments