Bandcamp: Првиот Македонец во Вселената

 

Кога мислиме и зборуваме за музичко творештво, еден од најпозитивните и највесели зборови кои ми доаѓаат на памет, е зборот амбиција.

Креативна амбиција. Тоа е она што ги диференцира уметниците од свирачите, авторите од тезгарите. Моментот на амбиција да се напише своја песна, да се конципира и издаде албум, е клучниот миг за раѓањето на една музичка индивидуа, со солидна шанса да придонесе кон вибрантната галактичка сонична култура. Магнитудата на тој придонес, секако ќе зависи од количината на мотивација, труд во континуитет и секако музичко-општествениот талент на авторот. Сепак, по мене, и самото задоволство од креативниот напор е фантастичен старт, а што да не и комплетна исполнетост за авторот.

Албумот „Првиот Македонец во Вселената” на Александар Велики е извонреден пример за токму едно вакво музичко раѓање. Музичкиот пат на Александар (Гавровски) е долг и се протега низ повеќе од две децении, а инкорпорира фановска посветеност, радиско и клубско диџеј искуство, но и повеќе од десет години свирење бас во еден од нашите најпознати бендови, контроверзните ПМГ Колектив.

Без намера да ја намалам вредноста на досегашното импозантно присуство на нашата сцена, ми се чини дека сето тоа беше само предигра, која очекувано, или сосем изненадувачки (како за кого и зависно од тоа кој ден ме прашувате) доведе до моментот кога и тој се дрзна да напише песни и уредно ги сложи во албум.

Некој би рекол, Александар е мирен, на граница на пасивен човек, со дискутабилна работна етика и неразјаснети амбиции. Можеби. Но „Првиот Македонец во Вселената” на Александар Велики е вистински game changer во уметничката траекторија на овој довчерашен херој од сенка. Од неговото неочекувано поетско срце, преку една речиси детска и прекрасна наивност, но посветена и возрасна разработка и изведба, добиваме полна ракатка свежи и полнокрвни современи македонски поп песни. Псст, псст…од оној интелигентниот поп 😉

Неговото долгогодишно музичко искуство се трансформира во раскошна предисторија на еден непосреден сонг-рајтерски потенцијал, кој зрачи во распон од убава едноставност, па се до моменти на заводлива итрина. Квалитетот на лириката на Гавровски е на мошне солидно и воедначено ниво долж целиот албум, а можеби за глава до две над сите, е текстот за песната Сончев Ден на Депонијата – smart eko химна без трунка патетика. Се разбира не секаде е баш совршен господинот лиричар, но да не заборавиме, се работи за деби албум на убавица која се разбудила од илјадагодишна попладневна дремка. Една од круцијалните личности за ова будење и реализација на овој одличен албум е господинот Васко Атанасоски (Balkan Veliki, Studio 1060), кој се јавува како продуцент, инструменталист и издавач.

 

 

Трудот на вистинска all star екипа од македонската сцена е вткаен во реализацијата на овој проект. Синиша Евтимов, Дени Крстев, Нита Муча, Тина Горовска, Љупа Ангелов, Ерик Омераѓиќ, Теа Шалдева… се само дел од имињата кои покажаа дека Александар Велики има „леџа” големи како David Bowie од времето на берлинската ера. Сите овие луѓе на едно место и со љубов за „Велики”, зборува за волумени љубов, почит и взаемно уважување на една мала, но вибрантна сцена како нашата.

Назад на материјалот, тука е за многумина веќе легендарната Плочи; клиначкиот фејв Луѓе; болно убавата Носталгија за Tom Petty; моите омилени Свињи и Љубов е док не си Наеш Боље...Сигурен сум дека сите ќе си најдете по еден до два персонални фаворити од плочата, всушност знам дека редовно си ги потпевнувате овие заразни сонгови, додека го делкате вашиот ден низ овој чудесен град.

Токму разоружувачката ослободеност од длабоки пораки и слоевита нарација, во комбинација со лепливи музички решенија, се главната снага на ова дело. Солиден баланс помеѓу тага и инает, кој резултира со комуникативна, заљубива 38 минутна драјв тајм современа нарација. Албум кој дефинитивно не се плаши да семплува, цитира, одговара, дискутира со нашата, но и светска популарна култура ширум формативните децении кои не доведоа до овој степен на информираност и продуховеност.

„Првиот Македонец во Вселената” одлично се снаоѓа во денешницата. Не можам да предвидам како ќе одговори на предизвикот на времето, но гаам голема надеж дека авторот нема да не застане на деби албум, туку ќе продолжи да го управува својот несомнен сонг-рајтерски потенцијал кон нови врвови. Ете на пример популарната „фрка” околу вториот албум е доволен уличарски предизвик од мене до него, да видиме од што е тоа овој господин направен. И не мора да брза. Важно е да се дружиме преку песна. Моја, твоја, наша….

П.С. Деновиве добивам многу прашања во инбокс околу природата и употребата на зборот Велики. Ќе се обидам да ви дадам една сугестија, споменувајќи го името на бендот чиј фронтмен беше истиот овој господин во неговите источно-берлински денови: Александар и Миг 22

Gezuar!

 

Comments

comments