Во нивните 23 години постоење, String Forces поминаа низ секоја фаза која еден пристоен (македонски) бенд може да ја помине.

Откровение и воодушевување од нивната свежина и автентичност; фанатично следбеништво и масовна популарност; авторско ослободување и уживање во промени, кои ги носат вон од нивната комфорна зона и секако вон вниманието на пошироката публика која главно би ги сакала истите фазони, па во круг. Можеби токму затоа денешните клинци не се под хајп од овој бенд. Но String Forces никогаш не ни биле хајп машина. Нивното неагресивно, повеќедецениско присуство на нашата сцена отсекогаш се базирало на потребата од повеќеслојност и музичка комплексија, која не цели кон инстант гратификација, туку е едно континуирано истражување и зацврстување на авторскиот интегритет.

Банален би бил обидот да се опишува нивната музика, која ја доживувам како една огромна река која ги менува интензитетот, брзината и бојата, во зависност од годишните времиња на духовното расположение. На нивните досега пет албуми („String Forces“ 1998, „Izohronija“ 2002, „Silky Way 2006“, „Reductio Ad Absurdum“ 2009, „Sogoli Me“ 2016), можете да слушнете прог рок, модерен урбан поп, алтернативен рок, етно, world music, електроника, чалгија, шлагер и било кој тип езотерија и екстраординарна состојба. Било каков обид за типизирање и класификација е сосем лоша идеја.

Кон крајот на минатата година, нетипично брзо по претходното издание и во сосем неочекуван, но комплетно добредојден електро-поп стил, од String Forces го добивме мини албумот „Unsustainable Truth“. Тие го доживуваат како ЕП (extended play – нешто како проширен сингл) и најавуваат серијал од слични изданија.

 

 

За мене ова е мини албум, бидејќи и како изразен став, но и како музички профил, содржи габарит и квалитет на албум, а поради краткотрајноста – мини. Супер им прилега овој малку мрачен, но профан електронски поп, кој можеби се надзираше од неколку мигови на неодамнешниот албум, а овдека звукот се чини растеретен од компликациите и фокусиран на идеите кои ги разработуваат посебните песни. „Сети се“ е апсолутен хит, кој било која интелигентна радио станица би го вртела до бескрај. Една од подобрите македонски поп песни во последно време. „Како Сеирски“ ми звучи како позитивно повампирено Старо Скопје. И Леб и Сол и Robert Fripp. „Без Зрак“ е прог рок во модерна обланда, што само по себе сега е доста модерно. „Не се Трпи“ е 100% масло на вокалистот Александар Стојанов – Зорин, своевиден „турбо фолк” излет со смисла за хумор и интелегентна електро разрешница. Зорин ги отпејува сите вокали на „Unsustainable Truth“, додека вокалистката на бендот Александра Мангаровска – Милиќевиќ е сведена на нежни позадини. И тоа решение е пријатно освежување од кое овој албум поентира.

Тешко дека господинот Доријан Јовановиќ и неговата музикална свита ќе ги навозат клинците на својата воденица со овој албум, но прекрасно е да се види дека визијата на String Forces е сè уште жива, здрава и гладна за освојување на нови звучни пространства. Од овие луѓе и нивната дискографија има многу што да се научи. Најтопло го препорачувам да си го купите и преслушувате ова супер издание.

 

 

Comments

comments