Оваа сабота на репертоар имаш театарски претстави, промоција на албум, денови на јапонска култура па сè до настани од типот на првиот македонски record day store и концерт на Gus Gus и Mathew Jonson. Според јамб-кодексот, јак викенд во најава.

Овој викенд, на 22 април, МКЦ и АП(о)ТЕКА, во периодот од 13.00 до 18.00 часот, ќе организираат дневно дружење на платото пред МКЦ, по повод International Record Store Day 2017 (Celebrating The Indie Record Store).

International Record Store Day 2017 („Ден на независните музичките продавници“) е настан кој на светско ниво се оддржува од 2007 година, инаку започнат во Америка. За време на настанот на едно место се собираат сопствениците на независните продавници за плочи, нивните вработени и оние артисти и фанови кои се активни поддржувачи на оваа комуна и движење.

Од оваа година и Македонија се приклучи на оваа убава традиција. Следејќи го генералниот концепт на прославата и Record Store Day Macedonia 2017 одлучи да има свој Амбасадор, промотер на овој настан.

Оваа чест, во светски рамки секогаш е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите) како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го подржувале опстојувањето на малите музички продавници. Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски Амабасадор на овогодишниот македонски Record Store Day ќе ја има Васко Атанасоски (Bernays Propaganda).

Можеби најмногу поради фактот дека токму тој во изминативе 15-ина години, со изданијата на некои од своите бендови (FxPxOx, Bernays Propaganda, Ха Ха Ха…) е еден од ретките македонски музичари што го одржаа винилот како релевантен носач на звук. И токму на овој ден, International Record Store Day 2017 на својата официјална страница го најави и компилациското 7” издание Support Indie Record Stores…Not Flippers, како RSD Exclusive Release, на кое со една песна е застапен и Васко Атанасоски.

 

 

Како друг новитет, кој го промовира International Record Store Day 2017 (Celebrating The Indie Record Store) е промоцијата на уште една почест, т.н. Worldwide Record Store Legend. Worldwide Record Store Legend е титула која може да ја носи секој оној кој се смета за страсен колекционер и долгогодишен поддржувач на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници.

Кај нас оваа титула му беше доделена на Васја Ивановски, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија, редовен посетител на ретките македонски независни музички продавници, но најмногу поради неговата новинарска работа во 70-те години од минатиот век, кога преку своите написи, а потоа и со DJ-сетовите успеа да инфицира со музика една армија на млади, кои подоцна стануваа музичари или редовни посетители на тогаш единствените државни музички продавници.

Покрај укажувањето почит кон споменатите личности, самиот Record Store Day 2017 ќе биде одбележан и со промоција на издание, кое иако не е изготвено како RSD Exclusive Release, сепак судбината сакаше токму тоа да биде промовирано на ваков славенички ден. Се работи за винилно издание на ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА – „Почеток и Крај”, со бонус CD и 24 страници 12” буклет проследен со референтен историјат на групата, записи од списанија и многу оригинални фотографии. Според многумина, се работи за материјал што е Светиот Грал на македонската андерграунд сцена.

Уште еден винил што ќе биде промовиран на 22 април е вториот албум на македонскиот гитарист, пејач и кантавтор во Големото јаболко, Крсте Роџевски. По извонредниот деби албум од 2015, „Batania, ред е да го слушнеме и новиот, „Горчливи Бадеми (Bitter Almonds). Две песни од „Горчливи бадеми” се дел од саундтракот за „Бикини Мун“, новиот филм на Милчо Манчевски, кој пак го дизајнираше омотот за албумот.

Целиот настан ќе биде поддржан со DJ сетови на Васко Атанасоски, Александар Гавровски (PMG Collective) и Гоце САФ, како и концерти на француските бендови PAUWELS, PARTOUT PARTOUT и Германците THE JEFFK.

Временскиот распоред на настапите можеш да го погледнеш тука.

 

Comments

comments