Заборавете на Валентајн, 8ми март, Нова година, или Божиќ… Најдобриот ден во годината без дискусија е Record Store Day.

Барем за оние за кои музиката втисната на винил е подарок од боговите. Светски процес и вистински празник за производителите, продавачите и секако љубителите на овој специфичен начин на уживање во животот. Ден на кој излегуваат фантастичен број на специјални изданија од вашите омилени бендови ширум светот, а продавниците се селат на улиците, да ја поделат радосната вест за волшебните лековити својства на музиката. Веќе трета година и нашава земја е во синхронизиран чекор со светот. Кој друг, ако не Младинскиот Културен Центар Скопје се јавува како организатор и популаризатор на настанот. Оттаму велат дека огромна е радоста, со која во колаборација со AP(o)TEKA ве канат на дневно дружење на овој специјален ден, наречен Record Store Day, закажан за 13 април сабота, со почеток во 12 часот во паркот пред МКЦ.

 

 

Се разбира, освен купишта винили наоколу (како што вашиот стар добар си го замислува рајот), програмата ќе ја збогатат настапи на домашносветските диџеи, кои ќе пуштаат музика исклучиво на винили: Nastasja Kishkina Zdravkovska, претставник на младата независна музичка организација Скопски Грув; Бојан Чакра, еден од најпосветените колекционери на џез винил во градов; Stojche, веројатно најуспешниот скопски диџеј кој веќе некое време живее, работи и издава плочи во Берлин; и Bozhidar Jovanovich, ветеран на сцената, првиот македонски винил миксинг диџеј.

Неверојатно е задоволството со кое се најавува дека на овогодишниот, трет по ред Record Store Day, ќе биде промовиран и винилот на Александар Пејовски „Selected works vol.1“, 159/ВФ002 издание на PMG Recordings. По

 

 

По речиси десетина изданија на овој наш водечки автор на современа класика, PMG Recordings се одлучи за „винилизирање“, (некои тоа го доживуваат како давање бесмртност) на музиката на Пејовски, кој сеуште е несфатена фигура на нашава општествено-географска карта. Неговиот неверојатен квалитет и сонична луцидност, и понатаму се мистерија за оние кои во блиска иднина ќе ја закитуваат државата со неговите достигнувања. Во меѓувреме господинот Пејовски изгради сериозно високо реноме на андерграунд сцената (што само по себе е противречност), која го прифати и смета за свој. Неговата „современа класика“ го содржи сето богатство и искуство кое можете и не можете да си го замислите, а со својата грациозна просветленост, дава сосем алтернативен саундтрак за нашата скапана реалност. Ова винилно издание е вистинска мапа за откривање на така лаконски скриено благо. Авантура која го збогатува духот и ги наградува сетилата. Селекција на некои од неговите можеби најдобри дела, но и понекое досега необјавено. Плочата ваша за само 1000 северномакедонски денари.

 

 

Ако некој случајно се најде гладен, на лице место за храната ќе биде задолжен Цаци aka Fat Kitchen, омилен МКЦ резидент готвач со специјалнo пролетно гастрономско изненадување.

Внимание: Record Store Day пунчот – со тајни состојки познати само на вештерките од МКЦ и чајните колачиња, ќе бидат вистински предизвик за стрејтерите и луѓето од разум воопшто. 🙂

Ајде среќен Record Store Day и се гледаме во сабота.

 

Comments

comments