Ако мене ме прашаат, би ги дал двете раце да се приклучам на патување како тоа што го нуди Red Bull Can You Make It, но не сум студент веќе подолго време.

Накратко, се работи за авантура која зафаќа 165 студенти од над 50 држави, кои имаат на располагање 7 дена за да поминат низ што е можно повеќе држави низ Европа, а единствена валута им се лименките на Red Bull.

Јас не бев, но тимот на Borovo (составен од Волхан, Марко и Борис) како победници од Македонија, беа на ова патување и се прошетаа низ Европа како да биле низ маало. Со тој потег ми го потврдија ставот дека нашата младина е авантуристички настроена и е во константна потрага по нови предизвици.

 

Team Borovo беше првиот тим што пристигна на чекпоинтот во Даблин. Во рацете држат палки за hurling (Ирски спорт) кои беа дел од предизвикот.

 

Како се движеше вашето патување? Од каде почнавте, каде сè поминавте и која беше крајната дестинација?

Ја имавме таа несреќа нашата авантура да започне од Единбург, бидејќи посакувавме потопла стартна локација. Почетниот план беше да одиме само јужно накај Франција, но кога видовме дека чекпоинтот во Даблин носеше најмногу поени од сите, знаевме дека мораме да го посетиме. Среќата нè послужи првите два дена и за само 12 часа успеавме да стигнеме од Единбург преку Глазгов, Ирското Море и Белфаст до Даблин. Потоа од Даблин моравме повторно да го преминеме морето за да стигнеме до Велс и таму поминавме низ неколку мали градови за да стигнеме до Кардиф.

Велс не беше воопшто добар спрема нас и за жал успеавме да поминеме само 40 километри за еден цел ден. По одличниот ден во Кардиф каде стигнавме до 9тата позиција, почнаа сериозните неволји. Не можевме да го напуштиме Велс цел ден ипол и поминавме 9 часа правејќи автостоп. Ова влијаеше доста на нашата психичка подготвеност и нè однесе до нашиот максимум. За среќа успеавме да убедиме еден возач на автобус кој претходниот ден нè одби дури 2 пати, и конечно бевме на пат за Лондон. Наредните 3 часа во Лондон беа едни од најсреќните мигови за нас, бидејќи сретнавме македонка која живее во Кардиф и ни помогна во моменти кога ни беше најпотребно. На железничката во Лондон го сретнавме тимот од Словачка, тим со кој претходните неколку дена бевме заедно и еден дечко кого го запознавме во Велс. После чекпоинтот во Лондон се упативме кон Париз бидејќи немаше да имаме време да стигнеме уште до 2 града пред него. Париз беше финалната дестинација каде што се најдовме со останатите тимови.

 

Сликата е направена за еден од предизвиците на патувањето и е сликана на поток во Велс.

 

Како одеше плаќањето со Red Bull? Дали луѓето лесно ги прифаќаа вашите понуди?

Red Bull беше симбол за добрата волја на луѓето. Лесно наоѓавме храна, но немавме среќа со хостелите, па затоа сите вечери ги поминавме кампувајќи во нашиот шатор.

 

Ова е Розе, македонката која е спомената погоре во текстот, жената која им беше од огромна помош во Лондон. За нејзе момците имаа само пофални зборови.

 

Најдобра и најлоша трампа што ја направивте?

Би рекле дека најдобрата трампа беа четирите лименки заменети за превоз на фериброд од Шкотска до Северна Ирска, оброк на ферибродот и автобус од Белфаст до Даблин. Се спријателивме со еден од одговорните лица на ферибродот и тој ни го овозможи сето ова.

Мислам дека може да кажеме дека немавме лоши трампи. Поради недоразбирање за малку ќе требаше да дадеме 20 лименки за 3 оброка, но за среќа дадовме само 10, што беше солидна трампа бидејќи вечеравме во ресторан.

 

Ова е сликано после 9 часa автостоп и 3 часа пешачење во обид да излезат од Велс. Нивната порака е да не одите во Велс. 🙂

 

Што е тоа што не можеш да го трампаш со лименка Red Bull? На пример, дали е возможно да се добие авионска карта преку лименки Red Bull?

Целиот настан докажа дека е возможно да се добие скоро сè со Red Bull, од авионски карти до карти за Лигата на шампионите. Клучот е во вистинското презентирање на целиот настан и се разбира – великодушноста на луѓето.

 

Тротинетите беа нивното превозно средство во текот на целото патување. Едниот од нив не можеше веќе да им помогне и мораа да го остават зад нив. Со цел да изразат почит, му организираа соодветна церемонија.

 

Се случија спиења по паркови, гета, улици. Би го направале ли повторно тоа? Ви беше ли страв дека нешто може да ви се случи?

Улиците и парковите не претставуваа проблем колку што беше спиењето во едно од гетата во Кардиф. Беше доцна навечер и немавме побезбедно место во близина, па решивме да спиеме таму. Додека го поставувавме шаторот поминаа неколку групи на луѓе кои или сакаа да купат нешто од нас или сакаа да ни продадат.

Штом видовме дека во утрото ги имаме сите органи на нас, заминавме што побрзо од таму.

 

Comments

comments