Доделуваме вкупно 6 карти (по 2 карти на 3 читатели) за Red Sound District 4. Повеќе инфо тука.

 

Техно: cutting edge, електронски музички стил, настанат во церебралните лаборатории на детроитските пионери од втората половина на 80-тите години.

Футуристичка визија и духовна храна на луѓето на модерниот свет, настаната на машини за правење музика, под великодушна инфузија од примордијални ритмови, џез, класика, њу вејв, или било што субстанцијално кое ви доаѓа на памет. Специфичен звук, но и состојба на умот, кој 30 години го освојува светот. Последниве 10тина години доживува интензивна и екстензивна квалитативна и квантитативна експанзија. Звучи пошироко, подлабоко и понепредвидливо од било кога, а го слушаат најголем број луѓе во историјата.

Abstract Division се мошне квалитетен состав од Холандија и и претставници на новиот бран техно артисти, кои успејаа да вдахнат нова енергија во движењето. Како бенд постојат од 2010та, но Paul Boex и Dave Miller имаат повеќе од дваесет годишно искуство на сцената.

Оваа сабота, 21 април се хедлајнери на Red Sound District 4, холандско-македонски електронски фестивал, кој традиционално се одржува во Младински Културен Центар Скопје. Ја искористивме оваа прилика да поразговараме со Dave.

 

 

Ова ти е прв пат да настапуваш во Македонија. Имаш ли некакви информации за земјата? Можеби некакви очекувања?

Од топографски аспект, познато ми е дека Македонија има клима која од медитеранска преминува во континентална, што значи дека летата се многу топли, што по ужасно долгата зима во Холандија, ќе биде вистинско уживање да се дојде во април кај вас.

Уште знам дека техно сцената во источна Европа е во пораст. Последниве години настапував доста во Полска и Грузија. Обично немам никакви посебни очекувања од местата каде што не сум настапувал претходно. Исто сум свесен дека проводот вечерта доста зависи и од мојот перформанс. Се обидувам да ги приспособам сетовите во зависност од атмосферата, од времето во кога настапувам вечерта, од артистите кои пуштаат пред и по мене, локалот (во зависност дали е мал клуб, голема соба или фестивал) и секако од тоа како публиката реагира на музиката која ја пуштам.

 

Тнр. Industrial Techno е доста популарно во изминативе години. Можеме слободно да речеме дека Abstract Division е дел од тој бран. Дали го делиш ова мислење и што мислиш за целата таа техно музика кој излегува во последно време?

Техно музиката стана баш „голема“ во однос на она што беше пред 10-15 години. Има навистина многу продуценти овие денови кои се занимаваат со техно, па тоа добива на шареноликост. Нашиот стил дефинитивно не е поврзан ексклузивно со индустриал правецот. Уживам/е во тоа кога развивам/е сет со различни видови техно, па кога се креира повеќе тензија.

Да се биде етаблиран диџеј овие денови, не значи автоматски дека си и најкреативниот продуцент. Изненадувачки, непознатите продуценти, во последно време ми се чинат покреативни од оние кои се подолго време на сцената. Уживам да ги поддржам оние кои се нови и квалитетни и генерално има доволно голем избор на музика да го направиш секој настап уникатен, се разбира доколку вложиш доволно време и напор да ги пронајдеш вистинските песни.

 

Кои се вашите музички корени?

Јас започнав како диџеј вртејќи Italo и New Wave плочи, додека Paul претпочиташе Hip- Hop и Hard Core. Растејќи во 90тите во Холандија, хаус и техно музиката имаа секако огромно влијание врз нас. Сè уште чувам голем број плочи од сите периоди. Неодамна открив дека најголемиот број од моите омилени музики од 70тите и 80тите, се одредени звуци и патерни кои исто така можат да се најдат во денешното техно. Така ми стана појасно зошто сум бил фан на тие стилови во моите млади години.

 

Што доаѓа прво за тебе, што ти е поважно: диџеј или продуцент?

И двете ми се подеднакво важни, но мислам дека не би можел да живеам без да бидам диџеј. Енергијата која ја добивам од публиката за време на сетот е неверојатно искуство, кое за мене е неспоредливо со другите нешта во животот. Од друга страна, максимално уживам во процесот на креирање на нова музика во студио, и покрај тоа што е мошне исцрпувачки, со оглед на тоа дека и двајцата сме перфекционисти.

 

Како артисти и професионалци, како сте задоволни со вашето Abstract Division искуство досега? Што е следно за вас?

Како Abstract Division започнавме во 2010та и во текот на овие години некако сраснавме музички. Уште од самите почетоци вложувавме многу мисла и енергија за да развиеме наш сопствен стил и прилично сме задоволни од тоа како се случија нештата. Имаме постојана потреба да се развиваме и менуваме и на сето тоа гледаме како на еден нормален артистички незапирлив процес.

Има многу нова AD музика која постојано излегува на различни лејблови, меѓу кои Attic Music, Black Codes Experiments, Materia Obscura…Неодамна завршивме ремикс на Patrick Siech на кој сме особено горди. Секако ќе продолжиме да издаваме музика за нашиот Dynamic Reflection лејбл.

 

Comments

comments