Од оние кои носат културен и светски предзнак, нашата клубска електронска сцена манифестира најголема амбиција.

Многу скопски/македонски урбани деца сакаат да направат нешто квалитетно, #јако, незаборавно, #cool. И тоа е супер. Така растат деца, така расте сцена, така расте култура.

Добра вест е што локалната (пред се скопска) понуда е нешто над можностите на публиката, што само ја потврдува амбицијата на луѓето кои ја креираат таа понуда. Се разбира, не баш секогаш сите идеи се добри и сите фори проаѓаат, но нештата кои инкорпорираат љубов, смисла, визија и остваруваат комуникација, успеваат да привлечат внимание.

Red Sound District е фестивал на електронска танцова музика, кој во последниве 3 години успеа да одржи континуитет на комуникација помеѓу скопската (македонска) и амстердамската сцена.

Секоја година долетуваат неколку мошне интересни имиња од Амстердам, кои сосем директно и без непотребни суперлативи се претставуваат на нашата публика, секогаш заинтересирана да открие нешто ново. Не се работи за извикани „big name” диџеи кои чинат мало богатство да се довлечкаат, туку за автентични амстердамски ликови, кои ја вбризгуваат сопствената животна енергија во не секогаш гламурозните тамошни андерграунд локали.

Луѓе кои се одраз на реалната претстава на вибрантната сцена на еден град, кој отсекогаш имал што да каже во соѕвездието на европската клубска мапа.

Овој културолошки мост, изграден од електронски грув и мелодија е инициран од Марко Николовски, на светските подиуми познат како ME.N.U.

Наше дете кое подолго време живее и работи во Холандија, успевајќи да се наметне како продуцент и диск џокеј. Желбата за комуникација помеѓу градовите и сцените резултираше со првиот и извонредно успешен Red Sound District во 2015 година, кој се одржа во МКЦ Скопје на 2 подиума за танц. Успехот на овој електронски фестивал доведе до уште подобар настан минатата и надеж за топ провод оваа 2017та.

Во петок, на 7 април, МКЦ повторно ќе биде ставен во функција да биде местото каде скопското и амстердамското видување на музика за танц ќе се судрат во најпозитивната смисла на зборот.

Покрај редовните македонски RSD резидент диџеи (Видиновски, Никола Симоновски, Мирко Попов), ќе имаме можност да погледнеме/послушаме уште 3 извонредно интересни имиња од Холандија.

 

Olaf Stuut

Врвен продуцент и диџеј со импозантна биографија. Мултинструменталист кој црпи инспирација од од џез, фанк и рок, тој креира музика која би било неумесно да се класифицира жанровски. Неговата импресивна дискографија е составена од над 100 нумери, издадени само во последниве 5 години и тоа за реномирани куќи како Atomnation, Cocoon Records, Zaubernuss, Traum и Infectious Music. Како што самиот тој кажува, од неговиот сет можеме да очекуваме високо-енергетска музика и песни кои не може да бидат ингорирани.

 

 

Camiel Daamen

Длабоко навлезен во музиката уште од мали нозе, Camiel е еден од оние продуценти кои се среќни кога се затворени во студио, сами со себе, креирајќи нови звуци кои ќе го разиграат подиумот. Ибица, Холандија, Германија, Англија, Малта… ова е само мал дел од земјите во кои тој има настапено со своите сетови, примарно составено од негова музика. Тоа е продукција која содржи елементи на техно и хаус, зачинета со џез и грув елементи.

До сега има изданија за проминентни издавачки куќи како Act Natural Records, Serkal,inmotion Music, Deep Tech records, Tzinah Records, додека неговите креации може да се слушнат како дел од сетовите на многу релевантни диџеј имиња.

 

 

The Mountain

Роден и израснат во Скопје, тој е 20тина години жител на Амстердам и еден од диск џокеите кои уживаат навистина големо реноме по тамошните андерграунд собиралишта.

Резидент диџеј е во кубовите Cirtcus Klauterwerck, Queerclub и Chaos Underground.

Неговите сетови се движат во различни правци, од експериментална музика па се до тврди техно звуци. За разлика од останатите гости кои дебитираат, тој е мошне добро познат на скопската клубска публика.

Би било совршено кога би можеле да имаме оваков тип комуникација барем по еднаш годишно со сите светски градови кои значат нешто на мапата на електронската денс музика. Бајка од интер-урбана комуникација, но на едно непосредно, човечко ниво и сето тоа преку музика. Но непријатната реалност на нашата геополитика ни оневозможува да бидеме луѓето кои ќе го одживеат тој квалитет во времето кое ни е дадено. Затоа предлагам максимално да ги искористуваме, негуваме и унапредуваме нештата кои ги имаме. Добрите нешта се повторуваат. Red Sound District оваа година се повторува по трет пат. Одлична можност да уживаме во автентична, сонична културна размена на 2 подиуми за танц. Сепак, Скопје и Амстердам никогаш не биле поблиску.

 

Comments

comments