Фотографии: Александра Костадиновска
Изработка: Теодора Ваклински

 

Пред неколку недели, нашите офис-цимери Мики и Анастазија познати како „Kiosk“ (им го виде новиот вебсајт?) изработија DIY држач за лаптоп од картон.

Еден ден додека не беа во канцеларија, тивко на прсти, во стилот на Pink Panther, им украдов еден од држачите. Ме интересираше, морав да разберам од каде доаѓа цела таа фама околу држачите за лаптопи. Претходно никогаш немав користено држаш за лап топ, не можев да разберам која е поентата.

Ми требаа 7 секунди за да го сменам мислењето и да разберам дека држачот за лаптоп е брилијантно откритие (едно од погенијалните, после тркалцата на куфери) – го крева екранот на компјутерот на твоето природно ниво на очи и автоматски го подобрува начинот на кој седиш 10 саати во денот. Потребна е толку мала корекција за живеењето пред компјутер да го направи многу попријатно.

Морав да им го вратам држачот во еден момент (кога ги слушнав како се качуваат по скали) и да си направам свој. Но затоа што не смееше да биде и мојот од картон, така ќе беше повеќе од очигледно, се одлучив за друго едноставно и економично решение – ПВЦ цевки.

 

 

Потребни состојки и алатки:
  • ПВЦ цевки (за два држачи потребна ви е цевка од 2м)
  • Поврзувачи за ПВЦ цевките
  • Акрилен спреј
  • Лепак за ПВЦ цевки, или ПВЦ гел
  • Шмиргла
  • Хаус мајстор!

 

1. Исечи ги цевките по димензиите на твојот лаптоп и избруси ги краевите

За спојување на цевките потребна ни беше помош од хаус мајсторот, за да ги избруси краевите на цевките за да може да влезат во поврзувачите. Самата цевка не може да влезе во поврзувачот без употреба на таканаречена „пегла“ за спојување на овој тип на цевки за водовод.

 

 

2. Измазни ги краевите на цевките

Пред лепењето, со шмиргла измазни ги веќе избрусените краеви на цевките.

 

 

3. Залепи ги цевките

Залепи ги цевките со лепило за ПВЦ цевки, или со таканеречен „ПВЦ гел“.

 

 

4. Обои го држачот

Откако држачот убаво ќе се исуши, можеш да го обоиш со акрилен спреј. За држачот да биде уште поотпорен, можеш да ставиш уште еден слој боја и краен слој од лак.

 

 

5. Сега уживај во зголемената продуктивност

 

Comments

comments