Фотографии: Александра Костадиновска
Изработка: Теодора Ваклински

 

Ни украде неколку месеци од животот, но конечно сме при крај со уредувањето на новите Reborn канцеларии.

Пред неколку недели направивме масички од цемент, кои ќе ни ги држат сите саксии со растенија кои се трудиме да ги одржиме во живот, на ред беше да смислиме нешто што ќе ги држи сите списанија кои Диме ги собира и „чува“ насекаде.

Бидејќи, за разлика од книгите, списанијата дефинитивно ги судиме по изгледот на корицата, се одлучивме за полица на која ќе може да се видат нивните насловни страни. Од друга страна пак, сакав да ги искористам палетите кои веќе една година ми седат во подрум.

Следи ги нашите едноставни чекори и помини едно претпладне во двор на сонце, со кафе и добра музика.

 

 

За овој рексперимент ти се потребни:
  • 2 дрвени палети (120 цм х 80 цм)
  • Моторна пила за сечење
  • Електрична бормашина
  • 9 штрафови со должина од 5 цм
  • 12 штрафови со должина 3 цм
  • Шмиргла
  • Метро и пенкало за бележење
  • Мат лак (по избор)
  • Мат бела боја за дрво
  • Четка или сунѓерче за боење

 

1. Припреми и измери ги даските

Од едната палета, со помош на чекан, извади ги шајките и раздели ги даските едни од други. Исто така пред да почнеш, измери ги сите елементи. Држачките даски во овој случај ги измеривме 80 цм.

 

 

2. Исечи ги даските

Со моторната пила исечи ги даските по димензиите, трите држачки даски се со должина 80 цм. Димензиите на малите странични елементи (по два елемента за една држачка даска) ќе зависат од аголот на кој ќе сакате да бидат поставени.

 

 

3. Измазни ја површината со шмиргла

Измазни ја со шмиргла целата површина на исечените елементи и на палетата на која ќе ги поставиш.

 

 

4. Обележи каде ќе бидат поставени држачките елементи

Првата даска ја поставивме на самиот почеток, втората на 40 цм одалеченост и третата, најгорната, на 80 цм. После тоа, измери и обележи каде ќе бидат поставени штрафовите.

 

 

5. Направи дупки за штрафовите

Со електричната бормашина направи дупки за штрафовите.

 

 

6. Заштрафи ги даските за основата

Од позади, со штрафовите со должина од 5 цм, зацврсти ги држечките даски. Страничните елементи заштрафи ги со штрафовите од 3цм.

 

 

7. Избој дел од полицата

Со бела боја избој дел или некој елемент од полицата, секако тоа е по твој избор. За да се истакнат повеќе линиите, дрвото можеш да го обложиш со мат лак или со сјаен.

 

 

8. Украси ја полицата со твоите омилени книги и списанија

 

 

Comments

comments