Фотографии: Александра Костадиновска
Изработка: Теодора Ваклински

 

Време е да си ја оживееш градината. Или тераса-градината, нели.

Налетав нa многу кул саксии на интернет пред некое време. Не изгледаа премногу сложено, па си помислив – зошто да не ги истестирам моите скромни DIY-вештини во обид пролетно да си ја освежам градината? Саксиите кои се обидов да ги направам се (повеќе од) инспирирани од таканаречените „Boob Pots“, оригинално изработени од Isaac Nichols, уметник од Бруклин.

Подолу се деталните белешки од мојот DIY-обид, кои би било супер-кул да ги искористиш доколку се одлучиш да си го исполниш викендот со креативна мини-активност како оваа. Се обидов да најдам едноставен начин за како да го изведам овој Rексперимент, начин кој нема да ми одземе многу време и ресурси, и успеав.

 

 

Потребни состојки и алатки:
  • Глинамол (Ќе ти бидат потребни 2 кеси за изработка на една саксија)
  • Акрилни бои
  • Четки за боење
  • Чаша со вода
  • Мат лак
  • Сукало
  • Даска
  • Саксии

 

1. Започни со сукање на глинамолот

Најпрвин направи едноставна смеса од една ипол кесичка глинамол. Смесата постави ја на рамна површина и почни да ја сукаш со сукалото сè додека не постигнеш дебелина не потенка од 5 милиметри. Внимавај глинамолот да биде на сите места подеднакво дебел.

 

 

2. Обвиткај ја саксијата со глинамол

Следно, земи една од саксиите и внимателно обвиткај ја со претходно израмнетиот, тенок глинамол.

 

 

3. Залепи го глинамолот на саксијата

За глинамолот подобро да се „залепи“ за саксијата, убаво и силно притисни го. Доколку сакаш, можеш да употребиш и лепак, за да се осигураш дека глинамолот е добро залепен.

 

 

4. Исечи го остатокот од глинамолот

За да ги пополниш празнините (доколку има такви, а верувам дека ќе има) исечи го остатокот од глинамолот на начин на кој ќе одговара за со него да ги пополниш празнините.

 

 

5. Направи ги формите

Од половината глинамол кој ти остана наупотребен, направи две топчиња. За полесно да се залепат формите, со четка натопена во вода премини го слојот од саксијата каде сакаш да ги сместиш топчињата глинамол. Внимателно нанеси ги формите на саксијата и со прсти или со мало ноже финализирај ја нивната форма.

 

 

6. Измазни ја саксијата

Со прсти и со четка натопена во вода измазни ја внимателно површината на саксијата.

 

 

7. Направи скица од дизајнот на саксијата

Со молив направи скица од маичката која сакаш вазната да „ја носи“.

 

 

8. Обој ја саксијата

Со акрилна боја обој ја маичката на саксијата, или било кој дел кој сакаш да биде обоен, се разбира.

 

 

9. Премачкај ја саксијата со лак

За крај, за саксијата да биде поотпорна, премачкај ја со 3 слоја мат лак.

 

 

10. Пополни ги пукнатините

* Саксиите кои ги направивме со глина во текот на сушењето испукаа, за разлика од оние кои ги направивме со глимамол, кои воопшто не испукаа. Наместо да ги сокриеме пукнатините, одлучивме да ги пополниме со лепак и одозгора да ставиме златен прав, користејки ја старата јапонска техника за реставрирање на глинени садови, наречена „Kintsugi“. Во случајот со глинените саксии, користевме лепак за дрво поради неговата поголема еластичност.

 

 

11. Уживај во глетката

 

Comments

comments