3 дена, 16 клубови, 71 концерт и снежната Љубљана.

MENT е одлична платформа за љубителите на музиката, дружба која значи три дневен speed networking, showcase фестивал и конференција. Накратко беше убаво и симпатично! Беспрекорна организација, одлична селекција на програмата и прекрасна атмосфера во Кино Шишка и на Метелкова. Наградите за „најдобар мал фестивал“ и „најдобар indoor фестивал“ во Европа – тотално оправдани!

Еве дел од тоа што највеќе ми фати уво и око т.е. доза нова музика: Елена RecomMENTs:

 

Фотографија: Maša Gojić

 

Algiers (USA)

Брзо се етаблираа како еден од најполитичките и енергични бендови на денешницата. Создаваат страствена протест поезија!

Young Fathers (Great Britain)

Најчесто ги нарекуваат „хип-хоп чудаци“ кои успешно преминуваат во инди рок, со RnB и поп влијанија. Ја оправдаа „Mercury Prize“ наградата и буквално завладеаа со стејџот и публиката на првата вечер од фестивалот.

5K HD (Austria)

Мојот фаворит од програмата, а сметам и на повеќето посетители. Бидејќи обично секој одвојува максимум 15 минути за концерт (за да види што повеќе бендови вечерта), но тука сите останавме да го чуеме целиот сет. Воодушевија! 5K HD преземаат силен ризик за да го доловат својот генијален џез. Комбинираат „cinematic, downtempo pop“, dubstep и breakbeat.

Освен музичката програма, имаше и изложба насловена „appointMENT exhibition 2.0“ со изложени 69 постери креирани од словенечки дизајнери за 71 артист кои беа дел од музичката програма на МЕНТ 2018. За секој концерт, посебен дизајн!

GLINTSHAKE/ГШ (Russia)
Повеќето од вас би ги споредиле со Gang of Four, а многу пост-југословени ќе се сетат на почетокот на 1980-тите години во Белград и на new wave/пост панк групата Шарло Акробата.

 

Andraž Kajzer. Фотографија: Kaja Brezočnik

 

А за најдобро да сфатите колкаво е значењето, целта и идејата поради која постои MENT фестивал прочитајте го следново интервју со Andraž Kajzer, еден од главните организатори и родоначалници на идејата за создавање на фестивал од типот на MENT.

 

Кажи ни нешто повеќе за почетоците на MENT. Кој беше клучниот момент за да се направи таков потег да MENT стане реалност?

МЕНТ започна пред 4 години со идејата да се обидеме да ги експортираме словенечките бендови и да направиме фестивал каде што ќе можеме да презентираме претежно непознати бендови на словенечката публика. Чувствувавме дека ни треба такво нешто – платформа каде луѓето ќе можат да научат и каде бендовите ќе можат да се претстават. Нашата цел е да ги презентираме различните европски сцени и се разбира, локалната и регионалната музика.

 

Дел си од алтернативната музичка сцена многу години и тоа преку создавање на музика и организирање на настани. Кој е твојот најголем предизвик во областа на музичкиот бизнис? Која е главната цел на MENT?

Предизвиците тек допрва доаѓаат. Во моментов мислам дека најголемиот предизвик е менувањето на менталитетот на уметниците и нивното образование. Да се ​​биде професионалец не значи дека си се продал. Тоа значи дека си сериозен во врска со твојата уметност.

 

Фотографија: Nejc Ketiš

 

Дали се сеќаваш на првиот концерт на кој си бил и првиот кој си го организирал?

Еден од првите концерти беше дефинитивно The Offspring, AFI & Elvis Jackson во Хала Тиволи кога имав околу 13 години. Се сеќавам како стоев на трибината и цело време само зјапав на сцената. На крајот, еден од моите другари ми рече дека сум изгледал како да ми е досадно, но всушност, уживав!

Бев дел од тимот што организираше неколку мали концерти за едно списание што го водевме, но моето прво искуство беше во 2011 година, кога јас и неколку пријатели организиравме 20-годишнина од албумот Nevermind на Нирвана. Поканивме 13 бендови да свират на отворено во Гала Хала и беше лудило!

 

Ако можеш да букираш било кој бенд да настапи на MENT – кој би го одбрал?

King Gizzard & the Lizard Wizard. Ако го објавите ова на Фејсбук, тагнете ги 😉 Мора да се реализира овој проект. Бев на нивниот настап на фестивалот „Beaches Brew“ во Равена и ме разнесоа. 30ти јануари 2019 би било идеалено!

 

Фотографија: Nejc Ketiš

 

Кое е твоето омилено место во Љубљана?

Метелкова. Место кое ми враќа многу спомени и може да биде трансформирано во многу различни објекти и сцени на едно место.

 

Comments

comments