Rib. Еден од моите омилени македонски бендови, особено по излегувањето на албумот Farewell Hug од 2017та година.

Ако го земеме во предвид фактот дека истите дечки се и SiZ, тогаш ќе ја проширам тезата дека овој бенд е еден од најквалитетните наши бендови во моментов. Концепт, изведба, дистанца и одлична музика. Ретко кој алтернативен рокенрол бенд во моментов би можел да се пофали со овие атрибути кај нас.

Brain child на Ивица Димитриевиќ (башка човекот е и етаблиран актер), рамноправно придружен од господинот Јане Трајковски и еден од најдобрите бубњари наоколу Џано Куч, Rib самоуверено гази по соничниот автопат кој сам си го асфалтираше. Необременети од за нашите бендови анахроната потреба да се биде „значаен” и „социјално-политички ангажиран”, тие суверено владејат со post punk/new wave просторот, чисто на сонична база. Токму отсуството на лузерската потреба да се биде релевантен/независен колку да се допадне на потенцијалната алтернативна публика е нивното најсилно орудие. Својот кул го градат на чисто звучен градежен материјал, кој од албум во албум е се поубедлив. Оваа здрава амбиција е редовно поткрепена со винилни изданија, нивно модерно копаничарство кое остава неизбришлив траг на сериозност.

 

 

Ретко одат во правец на вокална надоградба на својата музика, но во оваа прилика фантастично поентираат со гостинските вокали на David Best, вокалистот на светски познатите Fujiya & Miyagi. Не дека господинот суперѕвезда направил којзнае што фасцинантно со гласот, ами само ја поддржил и истакнал маркантната музичка линија која ова наше сјајно трио ја произведува.

Да, тоа е песната на месецот јануари на Reborn, носи наслов „Rotator“ и го најавува нивниот трет албум. А каде албум тука и промотивен концерт. Доколку држите до вашата информираност како модерен човек и граѓанин на Македонија, сметајте дека вашето присуство на нивниот концерт е обврзно. Сабота 26ти јануари, Младински Културен Центар, Скопје. Нацртајте се во халата 25ти мај и проверете дали сум преголем ентузијаст кога трошам волку суперлативи за Rib. Во меѓувреме ложете се со нивниот сингл, видео спот, гламур вокален гостин и ултра модерен македонски рок звук. Кликови мои дами и господо, сакам да видам кликови во енормни количини.

 

Comments

comments