Осмото издание на фестивалот за развој на креативните индустрии Скопје Креатива се реализира под мотото „Зелено Скопје”, кое симболички ја содржи идејата за еколошката свест како култура на живеење.

Програмата опфаќа образовен, продукциски и презентациски формат и содржини од широката сфера на креативните индустрии привлечни за граѓани од различни интереси, возраст и културни заедници. Основниот програмски концепт на фестивалот се разви од уредничкиот тим на Локомотива, а одредени програмски линии се креираа во соработка со поканети уредници, професионалци од полето на дизајнот, архитектурата, музиката и филмот.

Културните и креативни индустрии се централна тема на интерес на овој фестивал, кој ќе се одвива од 31 мај до 2 јуни во Кино Култура, МКЦ Скопје и низ улиците на нашиот град.

Од богатството на овогодишната програма, за оваа прилика одвоивме неколку комплицирани мисли, директно од главата на живата легенда на македонската електронска сцена, Горан Атанасовски, во круговите подобро познат како Robotek. Присутен на сцената како композитор и диск џокеј, издавачки активен уште од крајот на 90тите, тој е еден од симболите на трансформацијата на Скопје од полузаспана паланка во град со аспирација да се движи рамо до рамо со неговите европски/светски еквиваленти. Три издадени албуми, неброено песни и тело, душа и мозок складирани во активниот корпус на техно сцената. На овогодинешното издание на Скопје Креатива, Роботек издава ЦД – мини албум и настапува во живо на самото отворање на фестивалот.

 

 

Твојава соба-студио личи на лабораторија со многу површини каде што протекува гола електрична енергија. Те удира ли струја понекогаш?

Струја ме удира главно од неиспразнети кондензатори во некои од отворените струјни кола кои ми лежат низ дневната, каде воглавном „оперирам” на тнр. „bedroom studio” ниво… Последно во редот на тоа што како музичка технологија и инфраструктура за производство и обработка на звук ме интересираше да пробам, е употреба на постар хардвер – главно готови процесори за звук и понекоја помала студиска миксета, во правец на old-school пристапот кон третман на звукот.

Јас сум дел од онаа „digital is magical” генерација на музичари и инженери кои ја базираат својата работа во компјутерски ориентирана софтверска околина. Хардверската страна ме интересираше делумно, но по долги години повторно загребав назад во тој простор, таа култура на изработка и модификација на хардвер. Соодветно на тој релативно нов интерес, натоварив дома разноразни струјни кола и на старо купени мултиефект процесори кои лежат наоколу најчесто полуотворени, па од време на време знае да ме „освежи” понекој струен удар :).

 

Приметуваме дека твојот звук е некако променет во однос на минатото. Поволуминозен, пометален, можеби посериозен, секако помрачен. Дали е тоа резултат на созревање, или можеби технолошка промена во процесот на работа? Или можеби двете?

Посериозно? Хахаха незнам искрено… експериментирајки со се и сешто, повремено се поместував и во правец на тоа да ги задржам процесорите и генераторите на звук кои ми се најприкладни за работа и најдобро звучат. Не секогаш претпоставениот професионален терк за квалитетен звук пристап е интересен. Сепак забавата е на прво место.

Техниките кои ги користев за работа во мојата основна професија како тон мајстор, доста ми помогнаа да го разиграм начинот на кој правам музика, особено за изработка на римтични парчиња како ударни звуци или воопшто ритмични или атмосферски пасажи под, или заедно со синтетичките извори на звук во композициите кои ги правам… одредени звучни елементи како што се разноразни машини или секаков тип на атмосфери кои се употребуваат во филмска и тв монтажа, спонтано ги префрлав во музиката која паралелено ја правев да одморам. Излегува дека и тие влијанија во голема мера ми ја обликувале звучната слика па и музичката инфраструктура.

Индустриски објекти и звуци на машини често ми биле инспирација од перспектива на „немузичка – сонично инспиративна слика”. Особено во последно време тоа доминираше како нешто што влијае на мојата музика како форма.

Фала богу и мојот мрачен карактер кој конечно ме проголта за сметка на мојата весела половина… хахаха. Веројатно и заради тоа во моментов музиката која ја работам така ви звучи.

 

Comments

comments